недела, мај 19, 2024

Императивот на медиумската писменост

Автор: Бардул Заими

Од многумина истражувачи, 21-от е дефиниран како век на технологијата и медиумите. Огромното напредување на технологијата го детерминираше и различното функционирање на медиумите, кои се во постојана меѓузависност со таквиот технолошки развој. Ваквата меѓузависност има создадено нова парадигма и во креирањето, дистрибуцијата и приемот на информации. Постои сосема нова реалност која се детерминира од технологијата, но и од прилагодувањето на медиумите кон оваа реалност.

Во овој контекст, нашите сознанија за светот и неговото разбирање, неизбежно се формираат од страна на медиумите со кои го поминуваме денот. Затоа, медиумското образование и писменост, т.е. медиумската едукација, останува неопходен императив за да се развијат вештини за истражување, анализирање и оценување на медиумските информации, и да се добие критичко чувство за процесот на продукција на медиумските содржини.

На теоретско ниво, темата за медиумско образование и писменост веќе била третирана во голем број истражувања, а медиумската писменост сè повеќе се промовира како главна премиса за разбирање на светот и политичките, социјалните и општествените реалности. Се разбира, потребата за медиумско образование е од претходно, токму од времето кога присуството на новите технологии во општеството веќе беа во подем.

Уште во 1982 година, УНЕСКО предупреди дека „ние мора да ги подготвиме младите луѓе да живеат во свет на моќни слики, зборови и звуци“. Токму меѓу многу теоретски дефиниции, една од нив што зазеде институционален и службен карактер е повторно онаа на УНЕСКО и Советот на Европа, според која медиумското образование и медиумската писменост се сфаќаат како „капацитет за пристап до медиуми, за да се разберат и да се научат во критичка смисла различните аспекти на медиумите и нејзините содржини, како и да комуницираат во различни контексти“.

Останува неопходно да се разјасни дека поимите медиумско образование и медиумска писменост имаат различни значења и не се синоними. Медиумското образование повеќе значи процес на едукација, настава за рецепција на медиумски содржини, додека медумската писменост зафаќа поширок опсег на ангажирања и подразбира конкретен процес на декодирање на медиумските содржини.

Од теоретска гледна точка, исто така е неопходно да се разбере природата на медиумското претставување и функционирање, што се определува преку некои дефиниции кои потоа му даваат значење на медиумското образование и писменост.

Најголем пресврт во перцепцијата за новата медиумска реалност утврдена со технологијата и конкретно од Интернетот има канадскиот теоретичар за медиуми, Херберт Маршал МекЛухан, кој беше и првиот човек што ја лансираше дефиницијата за „глобално село“. Понатаму, МекЛухан ја создаде и метафората на големиот пресврт кога ја артикулираше идејата дека „медиумите се порака“.

Токму во рамките на оваа дефиниција, но и на другите последователни дефиниции се појавуваат некои премиси што всушност се неопходни за да се процесира медиумското образование и писменост. Во оваа насока, останува важно да се разберат прифатените дефиниции од сите оние кои се занимаваат со медиумска писменост и кои даваат до знаење дека:

  • сите медиуми се конструкции,
  • медиумите конструираат верзии на реалноста и дека
  • јавноста им дава смисла на содржините пренесени од медиумите.

Во целата оваа рамка, покрај овие, произлегуваат и други важни дефиниции, но тие бараат малку пошироко елаборирање што не може да се опфати во оваа статија. Покрај тоа, треба да ги дефинираме и функциите на медиумите за да разбереме што тие всушност претставуваат. Медиумите пред сè имаат информативна, критичка, контролорна, едукативна, забавна, интегративна и лидерска функција, а служат и како алатка за перманентно учење (тие на многу начини ги обединуваат луѓето, културите, идеите и религиите).

Токму врз основа на овие дефиниции кои ја одредуваат природата и функцијата на медиумите, се дефинира и целиот процес на медиумско образование и писменост, чија појава е многу комплексна, но во исто време и неопходна за да се разбере целата планиметрија на информациите што кружат во светот на медиумите дефинирани како традиционални и во новите медиуми, кои остануваат целосно поврзани со просторот и светот онлајн.

За да се синтетизира оваа широка материја на теории на медиумското образование и писменост, неопходно е да ја нагласиме потребата дека во склоп на овој процес треба да го претставиме концептот на новинарството во сите нејзини димензии. Медиумското образование и писменост исто така мора да вклучуваат познавање на професијата и суштината на новинарството, како и на веста, информацијата. Сите други жанрови на новинарство потоа се реконструираат токму од вестите, како суштина на новинарството.

