сабота, јули 27, 2024

ЕВРОПСКИТЕ ХОРИЗОНТИ НЕ СЕ ГЛЕДААТ БЕЗ ВЛОЖУВАЊА ВО НАУКАТА

Автор: Никола Ристевски

Македонските власти издвојуваат за над пет пати помалку средства во науката во споредба со земјите-членки на Европската Унија (ЕУ). Во Буџетот на РСМ за 2024 година за науката се издвоени скромни 0,129%, за разлика од државите во ЕУ кои за наука просечно трошат околу 0,74% од нивните буџети. Европската комисија (ЕК) го констатираше овој горлив проблем и во минатогодишниот Извештај за напредокот на земјава на евроинтеграцискиот пат, каде критики има и за владата, но и за приватниот сектор дека премалку инвестираат во науката и истражувањето.

„Во текот на наредната година земјата треба да ги зголеми инвестициите во истражувањето во согласност со приоритетите на Европската истражувачка област“, стои во минатогодишниот Извештај на Европската комисија, каде што се забележува дека иако има номинално зголемување на буџетските средства за наука и истражување, сепак процентот од државниот буџет издвоен за наука е значително низок.

„Меѓутоа, инвестициите во истражувањето и иновациите сè уште се ниски и изнесуваат 0,38% од БДП, а учеството на приватниот сектор во севкупните истражувања е уште пониско и изнесува 0,1% од БДП, констатираше лани Европската комисија. Ако се споредиме со земјите од ЕУ, има огромна огромна разлика, бидејќи тие издвојуваат околу 2,27% од бруто-домашниот производ (БДП) за наука и истражување, што е дури шест пати повисок процент од инвестициите во земјава.

Нискиот процент на средства издвоени за науката од државниот буџет е сериозен проблем што треба да се решава, затоа што намалувањето на финансиите за универзитетите имплицира и намалување на квалитетот на високото образование, но и развојот на науката, смета пензионираниот професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Меѓународниот ранг на универзитетите зависи и од тоа колку финансии ќе се определат за нивно функционирање, но и колку средства ќе се издвојат за поткрепа и поттикнување на идните кадри кои треба да ги заменат постарите, вели професорот Стафилов.

„Отсуствува финансирањето на националните научно-истражувачки проекти, финансирање на стипендии за докторанти и магистранти кои студираат во земјата, континуирано финансирање на набавка и одржување на научно-истражувачката опрема, финансирање на учество на научни собири во странство“, потенцира професорот Трајче Стафилов.

Извор на фотографија: Michal Jarmoluk from Pixabay

 

Државата, смета тој, треба да одвојува повеќе средства за финансиска помош на специјализантите, магистрантите и докторантите, за да може идните кадри успешно да ги водат своите студии, да се натпреваруваат за вработување и да придонесуваат кон развојот и напредокот на науката.

Стафилов додава дека македонските власти ги мешаат средствата издвоени за науката со оние за образованието, па така се вклучуваат средства за преводи на учебници во буџетот за науката, иако тоа се средства за образование. И финансирањето на стипендии и школарини за додипломски студии на млади студенти на најпрестижните универзитети во странство никако не може да се реализира со издвојување на средства од буџетот за наука, дециден е професорот Стафилов.

Од Министерството за образование и наука (МОН) пак велат дека финансиските средства за наука и истражување се зголемувале во последните години, како и дека преку два конкурси ја зајакнале научната фела.

За таа цел Буџетот за научноистражувачка дејност во 2022 година е двојно зголемен споредено со 2021 односно од 80 милиони денари во 2021 на 218 милиони денари во 2022 и 225 милиони денари во 2023 година“, одговараат од МОН.

Преку Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси) и преку Конкурс за распределба на средства за финансирање на научно-истражувачки проекти на Јавните научни установи, во периодот 2021-2023 година биле распределени речиси 4 милиони евра од државниот буџет. Притоа, финансирани биле 44 научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес, како и дополнителни 7 проекти на јавните научни установи.

Други мерки што ги промовира МОН за да обезбеди поголема соработка меѓу академската и бизнис заедницата се иновациските ваучери, преку коишто се користат услуги од академската заедница. 31 претпријатие било корисник на таков иновациски ваучер. Од нив, 13 за прв пат користеле ваучер, а 15 фирми ја продолжиле соработката со академската заедница.

И приватниот сектор премалку издвојува за наука

Забелешките на ЕК од минатогодишниот Извештај за напредокот на земјава не се однесуваат само на државниот буџет, туку и на средствата што ги издвојува приватниот сектор за наука и истражување. Препораките на ЕУ се во насока на зголемување на соработката меѓу приватниот сектор и јавните научни установи во земјава. Особено важно е продлабочување на нивната постојана соработка, како и поттикнување на нови начини за заеднички вложувања во науката и истражувањето.

За укажувањето од ЕУ дека учеството на приватниот сектор во севкупните истражувања изнесува само 0,1% од БДП-то на земјава, стопанските комори прстот на одговорност првенствено го вперуваат кон властите.

