сабота, јули 20, 2024

ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ОБИД ДА ФАТИ ЧЕКОР СО СТАНДАРДИТЕ НА ЕУ

Автор: Бојан Лазаревски

Иако предностите на дигитализацијата се препознаваат, потребно е време за целосна и рамномерна имплементација

Образованието во Македонија чекор по чекор се дигитализира. Министерството за образование и наука изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата чии првични тестирања се веќе спроведени, а паралелно се подготвува и преминување кон нов електронски дневник во основните и средните училишта. Високото образование пак, е понапредно во овој процес, со дигитални уписи на семестри, дигитални индекси, дигитални библиотеки за студентите. Но, споредено со земјите од Европската унија, македонското образование сѐ уште е далеку од европските практики и процеси на дигитализација.

Во денешниот свет со брзи промени во технологијата, дигитализација во образованието овозможува да го револуционизираме начинот на предавање и учење, создавајќи нови можности за учениците и наставниците. Дигиталните алатки овозможуваат пристап до мноштво информации и достапност во било кое време и од било кое место.

 Дигитализацијата се интензивира со помош од Светска банка и ИПА на ЕУ

 

Придобивките од примената на информатичко-комуникациските технолигии во образованиот процес се препознаени од страна на образовните институции во земјава, па така од Министерството за образование и наука наведуваат дека процесот е интензивиран и изминатите неколку години зголемени се напорите како тој процес да се забрза, вклучително и со зголемување на буџетот за дигитализација.

„Со поддршка од Светска банка во 41 училиште ја модернизиравме постоечката ИТ и мрежна инфраструктура. Се поставија нови уреди за безжичен пристап, како и уреди за мрежна безбедност со што се зголемија можностите за безбеден пристап до дигитални образовни ресурси. Изработена е платформата nastava.mk на која се поставени сите учебници за IV, V и VI дделение по сите наставни јазици, кои се одобрени за користење, во дигитален интерактивен формат, односно истите содржат бројни квизови, видеа, слики и слично”, наведуваат од МОН.

Со финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европската унија, Министерството го работи новиот интегриран систем за електронска работа на училиштата, како и електронскиот дневник, за кои, откако ќе заврши процесот на тестирање и пилотирање, и по миграцијата на податоците од постојниот во новиот систем, тој и официјално ќе се примени во сите училишта, а сите наставници ќе добијат соодветна обука за користење.

„Младите живеат во дигитална ера и ИТ-технологијата е составен дел од нивното секојдневно функционирање. Така што примената на современите дигитални алатки е неминовна и во сферата на образованието”, наведуваат од МОН.

Досегашната бавна дигитализација се должи и на недостигот на дигитални уреди во училиштата

Во меѓувреме, дигитализирани се и услугите кои ги обезбедува Министерството, па така учениците аплицираат електронски за упис во средните училишта, за стекнување на право на стипендија, за сместување во ученички и студентски домови, како и за нострификација на дипломи стекнати во странство.

Соња Трифуновска, одделенски наставник, ООУ „Гоце Делчев“ – Тетово

Одделенскиот наставник во ООУ „Гоце Делчев“ во Тетово, Соња Трифуновска, смета дека постојат тенденции за дигитализација во образованието, но процесот оди бавно, што пред сѐ се должи на недостигот на дигитални уреди и стабилна поврзаност со интернет.

„Често се случува наставниот кадар да користи сопствен дигитален уред (лаптоп, телефон) и/или сопствен интернет за да може да примени дигитална алатка на часот или во воннаставните активности. Редовните обврски со пополнување на е-дневникот непречено се одвиваат, но наставниците го  пополнуваат и од дома“, објаснува Трифуновска.

 

Таа меѓу другото како наставник-ментор спровела дисеминација за платформата nastava.mk во училилштето и смета дека резултатите се позитивни, но дел од учениците платформата ја користат само во домашни услови.

