сабота, јули 27, 2024

Дедо Мраз не постои!

Автор: Катерина Топалова

Познатата ЈУ пејачка, Весна Змијанац има автентичен стих за нашата ситуација:

„Година је прошла, а у моме срцу лежи иста жеља!“

2019 година беше најавена како една од историските, кога преку Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО и ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Желбата, стремежот на генерациите од осамостојувањето, требаше да го види во реалност оваа генерација. 

Frankie Valli и The 4 Seasons во легендарниот хит велат: Too good to be true!

Историската 2019 која ги подигна очекувањата до плафон, завршува како уште една потпросечна во низата.

Договорот за добрососедство со Бугарија е клинички мртов. Пријателски настроените соседи преку највисоката академска институција потпишаа резолуција дека македонскиот јазик не постои. Не сакаат да продолжат со комисиската расправа за надминување на иредентизмот во учебниците се до признавањето дека Гоце Делчев е Бугарин. Скапо е пријателството со сосед кој има поголеми барања отколку реална желба за добри релации.

НАТО ни е на дофат, ама Шпанија не успеа да си го надмине домашниот проблем за да може да ја потпише ратификацијата со која би се завршила целата процедура за ратификација на земјите-членки и Македонија да ја започне церемонијата на славење. Сепак, најверојатно, 2020 ќе биде годината за НАТО огномет!

ЕУ…ах…

Толку блиску, а толку далеку. 2019 заврши со тапкање по рамо, уверување дека сме направиле многу и дека тие се кабает што ќе ни ја заклучат вратата пред нос.

Март, мај, нова надеж оти само уште таа не е умрена кај нас. Нови очекувања за старата желба-да почнеме со преговорите со Брисел.

2019 ни донесе нов датум за вонредни парламентарни избори кои опозицијата постојано ги бараше а власта велеше дека нема шанси да се случат пред редовниот термин.

Кампањата која никогаш не запре, а не е официјално почната се води со ветување од владејачката партија дека сме на прав пат и дека окму сега знаат како да не внесат во ЕУ. 

Опозицијата е прегратка за разочараните на кои силно им ветува дека никогаш нема да го прифати името Северна Македонија ама не и официјално!

Се на се, 2019 не успеа да не измести од колосек и остана да го следи трендот на една година која не држеше во очекување и неизвесност, и која не предава со надеж за исполнување на желбата од пред многу години. 

Дома…не е хумано уште еднаш да ги повторам сите случувања кои ја одбележаа некогаш надежната 2019. Од корупциски скандали, афери со политичари и јавни фаци, скандалозни сознанија и судски процес за симболот на правдата…

Понесена од детската мечта и новогодишната магија, побарав на светската мапа да ја најдам Лапонија, земјата на Дедо Мраз. Ја нема! Се плашам дека и нашите политичари во ист очај како мене бараат исполнување на ветувањата преку волшепства. 

Изгледа е време да сфатиме дека белобрадиот старец кој исполнува желби е само мит! Народе, Дедо Мраз не постои! 

Të fundit