вторник, февруари 18, 2025

УЧИЛИШТАТА СЕ НЕДОВОЛНО ПОДГОТВЕНИ ДА ГИ ЗАШТИТАТ УЧЕНИЦИТЕ

Нецелосен е системот на заштита од насилни напади во училиштата

Автор: Афродита Рамос

Феноменот на екстремно насилство во училиштата со смртни последици се шири и на Балканот. По огромната трагедија во основното училиште „Рибникар“ во Белград, каде животот го загубија девет деца, Балканот се соочи и со нападот во основното училиште „Пречко“ во Загреб каде исто така беше убиено едно дете.  И двете злосторства се сторени од ученици во тие училишта, од кои едниот е поранешен ученик.

„На патот кон безбедноста во училиштата потребна ни е поддршка од владините институции, училишните тимови, медиумите, граѓанските организации и сите ангажирани луѓе“, се вели во заедничката изјава на околу 50 наставнички групи и други организации од Хрватска на протестот во Загреб по нападот, барајќи поголема заштита за училиштата.

Во Македонија изминатите години имаше низа на дојави за поставени експлозивни направи во основни и средни училишта кои за среќа беа лажни, но и се уште не се разрешени како истраги.  Овие дојави го натераа нашето општество да се запраша колку всушност нашите училишта се безбедни од напади каде што опасноста по животот и безбедноста на малолетните ученици е огромна и кој треба да ја гарантира таа безбедност.

Никола, татко на осум годишно девојче кое учи во скопско училиште вели дека неговата ќерка се навикнала на процесот на евакуација за време на лажните дојави за бомби, а оттогаш имала една училишна вежба во случај на земјотрес.

„Не сум сигурен дека мојата ќерка е доволно подготвена да реагира во ситуација каде нејзината безбедност е загрозена бидејќи овие вежби не се редовни, но позитивно го оценувам присуството на обезбедување во училиштето кое родителите сами го плаќаме. Сметам дека без надворешното физичко обезбедување децата не може да се безбедни внатре во училиштата“, вели Никола.

Во училиште од општина Центар, Тијана, која е мајка на две деца на возраст од 10 и 12 години, вели дека во училиштето на нејзините деца минатата година дошле пожарникари да вежбаат со децата евакуација во случај на непогода – пожар, земјотрес и слично. Но оваа година, немале таква вежба. Таа вели дека за поголема безбедност на нејзините деца, би претпочитала доколку ваквите вежби системски се изведуваат еднаш во полугодие наместо да се практикуваат повремено.

Извор: usnews.com

Нема проценка дали учениците доволно добро ги знаат плановите за безбедност на училиштата

Училиштата низ државата во своите годишни извештаи за самоевалуација прикажуваат, како што тврдат нивните надлежни, низа на успешни проектни активности поврзани со безбедноста на учениците, како и континуирано учество во проектот на МВР за безбедност во училиштата преку кој се организираат работилници за превенција од насилство.

На пример, од основното училиште „Стив Наумов“ од општина Гази Баба велат дека редовно се изведува симулациона вежба за евакуација при елементарна непогода и во истата учествуваат сите вработени и сите ученици. Во својот извештај за 2022-2024 потенцираат дека имаат Акционен план за превенција од насилство, протокол на постапките при насилство и програма на теми поврзани со различни облици на насилство во училиштата. Од основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ од Општина Центар, исто така тврдат дека се подготвени да реагираат во случај на закани и ризици.

„На почетокот на учебната година на учениците им се презентираше ‘Планот за евакуација на училиштето во случај на незгода’. На одделенските часови планирани се вежби за евакуација за лична и колективна заштита и безбедност, превенција и заштита од природни и други несреќи – пожари, поплави и слични закани и ризици. Во текот на полугодието се изработи и план за евакуација во случај за дојава на поставена експлозивна направа во училиштето“,  се наведува во извештајот на училиштето.

Извор: The Phoenix

Сепак, останува отворено прашањето дали тоа што училиштата го пишуваат во своите извештаи има реален импакт кај учениците и вистински гради вештини на реагирање во опасност.