Трифуновска додава дека и за време на пандемијата, платформата ЕДУИНО има креирано огромна база на дигитални образовни ресурси за употреба при реализација на наставната програма. За искуството на учениците и родителите со користењето на дигиталните алатки во образованието, таа вели:  „Многу често се развива и добра соработка и натпреварувачки дух меѓу учениците, особено ако решаваат дигитални задачи или квизови. На родителите им ги пренесуваат нивните впечатоци од часовите и најчесто од родителите има позитивни реакции“.

Сепак според неа, потребни се добри технички предуслови и подготвеност на наставниот кадар за успешно спроведување на дигитализацијата, како и истата добро да биде испланирана и спроведувана.

 Универзитетот „Гоце Делчев“ пример за дигитализација во високото образование

И додека во основното и средното образование во тек се суштински измени за негова дигитализација, во високото образование, пред сѐ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, дигитализацијата полека станува секојдневие.

Извор: Веб страна на УГД

Од УГД наведуваат дека со дигитализацијата физичкото присуство на студентите на шалтерите на универзитетот го свеле на минимум.

„Универзитетот може да се пофали со целосно имплементиран електронски индекс за студентите, електронско оценување и целосна електронска административна поддршка за студентите која овозможува електронско плаќање, електронско пријавување на испити, електронска заверка на семестар преку која се избегнуваат досега познатите потешкотии на студентите низ универзитетите во државата со административните служби”, наведуваат од Универзитетот „Гоце Делчев”.

Интересно е што користењето на алатките за учење на далечина на овој Универзитет експериментално се применуваат уште од декември 2019 година, што за време на Ковид пандемијата придонело Универзитетот без никакви потешкотии целосно да премине кон настава на далечина. УГД дури добил и признание од „Мајкрософт“, за успешна приказна во дигитализацијата и прилагодување на образовниот преку користење на сите алатки на Microsoft 365 за пристап, предавања, споделување на научни материјали и материјали за предавања со студентите. Според статистикете на „Мајкрософт“, со нивните дигитални алатки на УГД биле реализирани околу 100.000 часови аудио инструкции, 50.000 часа видео инструкции и 11.000 он-лајн предавања.

Универзитетот дополнително поседува и библиотека со 974 бесплатни електронски изданија за студентите, кои во јануари 2023 година биле преземени 448,819 пати.

Студентите задоволни од дигитализацијата на УГД

И студентите од овој Универзитет се задоволни за тоа како тече дигитализацијата и сметаат дека УГД е еден од најдигитализираните универзитети во државата. И тие, како што велат, даваат придонес во тоа со свои сугестии и идеи, а задоволни се што во дигитализацијата постои усогласување со високото образоавние во земјите од ЕУ, преку споделувања на искуства.

„Бројни претставници од ЕУ учествувале на неколку настани кои ја промовираат дигитализацијата на нашиот Универзитет, но и нашата држава, воопшто. Го следат нашиот напредок и ги мотивираат другите Универзитети во Македонија да го користат нашиот пример“, велат од Универзитетското студентско собрание при УГД.

Недостаток единствено гледаат, не во самата дигитализација, туку во ограничувањата во држава, поконкретно во Законот за високо образование и Законот за архивско работење. Според УСС при УГД тие се многу општо наведени и можат да бидат толкувани на различни начини, што пак го ограничува целосното дигитализирање на високото образование. Студентите од овој Универзитет сметаат дека е потребно да се создаде заедничка дигитална мрежа во високото образование која би ги поврзувала земјите од регионот, но со земјите од ЕУ.

Дигитализацијата е приоритет и на најголемиот Универзитет во земјата:

Од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ исто така велат дека обрнуваат сериозно внимание на дигитализацијата и во делот на образованието и научно истражувачката работа, но и во административното работење.

