вторник, април 23, 2024

ВЛАДА БЕЗ АЛБАНСКА ПАРТИЈА

Политичари, за кои толеранција и несовршенство не се доволно добри и кои веруваат во својата национална мисија остварена низа перфектно кохерентен политички систем. Се разбира, под услов да не станува збор за измамници или, напросто, шовинисти кои токму сега, „согласно уставот“, ја гледаат сопствената шанса да дојдат на власт и да не ја делат со други. А,после?  Па, после „ќе видиме“. 

Пишува: Денко Малески   

Време е да видиме влада без албанска партија, вели учесникот во телевизиската емисија, и додава дека е тоа согласно уставот. Уставот, имено, никаде не наложува Албанците да бидат секогаш во владата туку бара мнозинство. Водителот, со насмевка, прашува за „чизмите на таванот“, алузија на можен нов меѓуетнички конфликт. Во ред, вели соговорникот, „да видиме“. Што да видиме? Нов меѓуетнички конфликт? Во 2001 еден колега од правниот факултет ме убедуваше дека ништо не може да се смени во односите меѓу Македонците и Албанците затоа што постапката за промена на уставот е ужасно комплицирана. Потоа виде и тој и сите ние дека, во реалниот живот, постои повеќе од еден начин уставот на една држава да се промени. Но, под влијание на нашата правна мисла, сеуште е жива идејата дека уставот ја вообликува стварноста а не обратно. Според тоа, ако уставот не наложува учество на албанска партија во владата, со државата може да управуваат само македонски партии. Дебатата која ја следев на ТВ екранот просто навиваше сите гласови на Македонците да одат на сметката на ВМРО-ДПМНЕ за „да видиме“. На ова само можам да предупредам на внимателност за она што го посакувааат овие луѓе, оти, во некое лудо сценарио, тоа би можело и да ни се оствари.

Устав, тоа е она што го имате во реалноста, велат Англичаните кои немаат пишан устав. Во македонската реалност имаме различни нации со свои аспирации: од културни, образовни и религиозни, до контрола на државната власт и државната територија . Токму затоа, животот помеѓу различни етнички ентитети под еден политички покрив, отвора тешки прашања врзани за нивната интеграција во заедничкото општество. Оттаму, општествената кохезија треба да се гради врз рамноправноста на етничките заедници во комбинација со „граѓанскиот концепт“.Зашто, едно треба да ни биде јасно: врз нашата традиција е невозможно да се примени западниот „атомистички концепт“кој уставно признава само два ентитети – државата и поединецот. Пишувајќи на оваа тема за генерациите пред интернетот, пред години, се обидов да дадам одговор на прашањето: Како понатаму? Одговорот беше дека постојат две политички релации кои што ќе треба да ги помириме доколку сакаме да се сочува територијалниот интегритет на Македонија.

Едната е на линија на јакнење на улогата на државата како институција во служба на благосостојбата на граѓанинот, независно од неговата етничка или религиозна припадност. Значи, нужно е јакнење на „граѓанскиот концепт“, но сватен не само како лојалност на граѓанинот кон државата, туку и како лојалност на државата кон граѓанинот. Зашто, ако за нешто постои меѓуетнички косенсус во Македонија, тоа е незадоволството со севкупните перформанси на државните институции. Така беше и пред 20 години кога го пишував текстот, така е и денес. Тоа незадоволство, пак, наместо да ги „атомизира“, ги хомогенизира етничките групи, и ете пазар за омилените производи на политичките претприемачи – патриотизам, национализам и слични „изми“.

Втората е линијата на грантирање на  колективни права на етничките групи. Вистина е дека признавањето на групни права може да ги пушти во погон центрифугалните етнички тенденции кои се стремат кон сепаратизам. Но, обидот најбројната етничка група да доминира со сите прашања со помош на мнозинскиот модел на донесување одлуки е сигурен рецепт за етнички конфликт. Со уставните промени од 2001 македонското општетво влезе во фаза на деликатно балансирање. Тоа етничко балансирање ни овозможува во мир да го изградиме нашиот политички модел. Ќе го иградиме ли? Одговор немам, но јас секогаш сум го барал тој модел во насока на толеранција и несовршенство, а не во национални мисии и перфектно кохерентни политички системи, на што инсистираат правните умови.

Се плашам дека на сцена стапува генерација македонски политичари  за кои ова не е доволно, дека се било погрешно од самиот почеток и дека со нормата лесно може да се вообликува, па дури и промени, стварноста. Политичари, за кои толеранција и несовршенство не се доволно добри и кои веруваат во својата национална мисија остварена низа перфектно кохерентен политички систем. Се разбира, под услов да не станува збор за измамници или, напросто, шовинисти кои токму сега, „согласно уставот“, ја гледаат сопствената шанса да дојдат на власт и да не ја делат со други. А,после?  Па, после „ќе видиме“.

 

Овој текст е напишан во рамки на проектот подржан од НЕД. Ставовите се исклучиво на авторот.

 

 

Të fundit