петок, јули 19, 2024

МАКЕДОНИЈА КОРИСНИК, НО СЀ УШТЕ БЕЗ ПРИДОНЕС СО СВОИ КАПАЦИТЕТИ ВО RESCEU

Автор: Бојан Лазаревски

Европската Унија ги јакне капацитетите и за справување со хемиски, биолошки, радиоалошки и нуклеарни закани

Глобалното затоплување и климатските промени сѐ почесто се причина за појава на природни несреќи, како епидемии, поплави, големи шумски пожари и земјотреси. Ваквите кризи кои не познаваат граници и често истовремено може да зафатат повеќе области и држави, ги принудија европските земји да размислуваат за дополнителен капацитет, за брз и ефективен одговор, кој ги надминува границите на национално ниво, што во 2001 година доведе до воспоставување на Европски механизам за цивилна заштита (ЕУЦПМ).

Македонија досега седум пати побарала активирање на овој Механизам, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), која е контакт точка за земјава за ЕУЦПМ. Тоа значи дека Македонија побарала меѓународна помош поради исцрпување на националните ресурси за справување со кризни состојби настанати од природен или човечки фактор.

Македонија црвеното копче за помош го притиснала по поплави, пожари и Ковид-19

Македонија првпат механизмот го активирала во 2007 година, кога сѐ уште формално и не членувала во него,  и тоа за справување со шумски пожари. Потоа во 2015 по поплавите во Тетовскиот регион и во 2016 за справување со последиците од поплавата во Стајковци, Скопско. Во 2019 црвеното копче за повик на помош беше вкличено со шумските пожари, што се повтори како причина и за активирање на механизмот од страна на Македонија и во 2021 година. Истата година механизмот беше активиран, но од друга причина – справување со Ковид-19, додека последниот повик на помош од Македонија беше упатен една година потоа, во 2022, за репатријација на македонски граѓани од Украина, по инвазијата од Русија.

„Механизмот обезбедува институционална платформа за земјите-учеснички да комуницираат со институциите на ЕУ одговорни за цивилна заштита. Тоа е алатка за подготовка, превенција и одговор на Заедницата на природни или од човекот предизвикани катастрофи. Помошта што ја дава се состои особено во насочување на специјализирани и соодветно опремени спасувачки тимови (модули) во операциите и обезбедување материјална и стручна помош. Придобивките од Механизмот за цивилна заштита, Република Северна Македонија ги користи подеднакво како и земјите членки на ЕУ”, наведуваат од Дирекцијата за заштита и спасување.

Европската Комисија ја има клучната улога во координирањето со Механизмот преку центарот за мониторинг и информирање, покривајќи најмалку 75 проценти од трошоците кои настануваат за транспорт и оперативните трошоци за распоредување. Механизмот брои 37 држави – 27 членки на ЕУ и 10 други.

Македонија официјално партиципира во Механизмот од 2013 година, по потпишување на Договор со Европската Унија, што ѝ овозможи пристап до ресурсите за справување со различни видови на катастрофи, но и аплицирање за финансиска поддршка од ЕУ, како и обуки и зајакнување на капацитети за примена на цивилна заштита.

„Република Северна Македонија сѐ уште нема декларирано капацитети во RescEU, но се вршени прелиминарни разговори за таква можност”, информираат од ДСЗ.

Сепак тие се на став дека нивните тимови, од разни специјалности, се опремени и обучени. Како потврда на тоа тие ги наведуваат ангажманите кои тимовите на Дирекцијата ги имале во повеќе спасувачки мисии, како што се поплавите во Албанија, поплавите во Србија и Босна и Херцеговина, земјотресот во Албанија, земјотресот во Турција, како и преку учество на голем број меѓународни вежби.

Достапност 24/7

Центарот за координација за итен одговор, како оперативно тело на Механизмот, кое работи 24/7, има витална улога во координацијата на одговорот на катастрофи и кризи низ Европа. Тој обезбедува брза и ефикасна комуникација, ги прима и процесира барањата за помош, координира испраќање на спасувачки тимови и опрема, и обезбедува поддршка и насоки за време на итни ситуации. Само во 2022 година, Европскиот механизам за цивилна заштита бил активиран 106 пати за помош на војната во Украина. Тој бил користен за пожари низ Европа, кризата со Ковид-19 , како во Европа така и во држави надвор од неа, а бил активиран и за поплавите во Пакистан.

ЕУ игра клучна улога во координирањето на одговорот на катастрофи во Европа и пошироко. Катастрофите на еден или друг начин го погодија секој регион на Европа во последниве години, предизвикувајќи стотици жртви и милијарди штета на инфраструктурата и животната средина.

