Wednesday, May 22, 2024

Свирете ја Зајди, Зајди, тивко, полека

Зајдисонцето е прекрасна глетка, прекрасен спектар на бои во кој речиси сите се заљубуваме. Магичен момент на смиреност и убавина. Но по него доаѓа мрак. Темна ноќ! 

Пишува: Катерина Топалова

„Скоро невозможно е да се гледа зајдисонце и да не се сонува“ велат романтичарите. Веројатно е така секогаш, дури и кога зајдисонцето е во вашите мисли. И сето тоа е убаво се` додека не ги помешате изгрејсонцето и зајдисонцето. Па во мислите ви доаѓа дека ќе „расцвета“ сончев убав ден, а всушност паѓа црна ноќ! Но враќање нема. 

Убавите работи во животот речиси секогаш траат кратко. Како зајдисонцето! Но ваше е да уживате во него и да се надевате дека можеби некоја голема месечина ќе даде светлост на темната ноќ!

Не ми е целта да пишувам поезија, оти романтиката одамна го напуштила нашето тло! Единствено што ми паѓа на ум како споредба за нашата состојба во државата е волшебното зајдисонце во кое сите ја гледаме надежта. Моќта на боите се ветувањата кои со децении никако да се реализираат. Ама го сакаме тоа „бојадисување“ на нашата иднина од зборовите на домачните и странските креатори на нашите животи. Уживаме во секоја теза која постојано се пласира како нова а нема сменето ниту збор. 

Секој ден е нов предизвик, за многумина за преживување. Но секој изгради свој микро свет во кој светогледот е кус, од мене до тебе и обратно, нема подалеку. Да си ја чуваме среќата меѓу нас, оти другите едноставно ја немале, а тука ние не можеме ништо. 

Кои сме? Каде сме? Колку сме? Каде одиме? Зошто го правиме сето ова?

Се повеќе сум убедена дека нема одговор на овие прашања, а ако го добиеме, пак ќе биде една од убавите бои на зајдисонцето кое ќе не однесе во мрак!

Самоуништувањето е почнато пред години, никој од нас не се обиде да стави крај на сопствениот луд ум. Напротив, сите го поддржавме на овој или на оној начин. 

Сега ни останува да запееме:

„Свирете ја Зајди, Зајди, тивко полека…“

Të fundit