понеделник, јули 1, 2024

КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ДАЛЕКУ ОД ФОКУСОТ НА МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО

Автор: Сара Танаскоска

Климатските промени далеку од фокусот на македонското општество

С. Македонија да го спроведе Парискиот договор и да го донесе Законот за клима. Оваа препорака веќе трета година се провлекува во Извештаите на Европската комисија за напредокот на земјава кон зачленувањето во ЕУ, а македонските власти никако да го исполнат ваквото барање. Еколошките организации предупредуваат дека нашата земја е една од петте најзагрозени од климатските промени, додека надлежните власти молчат по ова прашање.

Невладините организации предводени од „Гоу Грин“ последниот викенд од мај годинава во скопскиот Градски парк го организираа настанот „Бараме климатска акција сега!“, преку кој ја испратија пораката дека С. Македонија е една од петте најзагрозени земји во светот од климатските промени и побараа акција од државните власти.

Претседателот на Здружението „Гоу Грин“, Блаже Јосифовски изјави дека првото нешто што треба да го направи новата влада е да го донесе Законот за климатска акција.

„Тоа треба да се донесе веднаш, бидејќи со целиот сет законски мерки што треба да се направат, ќе се овозможи да се намали негативното влијание и да се направи климатска адаптација на нашата земја“, изјави тој, додавајќи дека мерките треба да бидат сеопфатни и да се имплементираат во сите сектори.

Додека Македонија сѐ уште проблемот со климатските промени го става под тепих, земјите од Европа веќе бараат алтернативни решенија. Филип Стојановски од Центарот за климатски промени вели дека граѓаните се свесни за постоењето на климатските промени и дека светот се менува, а дел од нив овој термин го адресираат како главен виновник за промена на климата во изминатиот период.

Стојановски додава дека сите ние сме главни сведоци за промените кои следат, односно имаме топли зими без снег и долги лета кои се пропратени со топлотни бранови, но и екстремни врнежи на дожд.

„Во иднина она што е најважно за нас е дека се предвидува дека ќе имаме сè потопли лета, каде ќе имаме зголемено траење на топлотните бранови, намалување на водните ресурси и зачестени екстремни врнежи. Затоа треба да работиме на прилагодување кон новите услови, особено ова е битно во земјоделскиот сектор, кој е најизложен кон климатски промени и да почнеме да ја зачувуваме водата која во иднина сè помалку ќе ја имаме и потребно е да се насочиме кон поголема употреба на обновливите извори на енергија”, потенцира Филип Стојановски.

Според Блаже Јосифовски, претседателот на Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин Скопје“, главен виновник за помалиот извоз на земјоделски производи се климатските промени, а тие влијаат и на здравјето на граѓаните, особено топлотните бранови. Тој посочува дека државата има за 30 отсто помал извоз на земјоделство поради климатските промени.

Филип Стојановски од Центарот за климатски промени додава дека нашата земја во согласност со Парискиот договор за климатски промени ги достави соодветните национални придонеси за климатските промени за намалување на стакленички гасови. Во 2021 година беа ревидирани придонесите, кои сè уште поамбициозни.

„Севкупната цел е да се намалат од емисиите на стакленички гасови за 51% во споредба со емисиите во 1990 година (тоа би значело намалување од 82% на нето емисиите на стакленички гасови). Притоа, целта е да се постигне намалувањето на емисиите до 2030 година. Во однос на спроведувањето, сѐ уште нема голем напредок во намалувањето на емисиите и состојбата е скоро идентична“, вели Стојановски.

Доколку гледаме на национално ниво, она што можеме да го преземеме како добар пример, потенцира Стојановски, е изградба на централи за електрична енергија кои произведуваат струја со помош на обновливи извори на енергија. Тој додава дека битно е овие централи да бидат направени од страна на државата и да се во нејзина сопственост.

