сабота, мај 18, 2024

ЕВРОПСКИ ФРОНТ, ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ И АМЕРИКАНСКИ “ЦРНИ ЛИСТИ“

Покрај избегнувањето на нова блокада од Софија поради можното неисполнување на обврските од францускиот предлог, широкиот европски фронт би бил пресвртница во историјата на политиката на Северна Македонија. За првпат партиите со различно етничко потекло би се обединиле околу надетничка кауза и би се натпреварувале како коалиција на претстојните парламентарни избори. Промовирањето на правната држава како вредност, пак, ќе ги обврзе партиите да ги декриминализираат листите за кандидати за пратеници и владини функции. Истовремено, оваа вредност би ги обврзала сите овие партии да бидат активни фактори во борбата против корупцијата, подигнувајќи поинаква свест на прво место кај нивните членови, а потоа и во јавното мислење на земјата воопшто.

Пишува: Џелал Незири

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 17 јануари ја обелодени идејата за формирање европски фронт или сојуз во Северна Македонија, во кој би биле вклучени сите политички партии кои се подготвени да го унапредат евроинтегративниот процес, без да се земе предвид политичката цена. Оваа идеја тој ја елаборираше токму на 555-годишнината од смртта на Скендербег, главната историска личност на етничките Албанци, што ја симболизира нивната стратешка ориентација кон Европа.

Ден подоцна оваа идеја ја поддржа и премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски. „И претходно кажав дека сите партии кои се за европскиот концепт на државата, сега е време да го сторат тоа, бидејќи од нас зависи дали ќе ја забрзаме интеграцијата во Европската унија“. Кон крајот на 2022 година, на собир одржан во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, оваа идеја ја промовираше и генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ. „Ова е време кога сите треба да бидеме на вистинската страна. И ќе успееме. За просперитетна и европска Македонија“.

ПРВА КОАЛИЦИЈА СО НАДЕТНИЧКА КАУЗА

Останатите партии кои се дел од Владата, како Алтернатива, ПДШ, ЛДП, ДОМ, ДС, се уште не го кажале својот став за идејата за европски фронт. Но, со оглед на нивниот јавен дискурс и поддршката дадена на францускиот предлог, се очекува тие да бидат дел од оваа коалиција.

Со евентуалното влегување на Алијансата за Албанците (АА) во Владата, тогаш овој фронт може уште повеќе да се прошири. Шефот на АА, Арбен Таравари, наводно му изразил подготвеност на Ковачевски да го поддржи европскиот концепт, но се ќе зависи од епилогот од разговорите за проширување на владината коалиција.

Во оваа коалиција не би биле само ВМРО-ДПМНЕ и ЛЕВИЦА поради нивниот став против Договорот за добро пријателство со Бугарија, од кој произлезе францускиот предлог, и против Договорот од Преспа со Грција. Од албанските партии засега само БЕСА не покажа волја да биде дел од големиот фронт за Европа, иако не најавила дека ќе се спротивстави на уставните измени.

Во моментов има неколку моменти кои одат во прилог на оваа коалиција.

Првиот момент е поврзан со списоците за санкции на САД и ЕУ за сите оние кои ги поткопуваат мировните договори, особено во контекст на актуелната геополитика создадена од руската агресија во Украина. По наредба на претседателот на САД, Џо Бајден, во 2021 година беше предупредено дека на „црната листа“ ќе бидат ставени сите оние кои работат против договорите на Балканот, вклучително и Охридскиот и Преспанскиот. Во групата важни договори за мир, безбедност и стабилност во регионот се очекува да биде и оној со Бугарија, конкретизиран со Францускиот предлог. Според наредбата, списокот ќе вклучува секое лице или организација која е одговорна или соучесничка, директно или индиректно вклучена во активности или политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста или стабилноста или територијалниот интегритет на кој било регион или земја на Западен Балкан и ги поткопуваат демократските процеси и институции во регионот. Две години подоцна, група експерти од Вашингтон слетаа во Скопје за да ја направат конечната анализа за организациите и лицата што треба да се додадат на списокот. Сепак, ќе се очекува да се види однесувањето на одредени партии и политичари кон Францускиот предлог, за потоа списокот да се ажурира.