RescEu – унапреден механизмот на цивилна заштита

Европската унија во 2019 година го надгради Мехамизмот за цивилна заштита и го создаде RescEU системот. Тој како надградбата на постојниот систем, како главна цел, треба да овозможи брзо реагирање и заштита на граѓаните од кризи, катастрофи и управување со нови ризици.  RescEU e целосно финансиран од Европската Унија, вклучувајќи ги трошоците за купување, операции и одржување.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека RescEU се активира преку ЕУЦПМ, односно испраќање на барање преку Центарот за координација, кое треба да ги содржи сите податоци за катастрофата поради која се бара помош.

Инаку RescEU е првично формиран како резерва за европските капацитети, вклучувајќи флота од противпожарни авиони, хелихоптери, медицински авион за евакуација, залихи на медицински предмети, како и теренски болници за итни здравствени случаи.

извор: ЕУ

Опсегот на RescEU оди подалеку од шумските пожари, па дополнително е прошрен со капацитети за справување сo хемиски, биолошки, радиоактивни и нуклеарни закани (ХБРН) и со итни медицински тимови.

„Резервата ќе се користи само како последно средство, кога националните средства се исцрпени, а капацитетите регистрирани во Европскиот базен за цивилна заштита не се достапни”, информираат од ДЗС.

Во 2023 година Европската комисија ѝ алоцираше 242 милиони евра на Финска за формирање на првата стратешка резерва за хемиско, биолошка, радиолошка и нуклеарна закана во рамки на RescEU. Оваа година Комисијата издвои речиси 70 милиони евра за развојот на нови специјализирани тимови и опрема за дополнително зајакнување на подготвеноста и одговорот на хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни (ХБРН) ризици. Средствата за развивање на вакви способности им се доделени на Италија, Полска и Романија, од кои бенефит сите земји од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ треба да имаат од 2026 година.

Комисијата веќе има формирано резерви на RescEU за различни области низ другите земји-членки на ЕУ, како што е противпожарната на флота RescEU во Хрватска, Франција, Грција, Италија, Шпанија и Шведска во 2022 година, медицинската залиха на заштитна опрема и уреди RescEU во Белгија, Хрватска, Данска, Германија, Грција, Унгарија, Романија, Словенија, Шведска и Холандија.

Освен човечките капацитети, клучна е и опремата

Освен човечките капацитети, поседување квалитетна опрема е клучно за постигнување на ефективен одговор при појавата на катастрофи. RescEU овозможува и помош со снабдување со опрема за време на кризи.

Македонија во 2020 првпат побарала помош во опрема, и тоа за справување со Ковид-19, по што преку Координативниот центар за брз одговор бил активиран механизмот за помош во 33 држави, на што одгворила Чешката Република со испраќање на 108.000 хируршки маски и 18.000 FFP2 маски, заедно со 5.000 заштитни комбинезони. Вакви барања за справување со коронавирусот од земјава имало и во годините потоа.

Капацитетите за справување со катастрофи се јакнат и на регионално ниво

Во рамки на ЕУ се финансираат и поддржуваат и други форми на соработка и јакнење на хуманитарна помош и цивилната заштита, како што се регионалните и билатералните.

Така Македонија преку Центарот за управување со кризи (ЦУК) заедно со Грција воспоставле Интегриран оперативен центар за пружање хуманитарна помош, наречен ХЕЛП.

Извор: Европска комисија

Проектот преку програмата на ЕУ за прекугранична соработка чинел повеќе од 1.300.000 евра од кои 1.100.000 се европски пари. Од ЦУК информираат дека ХЕЛП имал за цел да го подобри квалитетот на превентивната здравствена заштита за ранливите групи, особено децата и постарите лица во прекуграничната области, односно да го зголеми капацитетот и подготвеноста на хуманитарната помош во прекуграничната област.

ЦУК бил дел од проектот меѓу Македонија и Грција за заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор, со кратенка „J-CROSS”.  Проектот кој почнал да се резлизира во 2018 има за цел долгорочно да ги намали ризиците од природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човекот во регионите на Западна Македонија и на Пелагонија.

Проектот за кој се издвоени повеќе од 900.000 евра, главно во фокус ги има свлечиштата од поплави и попуштањата на браните, како и сеизмичката активност од двете страни на границата, односно во Пелагонија од македонска, и Флорина од грчка страна.

Искуствата стекнати од овој проект, како што наведуваат од Центарот за управување со кризи, во иднина треба да се споделат со други прекугранични области.

 

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

         

Të fundit