вторник, февруари 18, 2025

РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ ВО ПОЛИТИКАТА ВО МАКЕДОНИЈА Е САМО ДЕКЛАРАТИВНА

Родовите квоти се недоволни за целосно учество на жените во донесување на одлуки

Општеството е главен виновник за ниската застапеност на жените на лидерски позиции

Автор: Теа Цветановска

Македонија е земја во која мажите и жените се во сооднос од 50:50 проценти во општеството. Но овој процент не го следи процентот на мажите и жените во распределбата на власта и моќта во државата. Таму доминантно се застапени мажите, кои речиси целосно ја имаат моќта на одлучување и водење на државата и политиката.

Северна Македонија за првпат во истријата на последните претседателски избори избра жена зa претседателка на државата и со тоа се приклучи кон државите предводени од жени. Но и покрај ваквиот значаен чекор учеството и застапеноста на жените на извршни функции, како и на високо раководни места и лидерски позиции во општеството останува несразмерно помало во споредба на мажите.

Општествените норми и родовите стереотипи главна пречка

И покрај декларативните заложби на законите во прилог на родовата еднаквост  и на самите политички партии во предизборната реторика, жените се само маргинално вклучени во процесите на донесување одлуки, а родовата еднаквост во политиката е далеку од задоволително ниво.

Според канцеларијата на Обединетите нации жени во Северна Македонија, ова се должи на постојните родови стереотипи, предрасуди и дискриминација во рамките на политичките партии, каде што жените континуирано се соочуваат со повеќе пречки за напредување.

Извор: веб-страна на ОН жени во Северна Македонија

„Жените во политиката се соочуваат со дискриминаторски третман, а известувањето на медиумите ги засилува традиционалните општествени улоги на жените и мажите. Оваа појава е особено присутна во текот на политичките кампањи. Жените што се стремат кон лидерски позиции во политиката се соочуваат со голем број бариери што произлегуваат од присутните патријархални вредности и предрасуди, како и општествено-културните норми и родовите стереотипи што ги оставаат жените, главно, во домашната сфера и подалеку од јавната сфера ” велат од ОН жени во Северна Македонија.

Жените од јавниот и политичкиот живот во време на дигитализација се соочуваат и со говор на омраза, пред се на социјалните мрежи. Исто така, тие подлежат и на притисок од средината каде што живеат, особено жените од немнозинските заедници, во помалите места, заради што честопати не се одлучуваат да се вклучат во јавниот живот за да не бидат изложени тие и нивните семејства на стигма, појаснуваат од канцеларијата на ОН жени во Северна Македонија.

Со иста став е и невладината организација „Бубамара“, која работи на подобрување на положбата на жените, женските права и родовата еднаквост во државата. Од таму, велат дека политиката долго време е машка професија, и наместо да се прилагоди за учество на сите подеднакво, мажите во оваа дејност имаат очекувања за жените да се однесуваат и дејствуваат како нив со нивното вклучување, наместо да ја зачуваат својата автентичност и поразличен начин на дејствување.

„Живеењето во патријахално општество овозможува самите политичари, но и останати учесници во процесот да најдат начини за да направат жените да се чувствуваат неудобно на лидерски позиции, преку употреба на сексистички говор, социјални норми и потенцирање на улогата на жената надвор од доменот на политиката”, констатираат од „Бубамара“.

Жените во извршната власт

Во Македонија на премиерската позиција никогаш немало жена, со исклучок на краткиот мандат од помалку од три месеци на Радмила Шекеринска во 2004 година. Сегашниот владин состав, од пет вицепремиерски позиции ниту една не ја извршува на жена, па така сите заменици претседатели на влада се мажи. Генералниот секретар на владата и неговиот заменик се мажи, а бројот на жени од 17 министерски места е само три министерки.

Мажите се доминантни и на ниво на владините тела во склоп на министерствата, каде што многу мал број на жени се јавуваат како носители на раководни функции. Ваквата ситуација е пресликана и во локалната власт во редовите на градоначалници и општински совети.

Извор: Регистер за вработени во јавниот сектор за 2023

Наспроти тоа, Регистерот на вработени во јавниот сектор за 2023 покажува дека од вкупно 110.169 вработени во јавниот сектор, жени се 62.585 односно 56,8 проценти, додека мажи се 47.584, односно 43,2 проценти. Во овие бројки не влегуваат податоците за структурата на вработените во АРМ, овластените службени лица во МВР, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управа за финансиска полиција во кои мажите се позастапени.

