сабота, април 20, 2024

ПЕТТЕ ПРЕДУСЛОВИ ЗА ФУНКЦИОНАЛНА ДЕМОКРАТИЈА

Дали и колку е возможна квалитетна демократија во една држава со мултиетничко општество, како што е Северна Македонија?

Пишува: Џелал Незири

Иако од 2009 година ја има добиено препораката од Европската комисија (ЕК) за започнување на преговорите за членство во Европската унија (ЕУ), Република Северна Македонија сеуште не се смета за консолидирана демократија. Повеќето извештаи ја рангираат во групата на „хибридни режими“, далеку од групата на земјите со „полна демократија“ или со „демократија со недостатоци“. Како главна причината за оваа рангирање се наведува независноста на судството и слободата на медиумите. Ова се наведува и во последниот извештај за владеење на правото од страна на Европската комисија.

Но проблемот за ова лошо рангирање, кое е на прагот на „авторитарни режими“ не е само до горенаведените две димензии. Се работи за нецелосно исполнување на петте предуслови за функционална демократија, кои теоретичарите Хуан Линз и Алфред Степан ги нагласуваат, а се: слободно граѓанско општество, независно политичко општество, функционално економско општество, правна држава и ефикасна државна администрација.

Дали и колку е возможна квалитетна демократија во една држава со мултиетничко општество, како што е Северна Македонија?
За да се одговори на прашањето најнапред треба да ги наброиме осумте различни димензии на демократскиот квалитет на теоретичарите Лари Дејмонд и Леонардо Морлино. Владеењето на правото, учеството, конкуренцијата и вертикална и хоризонтална отчетност, според нив, се релевантни за содржината, но се главно процедурални, кои се однесуваат најмногу на правила и практики. Тие велат дека суштински е почитувањето на граѓанските и политичките слободи, и прогресивно спроведување на поголема политичка, социјална и економска еднаквост. Димензијата на одговорноста, пак, се поврзува со основата за мерење колку јавните политики (закони, институции и расходи) одговараат на барањата на граѓаните легитимирани низ политичкиот процес.

Според авторите, овие различни димензии густо комуницираат и се зајакнуваат едни со други, за на крајот да конвергираат во систем. Тие велат дека врските меѓу различните елементи на демократијата се толку густо интерактивно и преклопување, за кое понекогаш е тешко да се знае каде завршува една димензија и започнува друга.

Во овој текст ќе се обидам да ги оценам сите овие осум димензии кои ја одредуваат демократијата во Северна Македонија.

1. Владеењето на правото. Со владеењето на правото се подразбира дека сите граѓани се еднакви пред законот. Законот треба да се применува правично и доследно за сите од страна на независно судство. Токму владеењето на правото е најслабата оска на системот во Р.С.Македонија. Нефункционалноста и партизираноста на судството е извор на пречки и компликации кај скоро сите останати димензии. Ова партизираност е наследство од претходниот систем, кога судската власт била под контрола на партијата-држава, каде била концентрирана најголемата моќ. Иако со демократската транзиција во 1991 земјата формално и законски овозможи поделба на властите во законодавна, извршна и судска, сепак извршната власт остана центарот на моќта.

2. Учество. Оваа димензија ја подразбира обврската на секоја демократска држава да им обезбеди на сите нејзини возрасни граѓани формални права на политичко учество. Преку оваа учество граѓаните влијаат на процесот на донесување одлуки: гласаат, се организираат, се собираат, протестираат и лобираат за нивните интереси. Во оваа димензија земјата е во подобра состојба. Правото на граѓаните да учествуваат во политичките активности на политичкото и граѓанското општество генерално е загарантирано и овозможено. И тука проблем се партиите, кои остануваат недоволно демократизирани и затворени за учество на нови личности или групи.

3. Конкурентност. Дејмонд и Морлино велат дека за да бидеме воопшто демократија, политичкиот систем мора да има редовна, слободна и фер изборна конкуренција помеѓу различни политички партии. Изборниот модел на земјата – пропорционален со шест изборни единици – овозможува конкурентност и географско претставување на сите граѓани, но сепак ги фаворизира коалициите или поголемите партии. Формулата на Д’Хонт, која се користи за распределување на мандатите при броење на гласовите, оневозможува пробив во Собранието на нови и помали партии. Изборниот законик, со последните измени, овозможува во голема мера фер претставување во медиумите, кои се обврзани исто така да обезбедат соодветен простор за сите конкуренти за власт.

