Финансиската писменост иако во пораст се уште зад просекот во ОЕЦД и ЕУ
Она што можат сами да го направат граѓаните, за дополнително да се заштитат, е финансиски да се едуцираат
Автор: Теа Цветановска
Измами со кредитни картички од лица и платформи кои се претставуваат како банка, адвокат, посредници во инвестиции или тргување, но и сајбер-криминал преку крадење на средства од платежни картички при извршено електронско плаќање, стануваат се почести. Безбедносните ризици поврзани со електронските плаќања се драстично зголемени во изминатите години, пред се поради зголемената употреба на ваквиот тип на плаќање на глобално ниво, но и развојот на техничките услови и појавата на нови видови на он-лајн платежни услуги. Тоа претставува сериозна закана за финансиската безбедност и благосостојба на корисниците на електронско банкарство и услуги.
Поради фактот дека платежните услуги се предуслов за витална економија и исполнување на социо-економските активности во дигиталната доба, корисниците на електронските платежни услуги се изложени на сериозни ризици од кои треба да се соодветно заштитени и безбедни.
Зголемена финансиска инклузија и зголемена употреба на он-лајн плаќања
Според последната Финдекс база на податоци на Светска банка, во 2021 година во Северна Македонија 85,3 проценти од населението на возраст над 15 години поседувало банкарска сметка, како најшироко употребуван продукт, што е за 8,7 процентни поени повеќе од 2017 година кога процентот бил 76,6, што пак упатува на зголемена финансиска инклузија, односно свесност за оделните постоечки финансиски производи на пазарот и нивната употреба во пракса. Според Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ), ваквото ниво на земјата е умерено пониско, за 4,3 процентни поени, споредено со просекот за земјите од Европа и Централна Азија за 2021 година. Но од друга страна, споредено со земјите од регионот, земја има највисоко ниво веднаш по Србија која има 89,4 проценти.
Во истиот период пак е зголемено користење на кредитни или дебитни картички од 37 проценти на 43 проценти, особено кај помладите. Според оваа база на податоци, населението над 15 години се повеќе користи мобилен телефон или интернет за он-лајн купување. Во 2021 година, 30,5 проценти од населението во Македонија купувало он-лајн, во споредба со 16,9 проценти во 2017 година. Сепак, процентот на он-лајн купување е значително помал во споредба со земјите во Европа и Централна Азија каде изнесувал 50,2 проценти во 2021 година.
Купувањето преку интернет пак е зголемено, особено за време на пандемијата со Ковид-19. Од почетокот на пандемијата, осум проценти од населението во земјата на возраст над 15 години за прв пат извршиле дигитални плаќања преку интернет за он-лајн купување.
Извор: Вебстрана на Народна Банка
Но како што расте трендот на он-лајн купување и користење на услуги за електронско плаќање, истовремено во пораст се и измамите при електроснките плаќања.
„Поплаките за измами покажуваат нагорен тренд бидејќи сѐ повеќе луѓе пазаруваат преку интернет, а измамниците постојано се прилагодуваат на новите технологии за плаќање. Во изминатиов период најзастапена форма за измами е phishing, форма на социјален инженеринг каде измамниците имитираат легитимни организации, на пример, банки, трговци на мало и слично, за да ги натераат граѓаните да ги дадат податоците од нивната картичка или други лични податоци”, велат од Комерцијална банка АД Скопје.
Законски одредби и заштита
Законот за платежни услуги и платни системи донесен во 2022 година, претставува правна рамка за регулирање на правата и обрските на давателите и корисниците на платежни услуги и останати прашања поврзани со платежните услуги.
Овој закон одговорноста за управување со сигурносните ризици поврзани со платежните услуги и воспоставување на мерки и контролни механизми за нивно намалување, ја става во рацете на давателот на платежни услуги, односно комерцијалните банки во државата. Тие се должни да одржуваат ефективни процедури за управување со сигурносни инциденти и измами, водење евиденција и вршење оценка за изложеноста од ризик, за што се должни да ја известуваат Народната Банка.
„Најголем дел од клиентите, во случај на поплака директно се обраќаат кај банките, со кои имаат склучено договор за користење на одредена услуга и во најголем дел овие поплаки се решават помеѓу нив. Банките редовно ја информираат Народната банка за поплаките кои што тие ги добиваат. Народната банка е отворена за поплаки од клиентите на банките, при што истите се разгледуваат, се проверуваат врз основа на прибрани информации и документација од соодветните банки и потоа им се доставува одговор на клиентите”, велат од Народната банка на Република Северна Македонија.
Од Комерцијална банка пак велат дека во случај на сајбер измама, поднесувањето изјава за рекламација по одредена трансакција, за која клиентот е сигурен дека не ја направил, е прв чекор во целата процедура за истражување на поплаката и на можностите за оспорување на трансакцијата.
