петок, јули 5, 2024

ПАМЕТНАТА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА ПРОЕВРОПСКО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ

Автор: Никола Ристевски 

Паметната специјализација клучен фактор за проевропско високо образование

На македонското високо образование му е неопходна имплементација на Стратегијата за паметна специјализација, која што иако како документ беше усвоена од македонските власти пред неколку месеци, мерките за нејзино спроведување допрва треба да се реализираат. Финалниот производ треба да биде поквалитетно високо образование, коешто ќе ги задоволува критериумите на Европската Унија.

Европската комисија (ЕК) во Извештајот за 2023 година за напредокот кон европскиот пат на земјава во Поглавјето 25 (Наука и истражување) наведува дека Република Северна Македонија треба: „да ја донесе Стратегијата за паметна специјализација и да почне да изготвува мерки за нејзино спроведување.“

Инаку, под терминот „паметна специјализација“ се подразбира процес од национално и европско значење, со којшто преку низа мерки ќе се обезбеди функционален еколошки систем, со фокус на економската одржливост, развој на бизнис секторот, усовршување на кадрите кои треба да работат во полето на развојот и напредокот на домашниот пазар и конкурентноста.

Извештајот на ЕК е за 2023 година, а веќе во 2024 година земјава ја донесе Стратегијата за паметна специјализација и изготви Акциски план за нејзиното спроведување. Стратегијата има четири основни оддели, тоа се: паметното земјоделство, информациските технологии, индустријата и одржливите материјали и паметните градби. Во Стратегијата исто така може да се прочитаат анализите за тековните состојби во науката, истражувањето, иновациите и високото образование во нашата држава, како и да се прочитаат вкрстените мерки коишто се однесуваат на создавање услови за научна исклучителност.

„Доколку се реализираат барем неколку приоритети во првите две години тоа значително ќе се почувствува во економијата и во развојот на самото општество. Особено со зголемени инвестиции во истражување и повеќе и подобро платени работни места во научните институции“, вели Ратко Дуев, професор и декан на Филозофскиот факултет во Скопје во однос на Стратегијата за паметна специјализација.

Дополнително, покрај Стратегијата, македонските власти донесоа и Акциски план според којшто треба да се спроведуваат мерките за да се овозможи функционалност на системот за паметна специјализација, што го покрива и полето на научна извонредност, конкурентност, меѓународна истражувачка соработка и обезбедување услови за научна исклучителност во домените на паметната специјализација.

Акцискиот план за паметна специјализација предвидува многубројни активности за чиешто спроведување се одговорни повеќе државни институции, а се смета и на учество на дел од приватните компании во земјава, особено во поглед на кофинансирање на одредени проекти, земање учество во истражувања и овозможување на работниците од соодветните сектори да го збогатуваат своето знаење.

Кога ќе се погледне Буџетот на РСМ за 2024 година, може да се види дека за Стратегијата за паметна специјализација се издвоени 1.540.000 денари. Министерството за образование и наука и Министерството за економија се двете ресорни министерства коишто треба да се грижат за подобрувањето на човечките ресурси, истражувачката инфраструктура и интернационализацијата на секторите за високо образование и наука.

Втората целина се однесува на усогласување на подзаконските прописи за високото образование и науката, а преку носење на нови национални програми за финансирање во високото образование. Основната државна институција којашто треба да го спроведува овој дел од Акцискиот план за паметна стратегија е Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност (НСВО), и за оваа дејност не се специфицирани финансиските трошоци што ќе треба да се издвојат од државниот буџет.

Легислативата и забрзаниот технолошки напредок

Од НСВО, како основно тело задолжено за носење на националните планови, програми, правилници за формата на високото образование и други подзаконски акти, сметаат дека „состојбите во  научно истражувачката дејност во државата воопшто не се на задоволително ниво“, а тоа е на линија на ставовите на повеќето засегнати страни во ова поглавје од преговарачката рамка со ЕУ.

Прва бариера за сите луѓе кои работат во науката е бирократијата.

„Научните работници се соочуваат со многу административни пречки и проблеми предизвикани од чести законски измени и несихронизација на одделни законски одредби во различни министерства кои ги отежнуваат реализацијата на научните проекти“, коментира Ратко Дуев, универзитетскиот професор и декан на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во однос на Стратегијата за паметна специјализација, но и низа други донесени програми и планови, тој појаснува дека недостасуваат имплементациите, а тоа според него најмногу се должи на недостигот на кадри и „одливот на мозоци“ во странство.