Поединечно по институции жените се најмногу застапени во Уставниот суд со 78 проценти, потоа во Советот на јавните обвинители и во Самостојните стручни органи со по 75 проценти. Мажите пак најмногу се застапени во јавните претпријатија со речиси 82 проценти, а тие учествуваат и со 57 проценти во општините и органите во состав на Министерствата, а во самите министерства со 52 проценти.

Во однос на дејностите, жените најмногу се вработени во областа труд и социјала 83,4 проценти, по што следат здравството со 72,8 и образование 67 проценти.

Жените  во законодавната власт  

Што се однесува до законодавната власт и застапеноста на жените во собранито, сликата е далеку подобра бидејќи таму жените се со околу 40  процентна застапеност, што се должи на родовите квоти кои земјата ги има воведено  уште од 2002 година. Механизмот на квоти наложува законска обврска на политичките партии на своите кандидатски листи да имаат  40 проценти застапеност од помалку застапениот пол. Навидум овој систем овозможува родов баланс во законодавниот дом, сепак, позади ваквата поставеност, иако Македонија има поголем број на жени пратенички, се уште нема суштинско учество на жените во донесување на одлуки и влијание.

Историски гледано, државата немала ниту еден спикер во парламентот од женскиот пол. Од вкупно три потпретседатели на Собранието само една е жена, а собранискиот состав може да се пофали само со позицијата на генералниот секретар која е предводена од жена.

Пратеничките како лидери на парламентарни групи или собраниски комисии ретко се јавуваат со задолженија во областа на економија, европски прашања, одбрана и безбедност или надворешна политика. Оттука, жените не доволно имаат влијание врз приоритетните сектори и оние кои се сметаат за поважни.

Извор: iStock  images

Квотите се единствениот начин за учество на жените во политиката

Квотите се алатка која овозможува на жените да им се даде место и застапеност таму каде што ги нема. Со самото учество на жените благодарение на квотите, тие стануваат видливи и имаат можност да придонесат во донесување одлуки, а исто и да го дадат својот глас и да ги застапуваат останатите жени во општеството и нивните интереси.

„Жените во Северна Македонија ја достигнаа критичната квота за учество во Собранието, но не и на функциите на локално ниво. Има мал број жени на места на кои се донесуваат одлуки во локалната самоуправа, со многу малку жени кандидатки и градоначалнички во сите 81 општина во Северна Македонија, со само две градоначалнички во сегашниот состав”, констатираат од ОН жени во Северна Македонија.

Изборниот законик пак налага најмалку 40 проценти од кандидатите на партиските листи да се жени, на секои три места најмалку едно место да ѝ припаѓа на жена и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места, како и задолжителна замена на избраните жени пратенички со други кандидатки. Тоа важи и за кандидатските листи за членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје. Исто така, во Законот за политичките партии се предвидува обврска политичките партии да се придржуваат до принципот на родова еднаквост во партиските структури и функции.

Oна што треба да се направи е да се подигне свеста кај политичките партии и да се поттикнат да развиваат акциски планови за родова еднаквост, да предлагаат жени за претседателки на собраниските комисии и да ги отстранат структурните бариери за жените да бидат именувани на места на кои се донесуваат одлуки во Собрание. Исто така од особена важност е да се бориме против родовите стереотипи кои водат до предрасуди и дискриминација врз жените” посочуваат од ОН жени во Северна Македонија.

Извор: iStock images

Од платформата „Бубамара“ пак на родовите квоти гледаат како недоволен механизам за вклучување на жените во политиката. Тие сметаат дека иако квотите имаат влијание врз зголемување на застапеноста на жените во донесување одлуки, не секогаш се најдоброто решение.

„Она што треба да се направи е креирање на подобра овозможувачка средина за жените да бидат активни и да го бараат своето место во политиката, но и да се промени општествената перцепцијата за тоа како се гледа на жените лидири. Мажите вообичаено користат многу остар и суров јазик за ‘напад’ врз жените, и за жал ваквите обиди се почесто се успешни”, велат од „Бубамара“.

Програмите и стратегиите се важни за постигнување на поголема родова еднаквост 

Самото воведување на родовата квота значително ја подобрува ситуацијата со застапеноста на жените во законодавната власт,  но тој тренд не е проширен на позиции кои не се регулирани со квоти, што говори за системски предизвици за жените во политиката, но и за лимитираниот ефект на квота механизмот.

