вторник, мај 21, 2024

ВЛАДАТА НА ПОТЕГ- ДАЛИ ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ СТАНОВИТЕ НА МИЈАЛКОВ?

Конфискуваниот недвижен имот на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков во вредност од 15 милиони евра чека одлука од Влада за да биде огласен за продажба. Рокот за отстапување на конфискуваниот имот на некоја институција е истечен.

Речиси една година помина откако поранешниот прв разузнавач Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев признаа вина за предметот Империја каде беа обвинети злосторничко здружување и перење пари. Помина една година откако се спогодија, а имотот кој државата им го конфискуваше сѐ уште не е продаден. Од Владата велат дека до сега не е донесена одлука со која ќе и се даде насока на Агенцијата за конфискација на имот за да се огласи недвижниот имот кој е конфискуван од Мијалков.

Законот и дава можност на Владата становите и парцелите на Мијалков да бидат дадени за користење на одредена институција без надомест, но рокот за таква одлука е еден месец по известувањето и тој е истечен.

Во текот на неделава министерот за правда Кренар Лога и новиот директор на Агенцијата за конфискација на имот Дритон Небиу ќе разговараат за темава, по што министерот најави дека прашањето за продажбата на имотот на Мијалков, како и измените на законот за Агенцијата ќе ги отвори на владина седница.

Според законот, откако Владата ќе донесе одлука за продажба, Агенцијата носи заклучок за условите, начинот и времето на продажбата на становите и парцелите. Продажбата на одземената недвижност се врши со усно јавно наддавање. Усното јавно наддавање за продажба го спроведува комисија формирана од директорот на Агенцијата.

Во јавното наддавање можат да учествуваат само лица кои претходно положиле гаранција во вредност од една десетина од вредноста на недвижниот имот, се вели во законот за конфискација на имот.

Вкупно 11,3 милиони евра уплатија на буџетска сметка Мијалков и Камчев. Но, недвижниот имот и банкарските акции кои беа дел од конфискацијата се уште не се продадени.

Според податоците од Агенцијата за конфискација на имот, само акциите кои државата ги поседува во Стопанска Банка Битола се во процес на продажба. Нивната вкупна вредност, според податоците од Македонската берза, денеска изнесува 293 илјади евра, додека пред една година, кога и била срочена спогодбата вредноста изнесувала 381 илјада евра. Спорни се 105 акции во вредност од 4 336 евра, на кои наместо државата право на предимство има извршител.

За кој недвижен имот станува збор?

На списокот од 33 имотни листови чија вкупна вредност е 15 милиони евра, а во кои е впишана сопственоста на име на Агенција за конфискација на имот е и шумата во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и веднаш до неа градежна парцела од речиси 4 илјади метри квадратни.

Потоа земјиште во место Џибарица на Кожув и илјадници метри квадратни земјоделско земјиште во близина на Богданци. Една од парцелите во близина на Богданци е и предмет на експропријација, затоа што таму бил превиден пат.

Одземени му се на Мијалков два стана од 46 и 58 квадрати на адреса Горица во Охрид. Потоа му е е одземен имот под зграда во Охрид со површина од 2 740 м2 од хотел во Охрид, сето тоа во вредност од 360 илјади евра. Мијалков остана и без два апартмани во Панорама Резиденс во Скопје од 91 и 94 метри квадратни.

Тој остана и без градежно земјиште и апартмани во Центар. Станува збор за неколку парцели и 25 апартмани во две згради, гаражи, деловни простори адреса Славејко Арсов на Водно, сето тоа во вредност од 3,5 милиони евра. Податоците од Катастар покажуваат дека првата зграда на адреса Салвејко Арсов 138 имала намена мотел или хостел, додека втората на број 148 е изградена како хотел.

Според податоците од Агенцијата три од овие станови се спорни, затоа што за два има впишани побарувања од Управата за јавни приходи, додека за еден се води судски спор, затоа што непосредно пред преносот на имотот на име на Агенцијата, станот бил продаден.