Извор на фотографија: kallerna, CC BY-SA 4.0 <https://creativecommons.org/licenses/by-sa/4.0>, via Wikimedia Commons.

Проблемите со високото образование и науката се од поодамна, е констатацијата што ја делат и од НСВО.

„Националниот совет констатира дека државата во изминатите декади воопшто не покажувала грижа за унапредување на  научно-истражувачката дејност, па имаме застарена правна рамка, закон што воопшто не е усогласен со Законот за високото  образование од 2018 година, оскудна научно-истражувачка инфраструктура, недоволна екипираност на јавните  научни институти, осипување на научно-истражувачкиот кадар, опрема  и  услови за истражување“. Сепак, ЕК успеала и покрај сите овие проблеми, добро да ја оцени нашата држава, барем во поглед на иновациите.

Во Извештајот на ЕК стои дека: „ Во однос на иновациите, Европската иновациска матрица веќе втора година ја класифицира Северна Македонија како „иноватор во подем“, меѓутоа забележано е подобрување на резултатите од 45,6 % во 2022 година на 46,3 % од просекот на ЕУ во 2023 година“.

И покрај ваквите пофалби од официјален Брисел, може да се каже дека одредени позитивни исчекори не се доволни за да се осигура квалитетот на високото образование. Особено што прегледот на статистиките за истражување и развој на земјите од ЕУ, но и земјите-аспиранти, пак посочуваат дека Северна Македонија заостанува во поглед на бројот на вработени во овој сектор.

Тоа го заклучуваат и од Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, коишто потенцираат дека недоволната екипираност на научните институти во државата е сериозен проблем за науката и истражувањето, и се разбира високото образование.

Околу 1,5 % од вкупниот број на вработени работници со полно работно време во ЕУ припаѓаат на секторот истражување и развој, покажуваат податоците од Евростат, а кај нас тој процент е под 0,5 %. Заедно со нас е само Црна Гора, а малку повисок процент имаат Србија и Турција. Од Балканот, пак само Грција и Словенија имаат повеќе работници во научниот сектор од европскиот просек, додека во сите други балкански држави се помалку вработени академски и научни работници од европскиот стандард.

Тој проблем – недостиг на работници во науката и високото образование, пак има два слоја, едниот е во поглед на наставно-научниот кадар, а другиот во однос на административно-техничкиот кадар, којшто често се заборава иако игра важна улога во развојот на високото образование, со акцент на грижата за студентите, идните академски граѓани и научни работници.

„За вработување на наставен кадар постапките се бирократизирани, предолги и демотивирачки бидејќи наместо од потребите на високообразовните установи и научните  институти видот и бројот на примени кадри зависи од согласност на Министерството за финансии. Во однос на ненаставниот кадар, постапката е уште покомпликувана бидејќи е  потребно и позитивно мислење од Министерството за информатичко општество и адмнистрација“, појаснуваат од Националниот совет.

Може да се заклучи дека подмладувањето на кадрите во науката се одвива преку други две министерства, и тоа Министерствата за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација, а не преку самите високообразовни или научни установи. Веројатно бирократијата придонесува кон малиот број на вработени во овие сектори, споредбено со другите европски земји, коментираат од Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност (НСВО).

Повеќето од експертите се сложни дека има доста државни институции со нејасно дефинирани надлежности и права.

Професорот Дуев вели дека се создадени многу тела кои само го отежнуваат обидот за интернационализација, иако тој напоменува дека соработката со регионалните и светските универзитети се одвива на високо ниво и покрај многуте проблеми со кои тие се соочуваат. Тој додава дека бирократските проблеми ја отежнуваат визијата на сите кои сакаат поквалитетно вмрежување со универзитетите ширум регионот.

Слични информации добивме и од Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО), под чијашто надлежност се одборите за акредитација и евалуација во високото образование. Директорот на агенцијата Расим Зуфери вели дека Законот за високото образование треба да добие поголеми измени, особено во деловите каде што се регулираат надлежностите, правата и обврските на засебните институции што вршат слични улоги затоа што сега постојат одредени нејаснотии и преклопувања во доменот на работењето.

Планирање на финансии и пракса на трошење

Скоро сите засегнати страни се сложни дека финансиите во високото образование треба да се зголемат за да можат сите стратегии да се спроведуваат соодветно, а воедно да може да се обезбеди здрав развој на овие два важни сектори – науката и високото образование.

