сабота, мај 18, 2024

ПОЛИТИЧАРИТЕ ИМ ГИ КУПУВААТ БИЛЕТИТЕ ЗА ИСЕЛУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ

Автор: Катерина Топалова

 

Половина од населението е без работа, јавниот долг расте. Светска банка во најновиот извештај потсети дека земјава под итно мора да се посвети на економските реформи. Јавниот долг во 2018 се зголемил во споредба со 2017 година и изнесува 49 отсто од бруто домашниот производ, забележано е забавено темпо на креирање на работни места. Причина за ова според Светска банка била ограничената динамичност на приватниот сектор.

Европската институција за статистика, пак, „Евростат“, забележува дека 40% од младите немаат работа, ниту се вклучени во процес на образование. Ваквите состојби поттикнуваат голем дел од нив иднината да ја гледаат надвор од државата.

Невработеноста е голем проблем во регионот. Стопанството бара трпение од младите, тие чекаат само на перон со билет во еден правец.

Секојдневните афери, откривање на скандали се уште посилен мотив за гледање на иднината подалеку од границата. Младите од Македонија бегаат од менталитетот кој прави равенство со духот на корупцијата, криминалот, поткупувањето, омразата и зависта.

Партизираноста на институциите и ниските плати се дополнителни причини за тоа што младите не сакаат да работат дома туку во странство. И покрај многубројните истражувања и укажувања, државата се уште е без јасна стратегија за решавање на овој проблем. Обидите да се убеди работната сила да остане дома се импровизирачки во однос на убедливоста дека системот е трул и дополнително се убива.

Факт е дека најголем поттикнувач на иселувањето е политиката. Лошите кризи и загрижувачката поделба кај граѓаните раѓаат и потхрануваат притисок и немир кај поединецот кој го јаде трпението. Власта и опозицијата постојано си ја префрлаат одговорноста за состојбите, а земјата станува невидлива по број на жители.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, вкупниот број на отселени граѓани во периодот 2005-2017 година изнесува 12.558, иако постојат индикации дека бројот на граѓани кои постојано живеат во странство е многу поголем. Дополнително, не постојат податоци за конкретниот број на млади кои се отселиле или живеат, постојано или привремено, надвор од државата. Во отсуство на официјални статистички податоци за појавата на иселувањето на младите коишто би дале основа за суштинска дебата и преземање конкретни чекори од страна на креаторите на јавни политики, ограничените информации честопати се користат за остварување на политички, лични и други цели, додека проблемот останува нерешен. Процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ отвора дополнителен простор за манипулација на јавното мислење преку споредби со искуствата на други земји по различна основа, коишто не ги земаат предвид специфичностите на македонскиот општествен, политички и социо-економски контекст.

Социјално општествена реалност е дека светот е отворен, сѐ е достапно. Тоа ги поттикнува мотивите кај поединецот лесно да се позиционира. За да го задржите младиот човек да не замине треба да му создадете услови, барем приближно добри како оние низ Европските земји. За сега мовот да остане во земјава е многу мал, или речиси никаков. Без разлика за која професија станува збор. Потребно е барем да се даде надеж дека нештата ќе се подобрат. Тешка е борбата со зачмаениот систем.

Црвеното светло одамна е запалено. Предизборните програми на сите политички партии ветуваа стратегија за запирање на иселувањето. Се чини дека батеријата на алармот се потроши. Нова ќе се купи пред следните избори! /KDP

 

Të fundit