недела, мај 19, 2024

МАШКИ СВЕТ

Во нашето општество, како жена вие сте или премлада за да ја добиете функцијата или престара за истата бидејќи идеалната возраст ја има мажот.

Пишува: Катерина Топалова

Жена не се прашува за години! Ова џентлменско правило е само лицемерна флоскула кога жената треба да биде заведена или да биде задоволна од штур комплимент. Во суштина жената секогаш е прашувана за години.

Во нашето општество жената е водена од старосната граница, и го мерат биолошкиот часовник, па така знаат сите кога е време, а кога веќе доцна за раѓање деца. Сите знаат кога треба да стапи во брак и кога и поминал редот. Во нашето општество жената е прашувана за години за да се измери дали може или не може да ги заврши работите. Мерат дали навреме научила да готви, дали во даден временски период завршила школо и нашла работа. Додека ги фатиш сите рокови си станала престара за се што останало.

Последната која ја разбранува јавноста беше обвинителката Ленче Ристоска, за која оценија дека е добар обвинител ама се уште млада за Вишото обвинителство.

Ова е оценка во земја во која има помлади градоначалници, министри, директори и пратеници, во земја во која на нејзини години сме имале и веќе пензионирани премиери, ама Ленче е млада за да биде на функција. Кога ќе наполни доволно години според машките стандарди, ќе мора да остане повторно надвор од игра затоа што ќе има помлад ама поискусен колега кој ќе одговара на бараниот профил.

Колку години треба да имаш за да сфатиш дека муабетот за години е навредлив, особено кога се кажува како аргумент на жена?

Годините на жената се особено проблематични ако таа е и паметна и убава, тогаш веќе може да биде преопасна за идеалниот машки свет кој ја мери подобноста според женската возраст.

Прашањето е зошто на Ленче никој не и ја измери возраста кога од неа побараа да биде една од главните во СЈО?

Кој ја одреди возрасната граница при изборот на главните обвинителки во специјалнатра единица кои требаше да решат предмети со сомнежи за висока корупција?

Сите „гревови“ на жената се собираат на кантар кога треба да се најдат доволно аргументи за да не го добие она што го заслужува.

Во овој машки свет тешко е да бидеш жена, особено мудра и жена со цел, жена која знае што сака и која работи неуморно!

Të fundit