„Зголемувањето на средствата со кои ќе располагаат високообразованите установи  во  ниту еден случај не смее да падне на товар на домашниот буџет на студентите“, смета Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност.

Воедно, од таму додаваат дека зголемувањето на финансиите треба да остане обврска на државата и притоа треба да се обезбедат планови за долгорочно зголемување на финансирањето.

Еден пример за проблемот со финансии и кадар е Агенцијата за квалитетот на високото образование (АКВО), институцијата што ги одобрува студиските програми, која има само четворица вработени и еден директор. Во интервјуто со директорот, тој ни посочи дека покрај законските измени, особено е важно агенцијата да добие и соодветни услови за работа, како поголеми канцеларии, но и нови дваесетина работници кои ќе можат доследно да го мерат квалитетот во високото образование.

Со малку поопшт осврт, пак од Националниот совет изјавуваат загриженост за финансиската автономија на факултетите и нивните можности самостојно да одлучуваат како ќе се дофинансираат за да може да обезбедат подобри услови за студирање, работење и надоградување во самите установи.

„Зајакнатата финансиска автономија и можноста за самостојно располагање со сопствените средства ќе придонесе во голема мера и за вистинска кадровска автономија“, посочуваат од таму и потцртуваат дека нема развојни планови за долгорочни финансирања на високообразовните установи.

Споредувајќи се со земјите од регионот, Дуев издвои еден пример за соседна Србија.

„За споредба во Србија, само на Филозофскиот факултет во Белград се вработени 134 млади истражувачи кои работат на научни проекти, покрај 222 професори, така што не е чудо што Универзитетот во Белград е најдобро рангиран универзитет во регионот на светките листи за рангирање на универзитети“, вели тој.

Но, покрај финансиите, високото образование има мака и со самата просветна дејност. Одредени стратегии, програми и планови од Министерството за образование делуваат одлично, но тешко се спроведуваат во пракса. Еден од тие проблеми се студиските програми, времетраењето и можностите за евалуација, посочи директорот на АКВО.

Студентите и студиските програми

Стратегијата за паметна специјализација предвидува и мотивација за отворање на двојни студиски програми меѓу македонските, но и регионалните универзитети. Правилниците за тоа како треба да изгледаат тие програми, односно што да содржат ги дава Националниот совет, а елаборатите за студиски програми од факултетите и универзитетите ги оценува и одобрува Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет во високо образование.

Оваа година стигнале до 90 предлог – студиски (елаборати) програми до Одборот за акредитација при АКВО, но во некои години пристигале и многу повеќе. Денес, во Северна Македонија има над 1.000 активни студиски програми на трите нивоа на високото образование, односно дипломски, магистерски и докторски студиски програми, според коишто се држи наставата на универзитетите ширум државата. Од нив, многу мал број биле двојни студиски програми, нешто на коешто допрва ќе треба да се става акцент во иднина, особено во поглед на вмрежувањето со академиите од регионот.

Од Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност (НСВО) посочуваат дека новите национални програми и правилници треба да дадат уште појасни насоки како да се променат состојбите со застарените студиски програми и неускладеноста меѓу тоа што се учи и она што се бара на пазарот на труд.

„Неопходно е наставните програми да се модернизираат, иновираат, да се прилагодат на потребите на стопанството и на пазарот на трудот и на тој начин да станат атрактивни за приватниот сектор да вложува повеќе и потоа да има бенефит од едуцираните кадри“, велат од Националниот совет.

Стариот наставен кадар, бирократските процедури за вработување на подмладок, неорганизираноста на надлежностите на установите, слабата соработка со приватниот сектор, како и немањето волја за промени се дел од проблемите со кои се соочуваат сите, а особено студентите кои треба да се образуваат со овие проблеми. Работното место тие го бараат надвор од универзитетите, поради тоа што немаат многу прилики за вработување во секторите за наука и истражување.

„Ако во минатото главна причина биле финансиите, денес водечка причина се условите за живот, а дури последна се финансиите. Главен проблем е немање на одржлив и инклузивен економски раст, конкурентност заснована на знаење и иновации, масовна корупција и услови за работа на младите научници“, заклучува професорот Дуев во однос на повеќедимензионалноста на проблемите со коишто се соочуваат секторите за високо образование, наука и истражување во земјава.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

       

Të fundit