петок, мај 17, 2024

БЕЗИДЕЈНА ИДНИНА

Од времето на комунизмот имаше една сочна шега, којашто и ден – денес е актуелна а се однесува на еден голем комунистички лидер од соседството, чиј народ е денес претендент за вбројување на листата на народите во македонскиот Устав. За него потајно се велеше дека има напишано и објавено повеќе книги во својот живот, отколку што има прочитано. Ех, токму ваква е сликата за македонскиот политичар денес!  

Пишува: Катерина Топaлова

Optimus orator est, qui paucis verbis plurima dicit… Уште од најстари времиња голмите реторски имиња кои го обликувале политичкиот живот во своите општества биле апсолутно свесни за моќта на изразот, вештината на комуникација и поентирањето од истата. Јасноста на мислата, владеењето со говорот и трансмисијата на зборот, секогаш биле пакувани и сервирани на наједноставен и најповршен начин разбирлив за плебсот и доволно јасен за патрикиите за да можат истите прости пораки да го толкуваат меѓуредови.

Следејќи ги пораките и јавната комуникација на македонските политичари кон и со народот, едно можам да заклучам, дека едноставноста и точноста на своите тези, идеи и мисли е надвор од каква било рамка на некаква вештина, знаење и апсолвирање на наученото. Обидот за демиситифицирање на нивните мисли ги оддалечува се повеќе од компетентноста да се биде солиден политичар со издржан став. Токму тука потфрлаат сите македонски политичари, притоа соголувајќи се пред својот аудиториум како некомпетенти, плитки и неумесни во политиката. Притоа, од ден во ден менувајќи ги своите погледи, ставови и мисли за одредени политички случувања од чија имплеметација зависи и нашата иднина, извртувајќи ги на максимално неумесен начин и правјеќи ги целосно неразбирливи и конфузни, барем за обичниот народ.

Од колнење во фамилии, до шарлатански изјави, таква е македонската политичка сцена којашто ја гласаме, секогаш фаќајќи се за помалото зло. Нивната некомпетенција и нехаризматичност, најмногу се огледува во нивната неспособност да направат или барем да бидат опкружени со паметни и искусни луѓе чија мисла вреди и тежи, и ја има, постои во Македонија, арно ама пустата суета и површност не им дозволува некој друг да им продава басни… Со тоа ставајќи се свесно на страната на идолопклонството на нивниот лик и дело, или што би рекле старите „уште некрстени“, претендираат да станат политички мудреци без дела и без зборови, но комлетно способни за мудрување и замајување на голем дел од јавноста со разно – разни ветувања – од вселенски програми, Google и Microsoft инвестиции, па се до промена на Устав и внесувањето на Бугарите во него.

Од времето на комунизмот имаше една сочна шега, којашто и ден – денес е актуелна а се однесува на еден голем комунистички лидер од соседството, чиј народ е денес претендент за вбројување на листата на народите во македонскиот Устав. За него потајно се велеше дека има напишано и објавено повеќе книги во својот живот, отколку што има прочитано. Ех, токму ваква е сликата за македонскиот политичар денес!

Неуспешна лидерска средба со изјави на главните протагонисти, изјави кои сигурно еден ден ќе се проучуваат на студиите по политички науки и комуникации, како во суштина не/треба да се општи со јавноста. Критиките главно одат на грбот на лидерот на опозицијата, кој за обичните луѓе даде еден сосема нејасен и прилично конфузен став, кој имаше за цел пред сѐ да го симне товарот од неговите плеќи по однос на политичките притисоци од странските фактори врз него, по однос на поддршката за внесувањето на Бугарите во Уставот и поддршката на опозицијата во процесот на евроинтеграциите, правејќи го максимално кооперативен. Јас си го направив своето, прифатив сѐ што бараат, но еве неколку дополнителни барања од моја страна… Од тој поглед мисијата му беше успешна. Но ако се направи анализа на сите негови контра одговори на понуденото, тогаш со сигурност констатирам дека е заглавен во кал, барем меѓу мноштвото од свои сопратијци и симпатизери, ставен сега на клада, да се правда пред истите, а и да се дообјаснува пред јавноста!

Воопшто нема да ги коментирам понудите и „стратегиите“ на Владата, затоа што одамна се закотвени со сидрото на дното, прифаќајќи сѐ и сенешто, во едни крајно недостоинствени процеси кои не само што продуцираат интеграција со гнев, туку и ја оддалечуваат Македонија од Европската Унија. Па затоа холандскиот амбасадор во земјава има дилеми зашто Владимир Путин бил најпопуларниот странски политичар во земјава?! Па како да не биде?!  Вистинското прашање е зошто ниеден европски политичар не е ниту на листата на популарност во Македонија? Па веќе нефигурираат, ги нема! Па како би ги имало, со вакви антидемократски условувања и деспотски наметнати договори, кои се косат со сите европски вредности и здрав разум. Битно европското знаменце се вее во македонскиот Парламент, најмногу онаму каде имаме сомнежи за корупција. А корупцијата секогаш има повеќе лица, и не е само домашна! А од домашната се чини дека ДУИ ќе профитира со сигурност… Не само од Бехтел и Енка како што вели чаршијата, туку и од идна коалициска Влада на апсолутно мнозинство со сегашната опозиција?!

Се прашувам каква е таа Влада на македонско национално единство? Во кои и какви услови се прави таква Влада? Па сигурно не за процес во кои треба да се отвори годишно Уставот како „пупка“, туку за круцијални прашања од егзистенцијален карактер. Проблематичен е наративот, кој потоа постфестум го менуваат по однос на Бугарите и нивното внесување во Уставот, притоа сфаќајќи што и каде згрешиле откако се истрчале во јавноста. Ако беа доволно паметни и ако учеа од грешките направени во минатото, денес ќе беа доволно зрели да сфатат дека за мнозинството македонски граѓани проблематична е преговарачката рамка со која Бугарија ќе поентира и ќе не заглави во процесот на преговори за ЕУ, а не отворањето и дополнувањето на Уставот.

Да! Ваквата преговарачка рамка е крајно проблематична, затоа што е неевропска, диктаторска и со крајно деградирачки и уценувачки барања кои задираат во сувереноста и независноста на македонската држава. Преговарачка рамка и услови какви што ниедна европска држава не ни би помислила да ги разгледува, а не пак да преговора за истата… Крајно недостоинствено! Очигледно нашите микро политички умови, кои со коленичење пред Брисел се обидоа да ја спасат македонската евроинтеграција, не/свесно правејќи огромна штета, не само што не успеаа во истото, туку ја заглавија Македонија за век и веков, притоа прифаќајќи ја ваквата ултимативна преговарачката рамка. Повелете објаснете му сега на македонскиот народ дека треба да го одобри вбројувањето на Бугарите во Уставот! Ќе ве распнат!

Кратко и јасно, разбирливо за сите: внесувањето на Бугарите во Уставот со ваква ПРЕГОВАРАЧКА РАМКА е проблематично и неприфатливо. Промена на акцентот!

Затоа упростете го речникот за сите да ве разбереме! Или што би рекле Латините: Optimus orator est, qui paucis verbis plurima dicit! Или во превод – најдобар говорник е оној, кој со најмалку зборови успева најмногу да каже! Во спротивно влегуваме во игри на празни зборови, слагалици и нагаѓања… Безидејно и без иднина!

 

Të fundit