сабота, јануари 25, 2025

ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ СÈ УШТЕ ЧЕКААТ ДА БИДАТ РАМНОПРАВНО ВКЛУЧЕНИ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ

Вработувањето на лицата со попреченост – предизвик или можност?

Автор: Бранкица Несторовска

Компанијата „НИКОМ“ од Кавадарци се занимава со производство на дрвена амбалажа и е едно од заштитните друштва во нашата држава. Во овој контекст, велат дека идејата за заштитно друштво дошла случајно кога родител на лице со попреченост барал шанса неговото дете да проба да работи и како би се снашло во работата.

„Ние имаме вработено 22 лица со попреченост од кои голем дел имаат кај нас работен стаж уште од самото започнување на заштитното друштво. Поделба кај вработените не постои, баш напротив сите лица со попреченост подеднакво се прифатени од останатите вработени како нивни колеги меѓу кои постои пријателство и дружби и надвор од работното место”, наведуваат од „НИКОМ“.

„НИКОМ” е едно од 47-те заштитни друштва од Заедницата на заштитни друштва во Македонија формирана во 1972 година. Овие друштва вработуваат околу 5.000 лица од кои 2.500 се со попреченост.

Според Законот за вработување на инвалидни лица, заштитно друштво може да се основа и да работи како заштитно друштво ако вработува најмалку десет лица на неопределено време од кои најмалку 40% се лица со попреченост од вкупниот број на вработени, од кои најмалку половината се лица со утврдена попреченост.

Извор: Marcus Aurelius / Pexels

Со вработувањето на лицата со попреченост, како што наведуваат од компанијата, тие ги презеле сите потребни мерки за безбедност и здравје при работа, како и прилагодувања според систематизацијата за работни места, пред сè за овие лица, со што им овозможиле работни места и вештини со кои тие би можеле полесно да ја извршуваат работата.

Но приказната за „НИКОМ” е една од ретките позитивни приказни за вработување на лица со попреченост. Вклучувањето на овие лица на пазарот на трудот претставува голем предизвик. На хартија им се гарантира еднаквост, инклузија и недискриминација, но реалноста најчесто е различна. И покрај напорите за подобрување на состојбата со вработувањето на лицата со попреченост, резултатите се поразителни. Тоа го забележува и Европската комисија во Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.

„Идната година Република Северна Македонија треба да продолжи да ги спроведува стратегиите за активирање на пазарот на труд за младите луѓе, долгорочно невработените и нискоквалификуваните лица, како и за жените, лицата со попреченост и Ромите и да се осигура дека овие мерки се соодветно вреднувани”, стои во Извештајот на ЕК за 2024 година.

Освен недоволно спроведените стратегии за вработување на лицата со попреченост, за состојбата по ова прашање укажува и тоа што земјата ја ратификувала Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, но многу домашни закони, политики и практики не се целосно усогласени со нејзините принципи. Дополнително, новиот Закон за безбедност и здравје при работа сè уште не е усвоен, а капацитетите на Агенцијата за вработување треба дополнително да се подобрат за зголемување на ефективноста и ефикасноста на активните мерки на пазарот на трудот.

Ваквата состојба без поголеми промени се провлекува со години. Во Извештајот на Европската комисија за 2021 година се наведува дека државата треба да посвети посебно внимание на ефективно спроведување на активни мерки за вклучување на лицата со попреченост на пазарот на трудот, што споредено со најновиот Извештај на ЕК покажува дека во оваа област многу работи не се поместиле од мртва точка.

Спроведувањето на Националната стратегија е во почетна фаза

Во декември 2023 година Владата ја усвои Националната стратегија за правата на лицата со попреченост за 2023-2030 година и Акцискиот план за 2023-2026 година. Првата цел на Стратегијата кон која државата треба да се стреми е зголемена вработливост и остварување на право на работа на лицата со попреченост.

Извор: Национална стратегија за правата на лицата со попреченост за 2023-2030 година

Генерално, целта на Стратегијата, чие спроведување е во почетна фаза, е унапредување и заштитата на сите човекови слободи и права на лицата со попреченост на еднакви основи со останатите граѓани, како и унапредување на почитувањето на нивниот дигнитет. Таа е исклучително значајна, бидејќи ги вклучува сите потреби, на сите категории на лица со попреченост за кои низ годините имаше парцијално залагање.

Еден од поголемите предизвици кај оваа стратешка цел е забраната на дискриминација врз основа на попреченост во сите форми, сектори и нивоа на работа, што е во согласност со член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој како една од основите за дискриминација се наведува и дискриминацијата врз основа на попреченост.

Извор: fauxels / Pexels

Македонија е потписничка и на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, од 2011 година, која го признава правото на лицата со попреченост да работат на еднаква основа со другите. Тоа подразбира можност да заработуваат за живот преку слободен избор на работа, прифатена на пазарот на трудот и работна средина која е отворена, вклучена и пристапна за лицата со попреченост.