Училиштата користат проекти за превенција од насилство, но тие се со рок на траење

Од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ уште во мај информираа дека во рамки на нивен научно-истражувачки проект ќе се организираат работилници и ќе се формираат клубови за подобрување на севкупната лична безбедност на учениците. Таква работилница беше организирана во основното училиште „Вера Циривири – Трена“ во Скопје, со наслов „Безбедноста во училиштата-градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“. Но, од училиштето велат дека проектот со УКИМ завршил. Сега клубовите функционираат преку Детската амбасада – „Меѓаши“ и Фондацијата „Песталоци“ и во зависност од надворешниот проект, ќе траат до крајот на идната учебна година.

„Во училиштето имаме клубови за превенција од насилство и ментално здравје. Клубот за превенција од насилство служи за промоција на безбедна училишна средина од секаков тип на насилство и како проект ќе ни трае до 2026 година, вели директорката на училиштето.

Извор: HiffPost

И професорот Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир кој учествувал на проектот од УКИМ, но и самиот е родител на малолетно дете, вели дека вакви проекти не се доволни за да се создаде систем за безбедност на децата.

Сериозен е проблемот. Основниот елемент на физичко обезбедување во училиштата не е решен,  а сите останати елементи на безбедност на ученици се за жал, мисловна именка. Како родител, последниот случај во Загреб беше основа по секоја цена да инсистираме со родителскиот совет во училиштето на нашите деца да има физичко обезбедување. Но во некои општини обезбедувањето го плаќа општината, во некои градот, а во најголем дел го плаќаат самите родители. Плаќањето за физичко обезбедување не е докрај дефинирано во Законот за основно и средно образование“, вели Ѓуровски.

Проф. Марјан Ѓуровски, Институтот за безбедност, одбрана и мир

Професорот Ѓуровски надополнува дека целиот систем за превенција и заштита од насилство во училиштата е со многу недостатоци.

„Другиот сегмент на заштита на децата се протоколи кои ги прави Дирекцијата за заштита и спасување, тие имаат формални планови но колку се извежбани од страна на училиштата е знак прашање. Исто така, ни недостига систем на поврзаност на училиштата со локалниот штаб и дирекцијата за заштита и спасување, овој систем го импровизираме и силно ни недостасуваат конкретни мерки“, вели Ѓуровски.

Инаку, Министерството за внатрешни работи информира дека тие спроведуваат превентивен проект „Безбедност во училиштата“, но без одговор за тоа дали тој проект ги опфаќа само скопските општини. Во нивниот промотивен материјал се вели дека проектот се занимава со теми поврзани со полициското работење.

„Согласно проектниот концепт темите на едукативните работилници се насилството односно повеќе негови сегменти – меѓу младите, во семејството, на социјалните мрежи, на спортските натпревари – потоа девијантните појави поврзани со алкохолот, дрогите, трговијата со луѓе, како и сообраќајната безбедност, злоупотребата на пиротехнички средства“, објаснуваат од МВР за нивниот проект во училиштата.

Извор: МВР

Кога насилството ескалира – училиштен полицаец за поголема безбедност во училиштата

Професорката Наташа Јованова Пеовска од Факултетот за безбедност која го истражува проблемот со насилство во училишните средини, вели дека нашите училишни капацитети не се доволни за решавање на проблемите кога имаме појава на зголемено насилство во и надвор од училиштето. Во тие случаи е потребна поголема контрола од страна на полициски службеници кои ќе бидат вклучени во училиштата во согласност со нивните активности. Таа објаснува дека постојат неколку модели на вклученост на полициските службеници во училиштата.

„Училиштен полицаец може да работи со полно работно време на таа функција, или покрај своите регуларни задачи е назначен да врши одредени контроли во училишните околини, да врши контакт со училишниот персонал и да решава одредени проблеми. Еден училиштен полицаец има образовна улога за прашања поврзани со децата во училиштата или комбинација на различни активности. Овие модалитети често се комбинираат кога одредена програма се дизајнира за соработка меѓу училиштето и полицијата“, вели Јованова Пеовска.

Проф. Наташа Јованова Пеовска, Факултетот за безбедност

Професорката Јованова Пеовска вели дека полицијата мора да соработува со  образовниот систем кога постои проценка за зголемен ризик од насилство.

„Во Република Северна Македонија, училиштен полицаец со полно работно време на таа функција не постои. За да може да се одговори на прашањето за оправданоста на нивното воспоставување, потребно е училиштата и полицијата да изготват посебна база на податоци во врска со проблемите и со потребите на училиштата. Врз основа на анализата, треба да се донесат конкретни решенија за начинот на кој треба да се решат проблемите и да се одговори на прашањето дали е неопходно назначување училиштен полицаец во одредени училишта“, вели Јованова Пеовска.

