вторник, мај 21, 2024

КИНА ИМ СЕ ЗАКАНИ НА САД СО ПОСЛЕДИЦИ ПОРАДИ АМЕРИКАНСКИОТ ВОЕН БРОД

Кина денеска се закани со „сериозни последици“ откако американската морнарица втор ден кружи со разурнувач околу спорните Парацелски Острови во Јужното Кинеско Море.

Пекинг го оцени тоа како кршење на неговиот суверенитет и безбедноста.

Предупредувањето доаѓа во време на растечки тензии меѓу Кина и Соединетите Американски Држави (САД) во регионот на Јужното Кинеско Море, стратешка пловна рута на која Пекинг смета дека скоро целосно полага право.

Во четвртокот, откако американскиот разурнувач пловеше во близина на Парацелските Острови, Кина соопшти дека нејзината морнарица и воздушните сили го натерале американскиот брод да се оддалечи, но американската војска го демантираше тоа.

САД денеска повторно пловеа во близина на окупираните острови од Кина, на кои и Тајван и Виетнам тврдат дека полагаат право, пренесува Асошиејтед прес.

Портпаролот на седмата флота на САД, поручник Лука Бакиќ соопшти дека САД ги оспоруваат прекумерните поморски барања ширум светот, без оглед на подносителот на тие барања.

„Оваа операција ја одразува нашата посветеност на зачувување на слободата на пловидба и законското користење на морето за сите нации“, рече Бакиќ и додаде дека САД ќе „продолжат да летаат, пловат и делуваат секаде каде што меѓународното право тоа го дозволува“, рече тој.

Кинеското Министерство за одбрана одговори дека САД го подриваат мирот и стабилноста на подрачјето на Јужното Кинеско Море, и додаде дека тој чин на американската војска сериозно го нарушува суверенитетот и сигурноста на Кина.

Тие побарале САД „веднаш да ги запрат таквите провокации“, зашто во спротивно ќе сносат сериозно последици.

И САД и Кина тврдат дека нивните постапки се оправдани со меѓународното право.

 

Të fundit