Агенцијата за вработување води евиденција на невработените лицата со попреченост

Агенцијата за вработување пак е таа која треба да води евиденција на невработените лица со попреченост, а вработувањата се вршат согласно одредбите од Законот за вработување на инвалидни лица, според кој од посебен фонд се доделуваат неповратни средства за вработување на лице со попреченост на неопределено време, за адаптација на работното место, за набавка на опрема, за работно оспособување и работен асистент. Инаку финансиските бенефиции за вработување, главно се насочени кон работодавачите како директни корисници, а во помал дел кон самите лица со попреченост.

Извор: monkeybusinessimages / Unsplash

„Во периодот од 01.01.2023 до 22.11.2024 година Управниот одбор на Агенцијата за вработување донесе позитивни решенија за вработување на 195 лица со попреченост за 149 поднесени барања од страна на работодавачи“, информираат од Агенција за вработување.

Од Агенцијата за вработување велат дека е креирана Програмата за самовработување на лицата со попреченост. Целта на оваа Програма е да се зголеми пристапот и учеството на лицата со попреченост, како и да се зголемат можностите на пазарот на трудот за нивно вработување.

Улогата на Стопанската комора во инклузијата на лицата со попреченост

За подобрување на вклученоста на лицата со попреченост во пазарот на трудот свои активности имала и Стопанската комора на Северна Македонија, пред сè со конкретни предлози за подобрување на содржината на законските решенија за таа цел, особено во делот на заштитните друштва.

„Стопанската комора на Северна Македонија беше вклучена во проект „Центар за вработување на лица со хендикеп“ кој се спроведуваше во текот на 2017 година и почетокот на 2018, во соработка со Полио Плус, со цел јакнење на капацитетите на бизнис секторот за вклучување на лицата со попреченост во работниот процес“, наведуваат од Стопанска комора.

Од таму велат дека досега имале организирано и серија на информативни денови и работилници каде компаниите имале можност да се запознаат со придобивките и условите кои треба да се создадат за полесно  и поуспешно вклучување на лицата со попреченост на пазарот на трудот.

Една од придобивките за овие фирми е ослободување за плаќање на данок на добивка и сите давачки од добивката, но тоа не е доволно за компанииите да се решат да станат заштитни друштва.

Во истиот контекст, од „НИКОМ“ се на став дека државните субвенции кои ги користат не се доволни за да се следи технологијата на машините за производство, а дека истите ги користат за подобрување на условите за работа на вработените.

Хрватска ја следи европската пракса на вработување по квоти

Праксата во европските земји, како на пример Хрватска, е релативно поразлична од македонската. За разлика од македонскиот Закон за вработување на инвалидни лица, кој во најголема мера се потпира на создавање средина за вработување лица во заштитни друштва, иако не го исклучува вработувањето кај друг работодавач, во Хрватска главно е насочен кон уредување на вработувањето на отворениот пазар и кон регулирање на процесот на професионална рехабилитација.

Законот во Хрватска ја следи европската пракса, односно европската Директива за воспоставување општа рамка при вработување и вршење на занимања, според која работодавачите со најмалку 20 вработени, со исклучок на дипломатските и конзуларните претставништва, интегративни и заштитни работилници, се должни да вработат одреден број лица со попреченост, во зависност од вкупниот број на вработени и од дејноста што ја вршат. Квотата варира од 2% до 6% од вкупниот број на вработени.

Извор: Dominik Spalek / Pixabay

Во контекст на поттикнување на понатамошно вработување за работодавачите кои ја надминуваат квотата или кои обезбедуваат вработување за лице со попреченост без квотната обврска, законот во Хрватска предвидува можност за парична награда.

Квоти за вработување на лица со попреченост има и во Словачка каде според законот тие треба да сочинуваат 3,2 % од вкупниот број на вработени во компании со над 20 вработени.

Секој шести жител на планетата е со некаква попреченост

Според податоците на Светската здравствена организација проценето е дека 1,3 милијарди луѓе во светот имаат значителна попреченост. Ова претставува 16% од светската популација или секој шести човек.

Овие податоци на светско ниво укажуваат дека во Северна Македонија околу 290.000 граѓани имаат одреден вид на попреченост.

Причините за нивната дискриминација на пазарот на трудот се најразлични: од стереотипи и стигматизација, преку ограничен пристап до работните места, до недоволна имплементација на законските прописи.

Генерално, она што недостига за да се подобри вработувањето на лицата со попреченост е систем на утврдување на можностите според видот на попреченост и насочување кон професија која лицето без пречки би можело да ја извршува, но и нивна поддршка при користење на мерки за самовработување.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags:

Të fundit