четврток, април 25, 2024

ОДОБРЕНИ 243 МИЛИОНИ ЕВРА НА „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ ЗА КОРИДОРИТЕ 8 И 10Д

На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се одобрени 15 милијарди денари односно 243 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д, средства што се предвидени со буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава. Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година е донесена вчера на седница на Владата, а денеска е објавена во Службен весник на РСМ.

Програмата влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањетo во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Со Договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање. Стартни активности за проектот, од ЈПДП најавија за 22 април годинава на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола.

Како што образложија од Министерството за транспорт и врски на церемонијата на потпишувањето на Договорот, цените се поткрепени врз основа на физибилити студија изготвена од Градежниот факултет, а ревидирана од консултантската компанија „Гранд Тортон“. Договорот со изведувачот е изготвен согласно принципот на ФИДИК договорите, односно според принципот на измерени количини. Тоа значи дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен.

За правен трансакциски советник и надзор за проектот е избран конзорциумот ИРД, а по објавените сомнежи во јавноста за компании кои се дел од овој конзорциумот Државната комисија за спречување корупција отвори предмет

Автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали. Премиерот Димитар Ковачевски, завчера на новинарско прашање рече дека што и да утврдат надлежните за коридорите 8 и 10д Владата ќе постапи согласно со наодите.

Të fundit