Извор: Вебстрана на Комерцијална банка
Врз основа на потпишаната изјава, Банката започнува со процедури, согласно строго дефинирани правила за случаи на злоупотребени трансакции со картички. Правилата за тоа се унифицирани за сите банки во светот што имаат важечка лиценца издадена од компаниите Mastercard и Visa. Според нив, доколку клиентот самоволно ги споделува своите лични податоци и податоците од картичките со трети лица и кога Банката ги запазила сите безбедносни стандарди, тогаш нема основ за оспорување на извршените трансакции, појаснуваат од Комерцијална Банка.
Дополнителни заштитни мерки кои банките ги преземаат за заштита од злоупотреби се и добивање на нотификации за секоја трансакција преку мобилна апликација, како и дневни и периодични лимити за ограничување на износите за користење при трансакции на интернет, самостојно менување на овие лимити според потребите на клиентот, но и блокирање на картичките во секој момент преку електронско и мобилно банкарство.
Европска Регулатива
Во Европската Унија платежните услуги се регулирани со Директивата за платежни услуги која има за цел да креира интегриран Европски платежен маркет и да обезбеди безбедни плаќања и заштита на потрошувачите. Во 2015 година оваа директива е изменета по предлог на Европската Комисија со воспоставување на правила за подобра заштита на потрошувачите при електонски плаќања и обезбедување на побезбедни услуги во време на зголемена дигитализација.
Најважен елемент на оваа директива е барањето за посилна автентикација на корисникот и авторизација на електронските плаќања, преку употреба на повеќефакторен метод на автентикација, помеѓу две и три нивoа на заштита, како и технички стандарди и спецификации за безбедно извршување на плаќањето.
Директивата предвидува и обврска за мониторинг, документација и известување на настанати измами и инциденти со цел превенција од измами во платежните системи, што во голема мера се применува и во Македонија.
„Со донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, се постигна значајна усогласеност со директивите и регулативите на Европската Унија во платежната сфера. Следствено, со овој Закон, банките во нашата земја, меѓудругото се обврзани да поседуваат засилена автентикација во доменот на дигиталните плаќања, во функција на поголема заштита на потрошувачите”, изјавуваат од НБРСМ.
Земајќи го предвид брзиот напредок на технологијата и иновациите, ЕУ оди подалку кон модернизација и зајакнување на оваа регулатива преку зголемување на безбедноста, за да ги следи овие трендови и дигитални текови кон отворено банкарство. Со цел да се превенираат измами, во јуни 2024 година Евопската Комисија даде предлог-измени за посилна автентикација – преку проверка на две истокатегорични елементи, како што се две ОТП лозинки и построги правила за пристап и употреба на електронските плаќања. Очекувањата се овие правила да се усвојат до крајот на годината, а да почнат да важат од 2026 година.
Едукацијата е основна заштита
Независно од законски дефинираните мерки и механизми за заштита од измами, како и институционалната заштита што ја овозможуваат банките како даватели на услугите за он-лајн плаќања, но и Народната банка како регулаторна инситуција, ризици секогаш има. Она што можат да го направат граѓаните, за дополнително да се заштитат, е да се едуцираат и да го зголемат нивото на агилност и знаење за електронските плаќања, со што би можеле да ги превенираат он-лајн измамите и злоупотребите. Финансиски писмено население, има свесност за правилна употреба на финансиските продукти и услуги вклучително и во дигиталниот свет, а способно е да се заштити од ризиците и негативните аспекти на електронското плаќање.
Предавање во рамки на Денови на финансиска писменост 26-28 ноември, НБРСМ
Финансиката писменост инаку е вештина која секој еден поединец треба да ја поседува со цел да може да носи информирани финансиски одлуки, да умее да управува со своите финансии и да ги разбира основните концепти на областа, со што би придонел кон сопствена економска благосостојба и независност, но и кон економската стабилност во општеството.
Нивото на финансиска писменост во Северна Македонија, според последните мерења на ОЕЦД/ИНФЕ преку методологија следејќи анкетно истражување за нивото на финансиска писменост кај возрасна популација, е со агрегатен индекс од 11.8 од максималното ниво на индексот од 21, кој е споредлив и незаостанува значително зад просекот на ОЕЦД земјите, кој е 13 и зад земјите од Југоисточна Европа каде индексот е 12. Просекот во регионот се движи од 11.5 во Црна Гора, до 12 во Хрватска и 14.7 во Словенија. Процентуално, нивото на финансиска писменост во Северна Македонија кај возрасното население изнесува 56 проценти од максимумот, приближно на просекот на Југоисточна Европа кој изнесува 57 проценти, но релативно пониско од ЕУ просекот од 64 проценти и земјите од ОЕЦД со 65 проценти.
