среда, јуни 26, 2024

МЕНСТРУАЦИЈА, МЕНОПАУЗА – ЛУКСУЗ

 Пишува: Љ.Ј.И

 

,,Додека имав менструален циклус купував поевтини влошки за себе, за да има за нивните кои чинат 190 денари, вели четириесет и шест годишната Каролина Сиљаноска од Скопје.

Таа со нејзините две ќерки Ева и Ема месечно за менструални производи трошеле околу 25 евра од семејниот буџет. Истиот износ ова четиричлено семејство го трошат за месечна сметка за потрошена вода, а Ема која е матурантка оваа година, за истите пари си купила два матурски фустани.

Од 01.01.2024 менструалните производи во Македонија се продаваат и увезуваат по повластена даночна стапка од 5% (чл. 30 од Законот за ДДВ) наместо досегашните 18%. Ова во реалноста би значело    фото: Љубица Јаневска Ивановска дека овие производи треба да поевтинат. Но, она што е особено значајно е дека младите во земјава не се многу запознаени со измените на Законот, што е уште поважно не гледаат особена разлика во цената на влошките што ги купуваат.

,,Не сум запознаена со фактот дека ,,паднало,, ДДВ-то на менструалните производи. Имам забележано разлика во цената на влошките што ги купувам, но не се поевтини, напротив се поскапи,, вели Ева (23 год.), а нејзината сестра Ема (18 год.) додава: ,,Лани влошките беа доста поевтини, за разлика од оваа година”.

И од невладината ,,Новинари за човекови права’’ го потврдуваат фактот дека намаленото ДДВ нема некое влијание врз буџетот.

фото: Facebook

,,Намалувањето на ДДВ-то, пред се` покажа добра волја на државата околу ова прашање, но во практика тоа не влијае многу на буџетот. Според

                

 пресметките што ги направивме, на годишно ниво на актуелните цени, заштедата е околу 6 евра” вели Наташа Дуковска, претседателка на НВО ,,Новинари за човекови права”.

Маја Морачанин, пратеничка во последниот состав на Собранието и два мандата членка на собраниската комисија за еднакви можности на мажите и жените, вели дека е горда на носењето на Законот за намалување на ДДВ-то, но дека треба уште многу да се работи:

,,Јас бев една од предлагачките на тој амандман, тоа беше амандман на Законот за ДДВ, не директно нешто врзано за жени, но ги таргетира жените. Успеавме амандмандски да интервенираме и го намаливме данокот на додадена вредност, што значи на тој начин средствата за менструална хигиена се поевтини и полесно пристапни за девојчињата, фото: приватна архива         жените, а знаеме дека имаме во општеството проблем со менструалната сиромаштија. Имавме многу јавни расправи, со вклученост на НВО-ата, затоа што тоа е секогаш вистинскиот чекор како можете да носите добри законски решенија и да се врши надзор на спроведувањето на законите”.

Македонија може да се пофали со добри законски решенија, но кога станува збор за нивната имплементација се доаѓа до реалниот проблем. Кој е виновен? Нецелосната примена на законот, трговците или инспекциските служби?

,,Државата се откажала од својот дел од ДДВ-то од 13 процентни поени, но трговците тој процент го искористиле и си ја зголемиле маржата и затоа не се чувствува воопшто или намалувањето е минимално. Може да се каже дека има мало влијание и инфлацијата  вели даночниот советник Павле Гацов и додава дека инспекциските служби тука можат да помогнат за да се прекине со нефер практиките на трговците.

Инаку според податоците на Државниот завод за статистика во Македонија индексот на трошоците на животот во април 2024 година, во однос на април 2023 година, бележи зголемување од 4%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,5%.

фото: приватна архива

Земјите од регионот се` уште ја бијат битката за намалување на данокот за менструални производи. Покрај Македонија, и Црна Гора во 2023 година го намали ДДВ-то цели 14%, од 21% на 7%. Во Србија, тие се даночат како луксузна стока, па така ДДВ-то за влошките, тампоните и другите производи изнесува 20%. Колку за споредба, сместување во хотел во оваа земја, се даночи со 10%.