Вториот момент се однесува на последната пречка во евроинтеграциите. Токму уставните измени за вклучување на етничките Бугари во Преамбулата се главниот предуслов за земјата да ги отвори првите поглавја од групата поглавја „Темели“, кои се очекува да промовираат радикални реформи во државниот систем на земјата. Оваа група вклучува поглавја за владеење на правото, економски критериуми и реформи во јавната администрација. Со новата методологија на преговарачкиот процес оваа група има централна улога, што значи дека без доволен напредок во оваа област нема да се отвораат други групи. Всушност, групата „Темели“ трае во текот на целиот преговарачки процес – прва се отвора, а последна се затвора. Уставните измени се предвидени со Францускиот предлог, компромисен документ што лани го одобрија Скопје и Софија, со што се отвори патот за почеток на преговарачкиот процес за членство во Европската унија (ЕУ). Извештајот од скрининг сега се финализира, како прва фаза пред отворањето на првите поглавја, што значи анализа на сите закони, норми и практики на институциите на Северна Македонија за да се види дали се во согласност со законите на ЕУ на (acuis). Скринингот е еден вид рендген, кој ќе ги прикаже сите дефекти на состојбата на РСМ, кои ќе бидат насочени кон подобрување во текот на процесот на отворање и затворање на поглавјата.

А, третиот момент е европската идеја, која во основа ги има основните европски вредности, кои ги врзуваат сите напори на политичките партии, особено на албанските, како што се: еднаквост, слобода, човечко достоинство, човекови права, демократија и владеење на правото. Освен изборниот резултат, овој европски сојуз би можело да создаде моќен дух кој би ја трансформирал Северна Македонија во модерно општество, кое ги прифаќа и почитува различностите и во европска држава која гарантира целосна еднаквост на сите нејзини граѓани, по сите основи.

КОЛКУ ПРАТЕНИЦИ БИ ОСВОИЛ ФРОНТОТ?

Може ли ваква коалиција да победи на парламентарните избори во 2024 година?

Сè ќе зависи од пристапот на страните кои ќе ја сочинуваат оваа коалиција во однос на промовирање на европските вредности и придобивки од процесот на преговори за интеграција во ЕУ. Платформата базирана на фундаменталните европски вредности мора прво да има доверба и да биде прифатена од актерите на оваа коалиција. Ако ова се случи, тогаш ќе биде полесен вториот чекор – односно оној на убедување на граѓаните да ја поддржат истата.

Оваа коалиција е слична на онаа што беше создадена во 2018 година, кога се одржа референдумот за Договорот од Преспа со Грција. Иако не успеа да придобие над 50 отсто од гласачите, „за“ гласаа близу 610.000 гласачи. Референдумското прашање беше поврзано со евроатлантските интеграции на земјата и беше формулирано вака: „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“. Сите партии кои го поддржаа овој референдум се очекува да бидат дел од Фронтот. Единствен исклучок во овој случај е БЕСА, која предупреди дека нема да биде дел од таква коалиција. Оттука, проценките се дека оваа голема коалиција ќе може да добие некаде од 500 до 600 илјади гласови, што би било доволно за да добие повеќе од 70 мандати во Собранието. Според резултатите од последните парламентарни избори во 2020 година, СДСМ со партнерите имаа 327 илјади гласови, ДУИ 104 илјади, Алијансата за Албанците и Алтернативите 81 илјади, ДПА 14 илјади. Вкупно освоија околу 525 илјади гласови или 73 пратеници. Конкуренцијата со листа ја фаворизира формулата на Д’Хонт, но од друга страна треба да се земе предвид евентуалниот бојкот во рамките на овие субјекти, имајќи ги предвид моменталните фракции и поделби.

Покрај избегнувањето на нова блокада од Софија поради можното неисполнување на обврските од францускиот предлог, широкиот европски фронт би бил пресвртница во историјата на политиката на Северна Македонија. За првпат партиите со различно етничко потекло би се обединиле околу надетничка кауза и би се натпреварувале како коалиција на претстојните парламентарни избори. Промовирањето на правната држава како вредност, пак, ќе ги обврзе партиите да ги декриминализираат листите за кандидати за пратеници и владини функции. Истовремено, оваа вредност би ги обврзала сите овие партии да бидат активни фактори во борбата против корупцијата, подигнувајќи поинаква свест на прво место кај нивните членови, а потоа и во јавното мислење на земјата воопшто.

 

Të fundit