Па така, Стопанската комора на Република Северна Македонија (РСМ) се сложува дека државата треба повеќе да вложува во науката, истражувањето и иновациите, особено на полето на зајакнување на капацитетите за производство на иновативни и конкурентни производи со додадена вредност, што ќе овозможат зајакнување на состојбите во државата и подобро позиционирање во преговорите со ЕУ.

Стопанската комора на РСМ, меѓу другото, вели дека организира Коморски инвестициски форум каде што се вложува во засилување на капацитетот на приватните компании за да може тие да бидат конкурентни во Западен Балкан, па и во ЕУ. Идејата, изјавуваат тие, е да се создаде јавно-приватен дијалог за обезбедување одржливи услуги за извозните компании.

Преку Софиската декларација за зелена агенда за Западен Балкан, Стопанската комора на РСМ оформила Центар за циркуларна економија, што ја третира оваа тема и преку разни проекти се обидува да поттикне имплементација на Европскиот зелен договор и во регионот на Западен Балкан. Проектот насловен „Циркуларна и зелена економија базирана на соработка наука-бизнис“ е спроведуван од Центарот за циркуларна економија од нивна страна, а во соработка со Научно-истражувачкиот центар за циркуларна и зелена економија на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Овој проект е насочен за изнаоѓање на решенија на „незелени“ индустриски процеси и развој и примена на нови „зелени решенија“ за македонската индустрија.

„Комората воспостави континуирана соработка и со останатите универзитети, со цел засилување на врската помеѓу науката и бизнис секторот преку заеднички проектни активности“, велат од Стопанската комора на РСМ.

Позитивни примери за соработка меѓу науката и бизнисот издвојува и професорот Стафилов, кој споменува дека некои приватни компании имале продлабочена соработка со Институтот за хемија на УКИМ, каде што долги години беше професор и тој самиот, а пак некои македонски компании имале основано и сопствени институти во рамките на компаниите за да може подобро да се впуштат во проучувањето на науката, иновациите и пристапот до европскиот пазар.

Сепак, од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија сметаат дека земјава е чекор позади и во споредба со земјите од регионот, кога станува збор за инвестициите во науката и истражувањето.

„Во споредба со земјите од Западен Балкан, како што се Албанија, Косово и Србија, Северна Македонија можеби е подоцна во развојот на овие сектори“, велат од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија.

Тие додаваат дека имало напори за подобрување на оваа ситуација, вклучително и зголемени јавни и приватни инвестиции во науката, истражувањето и иновациите, но во меѓувреме, и земјите од Западен Балкан забележале раст во овие области, со неколку успешни иницијативи за зајакнување на научната инфраструктура и поттикнување на иновациите.

Образованието и дигитализацијата се основните проблеми со коишто се соочуваме како држава, сметаат од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија. Во однос на дигитализацијата, посочуваат дека информациско-комуникациските технологии, енергетиката и здравството се основните интереси на приватниот сектор во нашата држава и дека државата треба поактивно да се вклучи во инвестициите во овие сектори.

ДЗС: Најмногу научници имаме вработено во високото образование

Податоците на Државниот завод за статистика посочуваат дека најголемиот дел од вработените научници во земјава се во високото образование. Сепак, и деловниот сектор вработува солиден број на истражувачи во споредба со секторот Високо образование. Од вкупно 3.361 лицe во истражувачко-развојната дејност што работат на неопределено или определено време, 507 се во деловниот сектор, додека дури 2.380 се во високото образование.

Стопанските комори и стручната фела велат дека проблемот со недостигот на научни истражувања и вложувања во нив се крие и во образованието, коешто е тесно поврзано со науката. Блискоста на овие два сектори – образование и наука, особено науката и високото образование, може да се погледне и низ нивните одговори, во кои вообичаено проблемите во овие сектори ги ставаат во ист кош, па решенија се бараат истовремено и за едните и за другите.

Многу важно е дека треба да се реформира образовниот систем со цел истиот да произведува соодветна работна сила која ќе ги задоволи потребите на економијата, односно приватниот сектор. Со цел да станеме поконкурентни треба да се работи интензивно на подобрување на главниот столб на економијата, а тоа секако дека е човечкиот капитал“, велат од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија.

И универзитетскиот професор Трајче Стафилов вешто заклучува дека проблемите и решенијата за науката и образованието секогаш се испреплетуваат, но и појаснува дека не смее да се мешаат овие два тесно поврзани сектори.

Тој коментира дека за подобрување на состојбите во науката и истражувањето треба да се свртиме и кон младите. Стафилов предлага три мерки, и тоа: поддржување на младите преку нивно стипендирање во државата при нивното унапредување преку специјализации, магистратури и докторати, подобрување на условите за нивната работа и вработување на млад кадар на факултетите и институтите за да им се обезбеди иднина на младите научници во земјава.

„Само како илустрација, на УКИМ ваква согласност е дадена еднократно пред 2-3 години, а од 2010 година немаше вработувања на ниту еден млад кадар“, поентира професорот Трајче Стафилов за алармантната состојба која ја отсликува темата за вниманието што се одвојува во земјава за науката и истражувањата.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

 

           

Të fundit