„Универзитетот поседува сопствена комуникациска и сметачка инфраструктура која ги опслужува најголемиот дел од информатички поддржаните услуги кои се нудат преку неа.  Комуникациската инфраструктура претставува сопствена компјутерска мрежа базирана на современи редундантни фибер-оптички комуникациски линкови со кои се поврзани речиси сите единици во состав на Универзитетот. Сметачките ресурси се концентрирани во техничкиот кампус на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и делумно во Ректоратот на Универзитетот“, наведуваат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Извор: Веб страна на УКИМ

Повеќе од 10 години на УКИМ се користи iKnow системот кој содржи електронска форма на студентските досиеја, податоци за академскиот напредок, студиските планови и програми, како и за наставниот кадар и предметите кои ги предаваат.  Системот е поврзан со други информациски системи за остварување на одредени права на студентите, како за здравствено осигурување или повластен автобуски превоз.

И покрај тоа што Универзитетот „Св.  Кирил и Методиј“ нема посебна стратегија за дигитализација, сепак таа е дел од неговите стратешки документи. Од УКИМ наведуваат дека при подготовката на стратешкиот план, водена е сметка за усогласување со ЕУ определбите во оваа насока, притоа земајќи ги во предвид и реалните можности и ограничувања за изготвување на остварлив план.

Дефинитивно -‘не’“, е одговорот од УКИМ за тоа дали постојат доволно технички капацитети и обучен кадар за имплементирање на дигитализацијата во образованието.

„Што се однесува до кадарот, тоа е сериозен предизвик за сите јавни институции во земјава, не само за оние во доменот на високото образование. Анализите велат, дека годишната потреба од висококвалификуван кадар во областа на ИКТ во земјава е поголема од продукцијата на таков кадар”, е ставот на УКИМ.

Недостигот, велат од УКИМ, главно се должи поради големите разлики во платите помеѓу јавниот и приватниот сектор.

Од таму ја нагласуваат потребата за контиунирана посветеност кон надградба и развивање на нови дигитални вештини со цел следење на брзото темпо на развој кој го имаат информатичките технологии. Но на тој пат постојат и бариери. Една од бариерите со кои се соочуваат универзитетите низ процесот на дигитализација, според надлежните од УКИМ, е неусогласеноста на законската легислатива со промените и можностите кои ги нуди дигитализацијата, поради што, во одредени случаи, не може во целост да се почувствуваат придобивките од веќе имплементираните дигитални сервиси, а тоа било претставувало проблем и за оние кои допрва ќе се имплементираат.

На УКИМ за разлика од УГД, дел од средствата за дигитализација се обезбедени и од програми на ЕУ за поддршка на образовни, научно-истражувачки или инфраструктурни проекти, но и  од други меѓународни проекти и од НАТО. Сепак наведуваат дека финансиите за дигитализација главно ги обезбедуваат од сопствени средства.

 Потребен е систем со фокус на безбедноста и да се биде во тек со развојот на технологијата

И додека Универзитете сметаат дека прават сѐ за да го дигитализираат образовниот процес, студентите од УКИМ оценуваат дека дигитализацијата се одвива бавно.

„Технологијата е толку напредната што или мора константно да се надградува или да се започне од почеток”, наведуваат од Универзитетското студентско собрание при УКИМ, од каде се на став дека главната потреба за дигитализација е олеснување на судентскиот живот, особено бидејќи има и сѐ повеќе странски студенти.

Според нив освен бирократско олеснување за студентите, дигитализацијата би значела и намалување на корупцијата во високото образование. Сепак, клучно во целиот процес на дигитализациија за УСС при УКИМ претставува и заштитата на системот, односно безбедноста на дигиталните документи на студентите и универзитетите.

„Со добар систем со фокус поставен на сајбер-безбедност ризикот би бил мал, ако не и еднаков на ризикот физичка архива да биде опожарена и така да се изгубат сите информации”, наведуваат од УСС при УКИМ.

