вторник, мај 14, 2024

Калимеро или реформи во судството

Спроведување на новиот закон за јавно обвинителство, реформи во судството и ветинг на судиите, како и законски измени во кривичната постапка и казните се дел од приоритетите за новиот министер за правда. Правните аналитичари велат дека неговата претходничка не си ја завршила домашната задача.

Поглавјето 23 од кластерот Основни права, кое ги опфаќа правосудството, борбата против корупцијата и темелните права на граѓаните, e првото поглавје кое се отвора во преговорите со Европската Унија. Брзината и времетраењето на преговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот во другите аспекти на преговорите со Европската унија, затоа што овој пакет ќе биде прв отворен и последен затворен.

Главниот збор во спроведувањето на реформите за владеење на правото ќе гo има новиот министер во владата Бојан Маричиќ. Тој пред да го заземе столчето на досегашната министерка за правда Рената Дескоска, беше посебен советник во премиерскиот кабинет за евроатлански интеграции. Претходно, Маричиќ беше дел од НВО секторот кој се занимаваше исклучиво со анализи на спроведувањето на евроатланските интеграции. Најголемиот предизвик за новиот министер ќе биде спроведувањето на измените на Законот за јавно обвинителство кои неодамна, пред изборите во јули беа донесени со двотретинско мнозинство.

Правните експерти велат дека новиот министер ќе има полни раце работа затоа што неговата претходничка не си ја завршила домашната задача во целост. Аналитичарот Џељал Незири вели дека по првата меѓувладина конференција со Брисел која се очекува в октомври, ќе треба да следува засукување на ракавите и реализација на правните реформи, односно усвојување на реформски закони кои ќе бидат наложени во рамките на преговарачкиот процес, а втората компонента ќе биде нивно квалитетно спроведување и оценување на ЕУ како услов за продолжување на преговорите.

„Овој кластер ќе биде прв што ќе биде отворен и последен затворен. Новата методологија предвидува целиот процес да се врати наназад ако некоја реформа не е спроведена. Реформите во судството ќе бидат најтешки и најголем предизвик на новата Влада и министерот за правда“ вели Незири.

Од друга страна пак, тој додава дека претходната министерка Дескоска не успеа да ги исполни очекувањата ниту сите предизборни ветувања наведени во претходната програма, особено во делот на ветувањето за реизбор на судии и реформи во правосудниот систем, а забелешките за партизирано и неефикасно судство од меѓународните набљудувачи останаа како и оние пред 2016 година.

„Претходната министерка не испорача видливи резултати, ако се земе предвид и судбината на СЈО и тие афери што беа поврзани со ова обвинителство, мислам дека ситуацијата во овој правец не е како што треба,“ вели Незири.

Поранешниот врховен судија Дане Илиев вели дека претходната влада не ги исполни ветувањата во делот на владеење на право кои ги имаше најавено во изборната програма во 2016 година. Тој додава дека најголемите пропусти се направени во доследна примена на законот за кривична постапка и последиците од пропаста на СЈО, како и долгогодишното влечење во судовите на нивните предмети. Според него, најголеми предизвици на новиот министер ќе бидат длабоки реформи во казненото право.

„Од друга страна ќе треба да се реформира граѓанското право, граѓанската постапка, да се најдат начини да се забрзаат постапките, тука се реформи за извршување, реформи на нотарски систем, има еден куп работи кои му претстојат на новиот министер како и нов закон за судии и мерки за контрола на работата на судиите“ вели Илиев.

Според него, една од клучните пречки со кои ќе се сретне е измени на кривичниот законик.

„Последиците од тој закон се гледаат во процесите кои со години се влечат по судовите како што е предметот Монструм. Овој закон треба под итно да се реформира, неефикасните мерки кои се предвидени во законите како и недоследните мерки кои ги измислија професори кои се прошетаа по светот, не дадоа резултати“ додава тој.

Зоран Заев како мандатар на новата Влада изјави дека за новата Влада еден од приоритетите ќе биде воспоставување на принципот на владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните во судството. Досегашните анализи на јавното мислење покажаа дека граѓаните се незадоволни од досега спроведените реформи во секторот правда.

„Очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети, со чисти антикорупциски записи“, напиша вчера претседателот Стево Пендаровски.

Во предлог програмата на владата која е доставена до Собранието е наведено дека еден од приоритетите е ефикасно и објективно „прочистување“ во правосудството. Во неа е наведено дека првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на Антикорупциската комисија да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители.

„Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично. Проверка може да го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи“ се вели во програмата.

Владата вети дека ќе се посвети на обезбедување на ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција, како и дека ќе предложи законска обврска за објавување и јавен пристап до аудио снимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал. Предвидено и е ревидирање на системот за алтернативни мерки, со кои би требало да се воведе електронско следење на лицата кои се куќен притвор или се под друга мерка што не е затвор, со цел да се спречи бегство.

Инаку, во изминативе три години од земјава избегаа неколкумина обвинети но и осудени за кривични дела од високо профилни случаи меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски кој стана азилант во Унгарија.

Во програмата повторно ги спомнува можностите за формирањето на анкетни комисии или иницирање на меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи тензии како Алфа, Монструм, Диво Насеље. За разлика од овогодинешната ветена поддршка за иницирање, во претходните изборни ветувања беше посочувано дека истрагите за овие предмети пред да стигнат повторно на суд ќе бидат вршени со поддршка од меѓународни експерти.

Новата влада и нејзината програма се очекува викендов да биде изгласана во Собранието. Седницата за избор на новата влада претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за в сабота.

Të fundit