Како што појаснуваат експертите, заштита на училиштата од насилство претставува мултидимензионален систем кој вклучува физичко обезбедување, поврзаност на училиштата со институциите за спасување и заштита, како и редовна обука и вежби на учениците и персоналот во училиштата за чекорите кои тие самите треба да ги превземат за да се заштитат додека не пристигне помош од надлежните. Но, тие предупредуваат за недоволна контрола врз овој систем што го прави полн со недостатоци, а со тоа и слаби точки.

Извор: glasno.mk

Земјите од ЕУ со конкретни, но и радикални мерки за заштита на учениците

Иако политиките на Европската комисија опфаќаат широк спектар на мерки за спречување на насилен криминал во училиштата, специфични стратегии насочени кон спречување на типот на криминал, како што се масовните престрелки во училиштата, се во надлежност на секоја од земја–членка на ЕУ, во согласност со нејзините законски и образовни рамки. Во ЕУ земјите, екстремното насилство во училиштата со смртен исход не е често споредено со САД и се сметаат за изолирани случаи кои најчесто иницираат полемики за достапноста на оружјето ширум Унијата, како и ресурсите за менталното здравје.

Европската комисија го адресира овој проблем и преку мултидисциплинарна соработка со полициските служби, судскиот систем, социјалните служби, образовните институции, граѓанските организации и секако кампањи за пошироката јавност. Клучната компонента на оваа стратегија е  Европската мрежа за спречување на криминалот (EUCPN), основана во 2001 година. Оваа платформа служи на земјите-членки за размена на најдобри практики и информации, како и заеднички истражувања за сите видови криминал, вклучувајќи и насилни злосторства во училиштата.

Извор: TheTrace.org

Финска, Германија и Франција се државите од Унијата кои имале вакви случаи на насилство во училишта во поновата историјa.

Финска, иако е земја со најмногу огнено оружје по глава на жител во Унијата, ретко бележи екстремно насилство во училиштата. Последните вакви случаи беа забележани пред 15 години, но сепак, во април оваа година, 12 годишно дете беше сторител на злостор во кое животот го загуби соученик, а други двајца беа ранети. Препознавајќи ја ранливоста на најмладите во вакви ситуации кои не можат да реагираат соодветно без упатства од своите наставници, финската Национална агенција за образование, обезбедува практични упатства за планирање и управување со безбедноста на наставниците и раководителите на училиштата кое опфаќа подготвеност за итни случаи и проценка на ризик. Промовирањето на културата на безбедност во училиштата е исто така дел од финските училишта, која вклучува подобрување на компетентноста на персоналот да ја гарантира безбедноста на училиштата.

Од друга страна пак, постојат членки кои одбираат многу подрастичен пристап, како на пример Полска, која воведе задолжителни обуки за вештини за пукање и безбедност на децата во училиштата, како и пружање на прва помош. Иако оваа одлука на полската влада не е поврзана со насилен криминал во училиштата, туку со нападот на Русија врз Украина, сепак деца од 14 до 16 години ќе учат што е тактичко спасување и како да се справат со „закани предизвикани од војување“, учејќи како да состават и расклопат оружје и како да ја подобрат прецизноста на стрелање во цел користејќи ласерски пиштоли во салите за физичко образование. Полското министерство за образование вели дека вака ќе се подобрат вештините на децата да реагираат во спасувачки ситуации и закани како што се масовните несреќи.

Во Германија пак, се акцентираат протоколите за треба да ги научат децата на  потребни дејствија доколку дојдат во опасност. Овие протоколи за безбедност на училиштата функционираат на национално ниво и беа иницирани по случајот со пукање во германско училиште уште во 2002 година. Оттогаш, училиштата го спроведуваат овој протокол кој вклучува запознавање со планови за итни случаи, редовни вежби и формирање училишни кризни тимови за одговор на потенцијалните закани.

Франција, која се справува со висок ризик од напади предизвикани од расна и етничка омраза, презема засилени мерки за безбедност во училиштата преку постојан контролиран пристап до училишните простории и зголемен надзор  од страна на безбедносен персонал. Овие напори, иако подразбираат поголеми трошоци за училиштата, имаат за цел да ги заштитат учениците и персоналот од потенцијални закани.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags:

Të fundit