недела, мај 19, 2024

Неумесните изјави за Рекет може политички да го „лизнат“ Заев

Рано е да се зборува за политичка одговорност за премиерот Зоран Заев за случајот Рекет, оти досега не се докажала негова вклученост. Но, случајот ѝ штети на владата, а неумесните изјави даваат можност за политичко „лизгање“, велат аналитичари.

Политичка одговорност за случајот „Рекет“, од премиерот Зоран Заев засега не може да се бара, затоа што нема докажана врска меѓу него и досега осомничените. Во објавените снимки до овој момент не се споменува ниту име на некој висок функционер, освен што Боки 13 вели дека ќе оди да се види со „човекот“ – Зоран Заев, но во јавноста сепак, одредени функционери од власта се доведуваат во прашање со аферата. А за тоа имаше индиции и во текстовите кои ги објавуваше новинарот Бранко Героски за рекетирањето.

Колку подолго трае случајот Рекет, толку повеќе штета нанесува. Од брзото разрешување на случајот ќе профитираат сите страни, вели Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет при УКИМ. И да не постои корелација, чаршијата ќе си зборува, во политиката се побитни импресиите и впечатоците, а не фактите, вели Марковиќ. Тој додава дека треба да се откријат сите шеми во процесот, но и сите актери, без разлика на која страна припаѓаат и без да се има политичка пристрасност, додава Марковиќ.

„Досега премиерот Заев не беше директно инволвиран или не постојат никакви индикации дека бил директно инволвиран во самиот случај, односно не е докажана некаква врска меѓу премиерот, Јанева, Боки 13 итн. Ова не значи дека самиот случај не прави штета на премиерот, напротив, самото негово нерасчистување остава простор за шпекулации и затоа мора резолутно и брзо да се разреши“, вели Марковиќ.

Тој додава дека односот кон обвинителката Катица Јанева ќе детерминира што понатаму ќе се случува со Рекет и дека судскиот систем не треба да се постави кон неа меко. За Заев да сноси некаква политичка одговорност ќе треба да се докаже директна врска за вмешаност во самите процеси, а дотогаш не треба да го коментира случајот, да се дистанцира од самата проблематика и да остави институциите да го завршат процесот, вели Марковиќ.

Премиерот Заев отфрла секаков вид шпекулации дека тој е вмешан во случајот. Заев изјави дека по доаѓањето на новата Влада, тие создале услови правосудството да работи непречено и го повика Обвинителството да ги изнесе сите докази кои ги има, дури и за него и Катица Јанева, доколку постојат, посочувајќи дека секој ќе сноси одговорност.

Марко Трошановски од Институтот за демократија се согласува дека во овој момент не може да се бара политичка одговорност од Заев за случајот Рекет.

„Особено што институциите на системот, пред сè Обвинителството, отворија истрага за истиот и се разбира навремено треба да покренат обвиненија и обвинителен акт, дури потоа доколку се докаже вклученост на политичари или високи владини претставници во делот на осомничените, можеме да зборуваме за некаков вид на одговорност, меѓутоа во оваа фаза е прерано и е дефокус барањето на политичка оставка“, вели Трошановски.

Но, со првата изјава по годишниот одмор, премиерот покрена низа реакции со осуда. Тој, коментирајќи ја аферата „Рекет“ изјави дека нема да дозволи некој да го инволвира него, ниту пак, како што рече „неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата еден педер“ да ја срушат Владата.

„Изјавата е резултат на нервоза и затоа што сега засега не е директно инволвиран не треба да се чувствува повикан да дава изјави за тоа, освен да поддржи институциите да си ја вршат својата работа“, вели Марковиќ.

„Секое друго вмешување, на ниво како таа изјава, дава можност политички да се „лизнете“, да направите грешка во чекори, особено што мислам дека никогаш не е добра идеја да се замерувате со медиуми, а мислам дека се користат и колоквијални термини кои дозволуваат интерпретации како оние вчера“, вели Марковиќ.

Tрошановски вели дека изјавата била неумесна и недозволива.

„Премиерот треба да се занимава не со поединци, ниту пак со професии или пак нечија сексуална определба, туку со политики, од тука сите граѓани се еднакви пред Уставот и пред владата и ваквите изјави во голема мера го нарушуваат неговиот кредибилитет, ако продолжат во иднина“, вели Трошановски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека е потребна одговорност за секој кој учествувал, директно или индиректно во случајот Рекет.

Претседателот Стево Пендаровски порача дека освен кривично-правната одговорност, инсистира и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата.

„Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и предјавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери“, рече Пендаровски.

Владата во изминатиот период се поврзуваше со низа афери, како вработувања во администрација и државни претпријатија, за кои реагираше и антикорупциската комисија, потоа наводите за тендерите и ген-секот Рашковски, нападот од страна на градоначалникот Курто Дудуш, платформите на Матка, дивоградбите во Охрид…

Примери во демократските земји сведочат дека политичари си давале оставка или паѓале влади за случаи како плаќање од државна сметка за приватни работи, доцнење на воз или авион, коруптивни афери во кои и не биле директно вклучени, туку се огрешил некој од нивната партија или нивните коалициони партнери.

Неодамнешен пример е падот на австриската влада, предводена од канцеларот Себастијан Курц. Причината за ова е политичкиот скандал кој ја урна неговата коалициска влада. Политичката криза беше предизвикана од видео снимка која се појави во јавноста на која се гледа дека заменикот на Курц, Хајнд- Кристијан Штрахе бара мито, односно нуди договори на потенцијален руски добротвор во замена за политички донации.

 

Извор: РСЕ

Të fundit