За суштинско подигање на нивото на родова еднаквост, според канцеларијата на ОН жени во Скопје,  потребно е да се донесат стратегии и програми со кои ќе се олесни и ќе се промовира вклучувањето на жените во политичкиот и јавниот живот, особено жените од немнозинските групи, етничките малцинства, како што се жените Ромки, бегалките, жените со попреченост и други, како и градењето капацитети за лидерство, спроведувањето кампањи и градењето поддршка кај гласачкото тело за да се подготват и да се кандидираат на избори.

Извор: веб-страна на ОН жени

Дополнително потребна е подготовка и донесување на насочени родово-одговорни мерки, вклучително и афирмативни мерки, како што е систем на родов паритет, за забрзано вработување и назначување на жени на места на кои се донесуваат одлуки во јавната администрација, вклучително и во дипломатската служба, армијата и полицијата.

Важно е клучните институции за унапредување на родовата еднаквост, како што се Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието и Секторот за еднакви можности во Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со граѓанското општество, да подготвуваат и спроведуваат програми и долгорочни стратегии согласно законската регулатива за надминување на родовите стереотипи и предрасуди за жените и мажите на места на кои се донесуваат одлуки во власта.

Финска како позитивен пример за родова еднаквост 

Финска е втора најдобра земја во светот за да бидеш жена, и трета земја во светот за родова еднаквост. Во оваа европска земја, жените уживаат еднакви права со мажите и учествиваат како во политичките, така и во социјано економските делувања.

Успехот на Финска во полето на родова еднаквост се должи на унапредување на статусот на жената уште во раните години во историјата, но и одржување на таквата традиција низ годините.

Финска е првата земја во светот која што го овозможила правото на глас на жените уште во 1906 година, но е и земја каде што за прв пат на избори се избрала жена пратеничка во финскиот парламент. Сите највисоки политички функции во државате биле предводени од жени додека пратеничките места започнувајќи од деведесетите се помеѓу 40% женска застапеност, што е пресликана и во локалната власт, иако не постојат никакви законски обврзувања или изборни квоти. Мнозинстово политички партии самоиницијативно имаат дефинирано балансирана родова застапеност на своите кандидатски листи.

Две клучни работи за успехот на Финска се историјата на земјата и вредносниот систем. Родовата еднаквост во Финска се перцепира како основна вредност и социјална норма, која што е дел од образовниот систем и се учи како вредност од многу мала возраст, објаснува Ана Лаине , студент по интеркултурни студии од Финска.

Ана Лаине, студент по интеркултурни студии од Финска

„Нашите културни норми вклучуваат грижа за луѓето и околината без оглед на нивната возраст или род, така сме израснати сите ние, што значи дека родовата еднаквост се смета како многу очигледна и стандардна норма. Финското општество не познава ригидна хиерархија туку става фокус на избалансираност, еднаквост и развој, без оглед на род, возраст, раса или било која друга определба”, вели Ана Лаине, студент по интеркултурни студии од Финска .   

Финска има долга историја со интегрирање на родовата еднаквост во политиките, владините програми и активности, но и во други аспекти на општествениот живот. Финската влада го донела првиот акциски план за родова еднаквост уште во 1980 година, со цел промовирање на правата на жените и нивната вклученост во општеството како национална стратегија. Ваквата практика продолжува и до денес, и во континуитет се работи на оваа тематика и постигнување на се поголем прогрес. Во склоп на самиот владин состав постои и назначен министер за родова еднаквост, но и оддел за родова еднаквост што активно ги координира активностите на државните институции и тела и промовира родова еднаквост на секое ниво.

Образованието е еднакво важно во етаблирање на родовата еднаквост како социјална норма, а образовните програми вклучуваат особен осврт на важните општествени и културни врености.

„Образованието и добросостојбата се важни приоритети во Финска кои се високо ценети. Преку образованието се учат вредности на еднаквост и одржлив развој, а еднаквоста во општеството и политиката потекнува токму од ваквата поставеност на вредносниот систем” заклучува Лаине.

Интересно е тоа што Финска има посебен Правобранител за родова еднаквост како независно тело, со посебен буџет, чијшто мандат е исклучително фокусиран на родова еднаквост. Ова дополнително укажува на институционалната поставеност и посветеност на прашањата поврзани со родовата еднаквост.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags:

Të fundit