„Ова е од особено значење со оглед дека енергетскиот сектор е тој кој најмногу придонесува кон емисиите за стакленички гасови. Позитивен пример е зголемување на енергетската ефикасност во зградите и куќите со што директно се намалува потребата за греење и ладење и обновување на возниот парк. Јавниот транспорт треба да биде главно превозно средство во сите градови и да се развие велосипедската инфраструктура. Ова се само мал дел од примерите кои треба да се направат што поскоро”, вели Филип Стојановски.

За разлика од еколошките организации, македонските власти не се одважија да одговорат на прашањата поставени до нив. До Министерството за животна средина и просторно планирање преку електронска пошта доставивме прашања за тоа до каде е донесувањето на Законот за климатска акција и на Националниот план за адаптација на климатски промени, како и кои мерки ги преземаат државните власти во однос на справувањето со климатските промени и имплементацијата на Парискиот договор за климатски промени. Одговори на поставените прашања не добивме.

*Повлечените води на Преспанското езеро; Фото: Бојан Блажевски.

Финалната нацрт-верзија на Законот за климатска акција беше објавена од Министерството за животна средина и просторно планирање во август 2023 година, иако ветувањето на досегашната влада беше дека овој закон ќе биде донесен во 2022 година. Главниот потег за усвојување на ова законско решение сега е на пратениците во Собранието на РСМ, кои треба да го усвојат Законот за климатска акција, а во спротивно сè поизвесно е дека земјава и во извештајот за 2024 година ќе добие критика од Европската комисија дека спровела ограничен напредок кон членство во ЕУ во однос на Поглавјето 27, кое се однесува на животната средина и климатските промени.

Активистот и советник во Општина Центар од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, Јане Димески од мајскиот настан „Бараме климатска акција сега!“ испрати порака дека малку се зборува за климатските промени, односно дека политичките партии не го опфаќаат ова битно прашање. Првата временска одредница 2025 година изгледаше далечна кога се објавуваа првите национални извештаи за климатските промени, вели тој, додавајќи дека од тогашен аспект изгледало дека имаме доста време да се подготвуваме за да се преземат опсежните мерки кои се планираат во тие извештаи за да се ублажат промените кои веќе ги живееме.

Цели соголени ридови на шума како последица на пожари кај Кокино; Фото: Бојан Блажевски.

„Голем дел од тоа што требаше да се спроведе, не е спроведено и оваа тема сè уште не е издигната на нивото на национална политика. Климатските промени ќе бидат толку сеопфатни, што ќе го допрат секој дел од нашето секојдневно живеење“, изјави Јане Димевски.

А дека состојбата со влијанието на климатските промени на севкупното македонско општество е повеќе од сериозна, говори и изготвениот атлас на природни непогоди што го изработи Центарот за климатски промени, во којшто, како што напоменува Филип Стојановски, даден е прегледот на природните непогоди што се случиле во земјава во периодот од 2005 до 2021 година.

Атласот на природни непогоди покажува дека над 90 отсто од природните катастрофи што се случиле во земјава во овој период се поплави и пожари. Вардарскиот регион е најизложен на екстремни временски неприлики, додека општините Кочани, Кавадарци, Кратово, Неготино и Велес се најранливи и најизложени на пожари. Најзагрозени од поплави се општините Чешиново-Облешево, Кочани и Демир Хисар. Она што е забележливо од анализираните податоци на Центарот за климатски промени е дека во последните 10 години се зачестени пожарите и поплавите во периодот од март до септември, а што пак директно се поврзува со покачувањето на просечните температури на воздухот и влијанието на климатските промени во земјава.

Самите еколошки организации апелираат дека битката со климатските промени е битка на секого, а мерките не може да ги спроведува само еден или неколку субјекти. Потребна е ангажираност од сите во македонското општество, почнувајќи највисоките државни власти, преку општините и невладините организации, компаниите со особен акцент на индустриските и енергетските капацитети, па сè до менувањето на секојдневните навики на граѓаните.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

             

Të fundit