Денес живееме во свет преплавен со комуникации, информации и публикации кои создаваат вистински хаос во светот на онлајн медиумите. Теоретичарите на медиумите веќе потенцирале дека не сите комуникации подразбираат вистински информации. Одредена информација добива смисла само доколку е во функција на јавниот интерес, затоа задачата на новинарите е и останува специфична.

Не секоја комуникација, публикација, претставува новинарство, а воедно и здрава информација со интерес за заедничкиот јавен простор. Новинарството препознава еден тежок процес на собирање, обработка и производство на информации. Ова е процес на одговорност и многубројни проверки кои му даваат професионален легитимитет на објавената вест, односно информација.

Комуниколозите кои ги анализирале функциите на медиумите успеале да и дадат приоритет на функцијата на известување за настани, појави, процеси и движења во општеството, како и функцијата на алармантно ѕвонче што медиумите треба да го притиснат за очекуваните опасности. Во овој поглед, како средство за масовна комуникација во општеството, медиумите посредуваат, вршат медијација меѓу луѓето, групите, заедниците. Но, во својата улога на објаснувач и толкувач на информациите, тие „градат“ (конструираат) општествена реалност на таков начин што на информацијата и додаваат некои елементи што недостасуваат во изворната информација, или пак информациите ги формулираат врз основа на барањата или очекувањата на центрите на моќ или други групи на интерес.

Следствено, доаѓаме до аспектот на медиумска манипулација, до дезинформирање, до лажни вести и до сето тоа море на хиперинформации што го прави тежок процесот на идентификување на релевантни информации, со јавен интерес и верифициран. Токму во тој контекст, медиумското образование и писменост се јавуваат како императив на времето за што поширока публика, за вклучување на сите општествени слоеви и особено на младите луѓе.

Несомнено, од целата оваа теорeтска рамка, треба да се спуштиме на конкретни нивоа на медиумско образование преку креативни методи и содржини. Ова ја подразбира педагошката димензија на овој процес, но и сите оние модели на имплементација кои овозможуваат пошироко и поефективно проширување на медиумското образование и писменост. Според најновите податоци објавени од Си-Ен-Ен за медиумска писменост, Северна Македонија од 2008 година бележи регрес во областа на промовирањето на медиумската писменост. Северна Македонија е на дното на списокот на земји за медиумско образование и писменост.

Време е правилно да ја сфатиме оваа алармантна појава и постепено да му го посветиме потребното внимание на овој процес, кој веќе го има истото значење што го имаше некогаш обичната писменост на луѓето. Сензибилацијата за оваа ургентна потреба станува неопходност за сите институции, но и за сите други протагонисти на општествениот живот. Време е за што повеќе обуки и за што повеќе објаснувања за тоа што значи процесот на медиумско образование и писменост. Димензиите на медиумската писменост треба да се прошират на сите нивоа на општеството, но пред сè кај младите луѓе кои се постојани корисници на онлајн медиумите, таму каде што најчесто се појавуваат дезинформации, лажни вести и други нарушувања кои создаваат целосно погрешна перцепција на политичката, општествената, социјалната и културната реалност.

Почетокот на позачестената примена на медиумското образование и писменост, во духот и практиките на критичкото размислување, ќе овозможи да се намали просторот за манипулација во медиумите и воедно да се прошири просторот за рецепција на веродостојни вести кои се меѓусебно поврзани со јавниот интерес. Воведувањето на медиумското образование и писменост во наставните програми, исто така, станува неопходно, затоа што само на овој начин може да се создаде предиспозиција за интеракција со вредни и кредибилни информации.

И во време на пандемијата со корона вирусот, веќе сме сведоци на бројни дезинформации и лажни вести кои создаваат целосно погрешна перцепција за реалната состојба со оваа криза.

Преку обуки, работилници и други креативни форми, можеме да создадеме средина за промовирање и афирмирање на концептот на медиумско образование и писменост како неоспорна димензија во време на бројни случувања во медиумите, кои сами по себе вклучуваат форми на софистицирана манипулација, која се прави со единствена цел да се создаде забуна и погрешни сфаќања кај луѓето.

Медиумското образование и писменост подразбира прием на професионални, веродостојни информации, што всушност е и една од основните мисии на новинарството. Оваа едукација подразбира правилно и етичко информирање, а исто така и здрава и функционална демократија. Моделите се многубројни, потребна е само волја и да му се даде поголем импулс на овој императив кој е од витално значење за здравјето на едно општество, во време на сеопфатно присуство на медиумите во сечиј живот.

Të fundit