Народната Банка е една од главните институции во Северна Македонија која што активно спроведува активности за финансиска едукација на населението, што опфаќа изработка на едукативни материјали, брошури, поимник, едукативни анимирани видеа, како и организирање на сесии и работилници наменети за подигање на свеста за финансиска писменост и стекнување на вештини за финансиско управување.
„Настојуваме да ги следиме најновите трендови во финансиите и да покриеме различни теми, вклучително и од доменот за дигиталните финансиски услуги, за што неодамна објавивме посебна едукативна брошура, а скоро започнавме со нов серијал едукативни видеа”, посочуваат од Народната Банка.
Граѓанскиот сектор сојузник во финансиското описменување
Финансиската писменост е од јавен интерес од причина што личните финансиски одлуки влијаат на целокупниот економски раст и развој, е ставот на Ана Дукоска, претседателка и основачка на „Јас Сум Жена” и менаџер по сметководство во градежна компанија во САД.
Дукоска смета дека проблемот со ниското место на ранг листата за финансиска писменост на државата е институционален, кој бара сериозна промена на образовниот систем во насока на воведување на предмет финансиска писменост, дури од основно училиште, доколку целта е следење на новитетите и финансиските осцилации во светот.
„Финансиски едуцирано население подобро го разбира финансискиот систем, стекнува способност да носи издржани финансиски одлуки и воедно подобро да се заштитува од финансиските ризици. Истовремено, финансиски едуцирано население, знае како да ги користи предностите на постојните финансиски производи, што придонесува кон одржлив економски раст”, објаснува Дукоска.
Ана Дукоска, претседателка и основачка на „Јас Сум Жена“ и менаџер по сметководство во градежна компанија во САД
Таа како претседателка на граѓанско здружение „Јас сум жена“, во партнерство со граѓанската организација „Глобал Шејперс“ и Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, работи на подигање на нивото на финансиска писменост, преку одржување на годишни Женски економски форуми.
Форумот нуди обраќања на креаторите на монетарната политика во државата, меѓународни експерти, успешни бизнис приказни, интерактивна работилница и дополнителен материјал кој останува за секој учесник за понатамошно доусовршување на темите. Според Дукоска, мисијата на Форумот е да ги инспирира и охрабри институциите да ги преземат потребните чекори кон подобрување на финансиската писменост во земјата.
Сепак, иако ваквите активности придонесуваат кон подобрување на состојбите, сепак не претставуваат системски пристап што може да вроди со резултати од поголеми размери. Исчекор кон сеопфатно адресирање на недостаток од финансиска писменост е направен во 2021 година, со усвојувањето на првата Национална стратегија за финансиска писменост од страна на Народната Банка и другите финансиски регулаторни институции, меѓу кои се Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.
Позитивен исчекор кон финансиска едукација во Северна Македонија
Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија на Република Северна Македонија за периодот 2021-2025 година, е првата национална стратегија во државата изработена од НБРСМ и усвоена од финансиските регулаторни институции како стратешки документ за петгодишен развој и подобрување на финансиската едукација и зајакнување на финансиската инклузија.
Стратегијата дефинира различни активности и мерки за остварување на поставените цели, спроведени од самите регулаторни институции, свој удел имаат и од Министерството за образование, а постојано се вклучуваат и нови субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор. Во таа насока Народната Банка очекува успешна реализација на Стратегијата.
„Во изминатите три години, беше изработен Кодекс на добри практики за финансиска едукација, усвоен во 2021 година. Кодексот ги утврдува принципите што треба да се применуваат при спроведување на финансиската едукација на населението во земјава, од страна на сите субјекти од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, вклучени во овој процес. Кодексот се заснова врз најдобрите светски искуства и има за цел да овозможи промоција и изведување висококвалитетна и непристрасна финансиска едукација од страна на сите вклучени субјекти”, наведуваат од Народната банка.
Притоа инфомрираат дека во август 2022 година биле усвоени и Основните компетенции на финансиска едукација, коишто ги опфаќаат основните знаења, вештини, ставови, мотивации и однесувања во однос на финансиите коишто би требало да ги поседуваат лицата во различни фази од животот.
Сепак, статистиката укажува дека постои простор за дополнителен напредок на скалата на финансиска писменост, особено во доменот на поновите финансиски продукти и услуги кои се однесуваат на дигитални плаќања и отворено банкарство. Истовремено постои и потребата од подобри законски решенија кои би ги следеле меѓународните финансиски текови и би обезбедиле поголема заштита.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.
Tags: #финансии #писменост #Македонија #заштита #електронски #измами #граѓани #едукација #ЕУ #ОЕЦД