петок, мај 17, 2024

ВЛАДА БЕЗ ДУИ – КОГА ЕГОТО Е ПОВАЖНО ОД ЦЕЛТА

Овој нестабилен однос меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, сепак, досега се карактеризираше со политички прагматизам. Поради внатрешната политичка и безбедносна стабилност, ВМРО-ДПМНЕ прифати коалиција со ДУИ, која дотогаш ја означуваше како „терористичка група“ поради корените од конфликтот во 2001 година. Од друга страна, ДУИ во 2016 година прифати коалиција со СДСМ за да се реши проблемот со името со Грција и да се оди напред кон интеграција во НАТО и ЕУ, иако нејзиниот поранешен лидер Зоран Заев објави „бомби“ со кои компромитираше многумина високи фигури на „интегристите“.

Пишува: Џелал Незири

Политиката е театар на емоции кој има прагматичен режисер. На старогрчки зборот прагма означува извршена работа, факт. Во политички контекст, прагматизмот значи употреба на зборови, мисли или емоции за да се заврши конкретна акција или план. Сè е во функција на крајната цел. Прагматизмот ги мери политиките само според нивниот конечен исход, а не според степенот до кој една идеја е промовирана. Идејата и идеалот се многу важни за мобилизирање на масите, бидејќи тие го сочинуваат она што се нарекува идеологија, но на крајот треба да ги засукате ракавите за да ја завршите работата што треба да се заврши. Лидерите, пак, не се издвојуваат по своите зборови, туку по одлуките и постапките што ги преземаат!

Проблем настанува кога главната цел во политиката е да се задоволи личното или егото на  мнозинството членови на некој субјект. Ова се случи со условите што ги постави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски на средбата што ја имаше со премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој стави на маса две опции за гласање на Францускиот предлог, кој предвидува вклучување на етничките Бугари во Уставот, како предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ: Првата опција – проширена влада која би ги усвоила уставните измени, кои би стапиле во сила со денот на пристапувањето на земјата во ЕУ; и втората опција – усвојување на уставни измени и предвремени избори, со дополнителни гаранции од ЕУ дека Бугарија повеќе нема да ја блокира Северна Македонија. Во двете опции, ВМРО-ДПМНЕ има главен услов: Влада без ДУИ.

Овој став горе-долу наликува на вицот со двајца љубоморни пријатели кои одат на риболов: откако ќе ја фрлат јадицата во реката, еден од рибарите ја фаќа златната рипка. Златната риба, како и секогаш, му вели да ја пушти, а за возврат ќе му исполни три желби. Но, таа го известува рибарот дека секоја желба што ќе му ја исполни, неговиот пријател ќе заработува двојно повеќе. Прва желба, вели рибарот, сакам луксузна куќа, но неговиот пријател добива две. Втората желба, вели, сакам еден тон злато – пријателот два. Кога видел дека пријателот добива двојно од тоа што ќе побара, рибарот кој ја фатил „златната риба“ гордо ја кажува третата желба: извади ми едно око!

Ако целта на условувањето на гласањето на уставните измени е политички реваншизам кон ДУИ, тогаш може да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да дојде до власт и да ги спроведува своите политики. Целта на партијата на Мицкоски е смена на ДУИ од власт и неможност да го реализира своето клучно ветување на изборите во 2020 година – премиер етнички Албанец. Без разлика што ВМРО-ДПМНЕ можеби нема да ја преземе власта и по изборите во 2024 година!

Факт е дека има тензија во дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, предизвикана од ДУИ во 2016 година, кога одби да ја продолжи коалицијата и му овозможи на СДСМ да формира влада, иако освои два пратеници помалку. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владата формирана по тие избори е нелегитимна за етничките Македонци, бидејќи не се почитувала волјата на мнозинството гласачи. Ова беше карма за ВМРО-ДПМНЕ, која во 2006 година формираше влада со ДПА, иако ДУИ имаше добиено повеќе пратеници. Две години подоцна ДУИ успеа да и наметне на ВМРО-ДПМНЕ формирање на владината коалиција по принципот „победник со победник“, соработка која траеше до изборите во 2016 година.

Овој нестабилен однос меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, сепак, досега се карактеризираше со политички прагматизам. Поради внатрешната политичка и безбедносна стабилност, ВМРО-ДПМНЕ прифати коалиција со ДУИ, која дотогаш ја означуваше како „терористичка група“ поради корените од конфликтот во 2001 година. Од друга страна, ДУИ во 2016 година прифати коалиција со СДСМ за да се реши проблемот со името со Грција и да се оди напред кон интеграција во НАТО и ЕУ, иако нејзиниот поранешен лидер Зоран Заев објави „бомби“ со кои компромитираше многумина високи фигури на „интегристите“.

Факт е дека од формирањето во 2002 година до денес ДУИ е дел од секоја влада. Исклучок е периодот 2006-2008 година. Сепак, во секој изборен циклус партијата на Али Ахмет е прва по бројот на пратеници.

Ако кампањата ја карактеризираат емоции, за формирање влада се потребни бројки. На изборите во 2020 година, Заев значаен дел од кампањата ја помина со ветување дека ќе ја испрати ДУИ во опозицијата. Но, по изборите, тој ја продолжи коалицијата зошто – бројките тоа го наметнаа.

Во политиката нема трајно пријателство или непријателство. Само интересите се трајни. Политичарите со големо его се привремени. Оние чие его е поголемо од тежината на нивните партии. Принципите и вредностите се важни во политиката, бидејќи тие се сржта на идеологијата, но на крајот на денот тежат помалку од конкретните интереси. Ако треба да се заврши некоја работа, а тоа е во општ интерес, таа треба да се заврши и со ѓаволот. Емоциите и личното его немаат место во политиката. Ако за некој човек егото е поважно од целта, тогаш нема место во една вибрантна политичка сцена, како онаа во Северна Македонија.

Artikulli paraprak
Artikulli tjetër

Të fundit