По ова прашање со сличен став се и од УСС на УГД, според кои постојниот кадар, со досегашните лимитирани ресурси постигнал значителни позитивни резултати, но додаваат дека со растот на универзитот ќе има потреба и од повеќе средства, опрема и кадар, а до сега во неколку наврати како помош се вклучувани и студенти волонтери.

Но новите технологии секогаш чинат, па така и средствата кои е потребно да се издвојат за нив не се воопшто занемарливи. Од УГД информираат дека досега не добиле финансиска поддршка од надвор за дигитализацијата која ја спровеле. Само во последните две години од работењето, како што наведуваат од УГД, Универзитетот издвоил 100.000 евра сопствени средства за потребните софтвери, како и 200.000 евра за опрема.

Дигитализацијата во Естонија, пример за Македонија, но и за целата ЕУ

На патот кон дигитализацијата во образованието, Македонија може да учи од најдобрите. Еден успешен пример за дигитализирани општества во Европската Унија е Естонија. Имено, во 2022, Статиста ја рангираше Естонија на првото место во ЕУ во категоријата на нудење дигитални јавни услуги. Високата развиеност на дигитализацијата во Естонија ги опфаќа сите сегменти на општество, вклучувајќи го и образованието.

Од Министерството за образование и истражување на Естонија наведуваат дека првите чекори во дигитализацијата на училиштата во Естонија се преземени уште во ‘80-те години од минатиот век.

Талин, главен град на Естонија

„Во 1995 година, нашиот тогашен претседател Илвес рече дека за да направиме јасен скок во 21 век, ќе треба да ги опремиме сите училишта со компјутери и да ги ставиме на интернет. Како резултат на тоа, во 1997 година беше инициран националниот проект „Тигарски скок“ и донесовме компјутери во сите училишта во Естонија, воспоставивме национална и стабилна мрежна инфраструктура која ја сметаме за стратешки чекори во користењето на технологијата за подобро настава и учење”, вели Уле Курвитс, раководителка на одделот за ЕУ прашања во Министерството за образование и истражувања на Естонија.

Според неа развојот на дигиталните компетенции на учениците е приоритет од 2011 година, кога дигиталната компетентност за прв пат била вклучена во националните наставни програми како една од општите компетенции што ученикот мора да ги стекне по дипломирањето.

Сепак Естонија не била сама на патот на дигиталзиацијата. Таа добила и сѐ уште добива голема поддршка и помош од Европската унија на тој пат, децидна е Курвитс. Тоа е случај и последниот предзивик на дигитализацијата на образовниот систем – вештачката интелигенција, особено со појавата на генеративни текстуални ботови.


Компјутери од минатото – Министерството за Социјални работи на Естонија

„Имам многу тековни дискусии на ниво на ЕУ поврзани со оваа тема. Разликата што би сакале да ја направиме е да им веруваме на училиштата и наставниците да ги донесат најдобрите одлуки врз основа на обуката и информациите што им се обезбедуваат”, е ставот на естонското Министерство за образование и истражувања.

И додека Европската унија и нејзините земји-членки се подготвуваат за влијанието на вештачката интелигенција врз образовниот систем, во Македонија сѐ уште нема Национална стратегиија за дигитализација на образованието.

Постојат повеќе документи во кои се споменува дигитализацијата на образованието, но засега иако најавена, национална стратегија сѐ уште нема. Националната стратегија за млади за периодот 2023 – 2027, е еден од докумнетите каде се споменува дигитализацијата, пред сѐ на високото образование, преку зголемено користење на ИКТ во наставата, како и креирање и надградба на дигиталните платформи за собирање на наставни материјали, учебници, видеа од часови, но и дигитализирање на административните услуги во образованиот процес за средношколците и студентите. Вториот документ во кој се опфаќа дигитализацијата на образовниот процес во Македонија е Стратегијата за образованието 2018 – 2025 година.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

           

Tags:

Të fundit