Според нашите анализи, во Србија, цените на влошките се движат од 1.50 до 3.50 евра, додека тампоните од 1,0 до 4,30 евра. Во Црна Гора најевтините влошки се продаваат за 1,10 евра, а најскапите за 3 евра, а 3,70 евра чинат најскапите тампони. Во Босна и Херцеговина иако се прават напори, даночната стапка изнесува високи 17%. Влошките се продаваат од 1,50 до 3,90 евра, а тампоните од 1.80 до 3,55 евра. Во Македонија, иако има најниско ДДВ за увоз и промет на менструални производи, најевтините влошки чинат 1 евро додека најскапите 3,45 евра, а тампоните, во зависност на бројот во пакувањето од 1,5 до 3,80 евра.

 

Од овие податоци за цените на менструалните производи во четирите земји од регионот, може да се забележи дека и покрај тоа што Македонија и Црна Гора имаат најниско ДДВ, сепак цените се приближно слични со оние од Србија и Босна и Херцеговина.

Добар дел од жените во својот репродуктивен период користат и лекови против менструални болки. Гинекологот Павлина Коруноска, од ПЗУ Коруноски МВР вели дека најчесто препишува аналгетици против болки:

,,Поретко доаѓаат во ординација за болки во периодот на менструација, сигурно помош бараат од фармацевтите во аптеките. Кога ќе дојдат кај мене, најчесто им препишувам кетонал, аналгин и блокмакс. Дел од овие лекови ги купуваат приватно”.

А приватно, овие аналгетици во Македонија чинат од 1 евро до 3,39 евра. Во БиХ од 1,23 до 3,5 евра. Слично е и во Србија и во Црна Гора.

фото: официјална страницана ПЗУ Коруноски МВР

 

ЧАШКА ЗА ЗБОГУМ НА МЕНСТРУАЛНАТА СИРОМАШТИЈА

 

Иднината на менструацијата доаѓа во најновиот изум – менструална чашка. Таа не само што треба да ја намали менструалната сиромаштија, туку и да ја заштити животната средина затоа што менструалните чашки би се купувале на неколку години, а не секој месец, како влошките. Со ова се согласува и

фото: Љубица Јаневска Ивановска  Дуковска:

,,Секако дека со овие чашки ќе се намали менструалната сиромаштија. Купуваме еднаш, а користиме 5 до 7 години”

Но, кај нас речиси воопшто и да не се користат менструалните чашки. Ева е запознаена со оваа новина, но не доволно добро, додека Ема не би експериментирала.

,,Во иднина би сакала да пробам да ги користам ако се доволно добри и хигиенски, но засега сметам дека влошките ми се подобар избор”, вели Ева, а нејзината помала сестра додава дека сe` додека не и ги препорача некој близок не би употребувала чашка.

Цената на менструалните чашки во Македонија  се движат од 23 до 27 евра. Не можат да се најдат во аптеките, ниту во Македонија, ниту во земјите од регионот.  Нивната цена се движи од 30 евра во Србија, во Црна Гора тие се продаваат по цена од 20 до 40 евра, додека во БиХ може да се купат и за 20 евра. Најчесто се среќаваат во поголемите дрогерии. Според невладината ,,Новинари за човекови права”, цената им е неприфатлива на Македонките и затоа не ги купуваат.

,,Треба да купат две чашки, а тоа се 60-тина евра што треба да ги даде одеднаш, и им изгледа многу. Иако потоа нема да купуваат 7 години ништо од менструалните производи, сепак не се одлучуваат за овој новитет”, истакнува Доковска.

  Фото: приватна архива

Тоа го потврдува и нашиот фармацевт кој го консултиравме, а сакаше да остане анонимен:

,,Во нашата аптека нема чашки, но кај нас луѓето се` уште се срамат да побараат влошки, а камоли чашки. Немаат пари ни за влошки”

 

МЕНОПАУЗА – ЛУКСУЗ ШТО ЧИНИ И ПАРИ И ЗДРАВЈЕ

По репродуктивниот период на секоја жена, доаѓа менопаузата. Тоа е природен биолошки процес кој се јавува кај жените обично на возраст од 45 до 55 години. Нашата соговорничка Каролина, отстапува од оваа годишна рамка. Кај неа, првите сериозни симптоми на менопаузата започнува кога таа има 42 години. Не била изненадена бидејќи и нејзината мајка го завршува репродуктивниот период релативно млада, како неа. Најмногу ѝ пречело потењето и подуеноста.