Владата треба да донесе одлука за продажба на имотот на Мијалков

Дарко Аврамовски од невладината организација „Коалиција сите за правично судење“ вели дека правна пракса во земјава досега е откако државата ќе го конфискува имотот за кој е докажано дека е стекнат со криминал, тој да се продаде за парите да се искористат во буџетот.

„Кога има конфискуван имот, првенствено се иде на продажба на таквиот имот преку јавно надавање. Но, државата може да одлучи дали ќе го даде на користење на некоја државна институција“ вели Аврамовски.

Тој објаснува дека, во меѓувреме, се прават измени на законот со кој ќе може да се направи пренамена односно социјално реискористување на таквиот имот. Тоа значи дека доколку се донесат такви измени имотот конфискуван од криминалци ќе може да се користи за повисока социјална цел, како на пример социјални претпријатија. Но, до тогаш според законот сега што е на сила, постапката оди најчесто преку продажба на конфискуваниот имот.

Откако конфискуваниот имот на Мијалков стана сопственост на државата заедно со изготвената проценка на вредноста на имотот, измина законскиот рок според кој Владата има право да го отстапи тој имот на користење на некоја од институциите.

„Владата е таа која треба да донесе одлука за продавање на недвижноста. Откако ќе биде донесена таква одлука, Агенцијата е обврзана во рок од 15 до 30 дена да ја организира јавната продажба. Меѓутоа во законот не е прецизиран рок во кој Владата треба да донесе одлука за продажба на недвижноста. Додека Владата не донесе одлука, Агенцијата е должна да го одржува имотот за да не се деградира неговата вредност“, објаснува Аврамовски.

Што треба да се земе а што ќе му остане на Мијалков?

Според последните информации од Агенцијата за конфискација на имот вредноста на недвижниот имот на Мијалков е 15 милиони евра, а не 30 милиони евра, како што најавуваше тогашната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал Вилма Рускоска при потпишувањето на спогодбата минатата година.

Она што сега му остана на располагање по спогодбата на Мијалков за конфискацијата, е куќа од милион евра, удел во хотелот на плоштад Македонија „Мериот“; потоа акции во Пелагонија и Бетон Штип кои ги поседуваше преку Ексико Дооел.

По изрекувањето на пресудата за случајот „Плацови на Водно“ на 21 април минатата година, обвинителката Лиле Стефанова рече дека од особена важност што Основниот кривичен суд во Скопје изрече конфискација на имотот.

„За мене од особена важност е изречената конфискација, а сметам дека тоа е од важност за целото општество бидејќи од износите кои ги слушавте, а ги читаше судот, имотите беа евидентирани со пониски износи, но во моментов трите стана во ’Панорама резиденс‘, два стана на Бихаќка, градежното неизградено земјиште на Водно со површина од 2 700 метри квадрати, имотот во Крушево, и земјиштето кое беше конфискувано, во моментов вредат околу три милиони евра“, рече Стефанова.

Од Агенцијата за конфискација на имот велат дека откако ја добиле правосилната пресуда за предметот „Плацеви на Водно“, сопственоста на имотот е пренесена на име на РСМ – Агенција за управување со одземен имот, и дека до Бирото за судско вештачење е поднесено барање за процена на имотот.

Осудени, затворени па префрлани во затвор од отворен тип

Покрај запленетите имот, акции и готовина, Мијалков доби и тригодишна казна за случајот „Империја“. Тој призна дека е виновен за злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање имот. Тој со група други осомничени ги извршувал делата преку правни лица основани во државава на кои им била прикривана сопственоста, но и оф-шор компании во странство.

Пред да биде упатен на издржување на казната, тој ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид, што му овозможи да оди во затворот во Струга кој е од отворен тип. Дополнително во Апелација, во петокот му ја укина затворската казна од година и три месеци за предметот „Плацевите на Водно“ и му досуди условна казна.

Камчев во ноември излезе од затвор, откако му беа споени двете казни од пресудите Империја и Плацеви на Водно во една затворска казна. Во затворот во Струга, Камчев помина четири месеци и шест дена. Во затворот во Шутка, (Скопје) помина месец и половина, а потоа уште десет месеци. Останатиот период го помина во куќен притвор./RSE

Të fundit