петок, март 29, 2024

ЗОШТО БУГАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НЕ САКААТ ДА ГЛАСААТ?

Иако на пописот во септември 3.504 лица се изјаснија како етнички Бугари, само 169 лица кои живеат во Северна Македонија, а имаат бугарско државјанство  се пријавиле да гласаат на изборите во Бугарија. Парламентарните избори се закажани за 2 април, но интересот на македонските Бугари за учество во политичките процеси на соседна Бугарија е многу мал.

Токму во Охрид и во Битола, двата града каде што беа отворени  бугарски клубови кои со месеци ја брануваат јавноста, е најмал и интересот за гласање. Деветмина со бугарски пасоши во Битола се пријавиле да гласаат за нови бугарски пратеници. Во Охрид, пак, каде најжестоко се кршеа копјата за македонско-бугарските односи, не е објавен воопшто и список со образложение дека нема ниту еден пријавен гласач.

Страв и ризик 

Аналитичарите сметаат дека слабиот интерес се должи на незаинтересираност за политичките случувања во Бугарија, но и на фактот дека македонските граѓани со бугарска самосвест се повеќе заминуваат во европските земји. Претставници на македонските Бугари за ДВ, пак, велат дека зад ваквиот слаб одзив на гласање на изборите во соседна Бугарија се кријат повеќе фактори.

„Највеќе од страв. По случаите со палења, пукање кој е тој што ќе се охрабри да гласа? Секој ќе се замисли дали да го стори тоа, ако мисли дека би можел да има некакви последици, да го изгуби работното место, егзистенцијата, или да се најде под притисок и напади“,вели за ДВ Љупчо Ѓоргиевски, претседател на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, кој беше  избришан од Централниот регистар во четвртокот (22.02).

Општата ситуација на страв, неизвесност, тензијата која што се создаде во односите меѓу Скопје и Софија изминатиот период период, според него, се пресудени што е толку мал интересот за гласање. Ниту неговото име, ниту пак имињата на членовите на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ засега не можат да се најдат на списокот на пријавени гласачи.

клуб Цар Борис Трети Охрид
„Од страв“, вели претседателот на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, чие име го нема на списокот на пријавени за гласање. Во Охрид, каде имаше најголеми превривања, нема ниту еден пријавен гласачФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Списоци во Бугарија 

Списоците се објавени на веб-страницата на бугарското Министерство за надворешни работи од седум избирачки места во земјава. Може да се гласа во конзулати и изборни места во Скопје, Битола, Кавадарци, Прилеп, Струмица и Тетово. Најмногу гласачи ќе има во Кавадарци (42) и во Прилеп (41), а најмалку во Битола – само деветмина. Во Скопје се пријавени 15 гласачи, во Струмица 22 и во Тетово – 40 гласачи.

Бугарија идната недела ќе ги организира петти по ред предвремени парламентарни избори кои се одржаа за само две години. .

За споредба на изборите во јули 2021 година гласаа 413 бугарски државјани со право на глас во Северна Македонија. Најголем дел од нив својот глас го дадоа за коалицијата на Красимир Каракачанов. Тој ги освои симпатиите на македонските Бугари и на изборите во април истата година, кога се изјаснија 510 гласачи со бугарски пасоши. Во ноември 2021 година, на седум избирачки места во РСМ, гласале околу 650 бугарски државјани. Таа бројка била помала на парламентарните избори во октомври 2022, кога на истите места гласале вкупно 461 бугарски државјани.

Të fundit