,,На минусни температури излегував надвор за да ги смалам, народски кажано ,,вруќиците’’. Се советував со мојот гинеколог и не ми препорача никакви лекови” – вели Каролина.

Топлотните бранови, ноќното потење, нарушување на сонот, промени во расположението, неправилните менструации, сувост во вагината се најчестите симптоми на менопаузата. Иако таа е природен биолошки процес, а не болест, таа може да биде поврзана со одредени здравствени ризици и состојби.

,,За жал, жените можно е да останат со долгорочна терапија поради здравствените ризици, како срцеви заболувања и мозочни удари поради намалувањето на естрогенот за време на менопаузата, кој влијае и на губење на коскената маса и доведува до кршливост на коските, а зголемувањето на телесната тежина е фактор на ризик за различни здравствени состојби” – вели д-р Александар Митов, магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето.

Фото: официјал. страница на д-р Митов

Д-р Корунска истакнува дека сите лекови за менопауза се на природна база, а за да се спречи остеопорозата се препорачуваат витамин Д и калциум.

,,Најчесто лековите се на природна база, и исто како и витамините не се наоѓаат на позитивната листа и ги купуваат приватно. Се жалат на високите цени особено сега кога се` е поскапено” – додава таа.

,,Не се купуваат премногу. Се жалат дека се високи цените. Или немаат добро искуство затоа што очекуваат со 1 кутивче да ги снема симптомите, а реално треба да се пијат најмалку 3 месеци, или пак, се решаваат да поминат без никаков третман, чекајќи само од себе да помине” – вели нашиот фармацевт.

 

Го споредивме производот FEMIPAUSE за менопауза на природна база кој го има во три земји кои се опфатени со ова истражување. Најевтино се продава во Македонија по цена од 14,6 евра. Најскап е во Босна и Херцеговина 22 евра. Во Србија истиот чини 20 евра.

Фото: Љубица Јаневска Ивановска

 

НАМЕСТО НА ВЛОШКИ, СЕГА ТРОШАМ НА ЛЕКОВИ

 

Каролина ни раскажа дека откако е влезена во менопауза, се намалиле трошоците за влошки, но затоа се зголемиле трошоците за лекови:

,,Пијам Аторвокс за маснотии, Лориста и Еналаприл за притисок. Секое пакување посебно чини 180, 200 и 230 денари или вкупно 610 денари (10 евра). Пијам и магнезиум секој ден, а витамини и аспирин по потреба”.

 

Фото: лична архива

И жените од нашето опкружување кои имаат последици врз здравјето во и по менопаузата издвојуваат по 8 до 15 евра за лекови кои се на позитивната листа, плус витамини кои се продаваат без рецепт. Па, се` на се` месечниот трошок е поголем од 20 евра, ако се земе предвид дека пакување од 100 таблети магнезиум во сите земји чини во просек околу 11.5 евра, но во БиХ може да се најде и за 16 евра.

Самиот момент на менопауза се смета дека треба да биде момент на промена на навиките кон подобро, посилна превенција и внимание на здравите навики, советува д-р Митов. И нутриционистот Емилија Спасовска Мојсовска потврдува дека многу е важна исхраната во менопаузата за да се сведе на минимум ризикот од болести, но и за лесно да се надминат симптомите:

,,Препорачувам да се фокусираат на природни извори на хранливи материи и суплементи кои се поевтини и достапни. Храната богата со калциум, како млечни производи и зелен лиснат зеленчук, и храна богата со витамин Д, како јајца и риба, можат да бидат одлични алтернативи. Исто така, препорачувам употреба на локални и сезонски производи кои се поевтини                     Фото: приватна архива

и нутритивно богати” и додава дека свеста кај жените за да ги сменат животните навики почнува да се подига.

Луксуз е да си во репродуктивен период, уште полуксузно е да старееш достоинствено. Без оглед дали сме млади или стари, како жени, насекаде во светот, го плаќаме розовиот данок. И тоа прескапо. Најприродните фази од животот на секоја жена, менструацијата и менопаузата, треба да бидат удобни, а производите и лековите достапни.

Светот, за нас жените, најверојатно би бил поинакво место за живеење, доколку, мажите крвареа секој месец.

 

 

 

 

 

Të fundit