4. Вертикална отчетност. Отчетноста е обврска на избраните политички лидери да одговараат за нивните политички одлуки кога ќе бидат прашани од гласачите или од уставните тела, велат Дејмонд и Морлино. Андреас Шедлер, пак, вели дека отчетноста има три главни карактеристики: информирање, оправдување и казна (или компензација). Овој тип на отчетност се нарекува вертикален бидејќи се одвива од доле (граѓаните) кон горе (лидерите). Вертикалната отчетност бара и квалитетен собраниски состав, со пратеници кои се најпрвин се претставници на граѓаните, а потоа и на политичките партии. Активните пратеници можат да одиграат посредничка улога во отчетноста помеѓу граѓаните, од кои се избрани, и функционерите избрани од Собранието. Истото може да се каже и за медиумите. Но, и Собранието е далеку од тоа што треба да биде, а исто и медиумите. Партиите на власт остануваат главни центри на моќ, при што ја подриваат оваа димензија на квалитет на демократијата.

5. Хоризонтална отчетност. Бидејќи еден службеник или институција на владата одговара на друг на приближно исто ниво, ова се нарекува хоризонтална отчетност. Како примери за институции со хоризонтална одговорност ги наведуваат парламентарната опозиција, специфични истражни комисии формирани од законодавниот дом, судовите, ревизорските агенции, Антикорупциска комисија, централна банка, независна изборна администрација, државниот народен правобранител или разни други тела чија мисија е да се направи детален надзор и ограничување на моќта на оние што управуваат. Како и со правосудниот систем, и во овој случај хоризонталната отчетност не функционира во целост заради преголемата моќ која е концентрирана во извршната власт. Со исклучок на опозицијата, останатите институции кои имаат надлежност за надзор и контрола испорачуваат слаби резултати кои многу ретко завршуваат со казна врз носителот на функцијата кој постапил незаконско или непрописно во текот на извршување на истата.

6. Слобода. Според Дејмонд и Морлино, слободата се состои од три вида права: политички, граѓански и социјални (или социоекономски). И ова димензија е испреплетена со останатите и е одредувана од квалитетот на демократијата во целина. Партиите со отсуство на внатрешна демократија, делумно слободните медиуми и неефикасниот правосуден систем создаваат неповолен амбиент за остварување на горенаведените три права кои ја сочинуваат слободата.

7. Еднаквоста. Самиот збор демократија, според Дејмонд и Морлино, најчесто го симболизира формалната политичка и правна еднаквост на сите граѓани. Тие велат дека добра демократија обезбедува граѓанинот и групата да ги имаат истите права и законска заштита, и разумно брз пристап до правда и моќ. Дискриминацијата во земјата е сеуште присутна во скоро секоја форма – родова, регионална, етничка, партиска итн. Во анкета на Македонски центар за меѓународна соработка, спроведена во 2011 година, мнозинството граѓани (53,3%) сметаат дека има дискриминација во С.Македонија, а дискриминацијата по основа на етничка припадност е втора најзастапена, по политичката припадност.

8. Респонзивноста, се мери со степенот до кој граѓаните ќе бидат задоволни од перформансите на демократијата со што ќе ја легитимираат. Авторите велат дека тоа е способноста на институциите и властите позитивно да одговорат на секое легитимно барање или потреба од страна на граѓаните.

Постојаниот пад во довербата кон демократијата во С.Македонија, покажана и во последната анкета на ИРИ, е индикатор дека овој систем не ги адресира сите потреби и барања на граѓаните. Со околу 15% стапка на невработеност, со просечна нето плата од околу 30 илјади денари, со висок степен на корупција и генерално со низок квалитет на живот, демократијата во оваа земја не ги дава очекуваните резултати.

Ова значи дека Република Северна Македонија треба да работи многу за да го подобри квалитетот на демократијата. Но, по се изгледа, државата не е способна самата да ги спроведе потребните реформи. Многу земји од Централна и Источна Европа успееја да ги заокружат успешно нивните транзиции само преку процесот на интеграција во ЕУ.

Земјата ги започна преговорите кон крајот на 2022, иако има препорака уште од 2009 година. Блокадите од земјите членки на Унијата траеја 12-години. Најпрвин Грција, па Франција за методологијата и на крај Бугарија го искористија нивното право за вето во европските институции. Дали и 2023 година ќе биде изгубена во дебати за историјата на Балканот, останува да видиме.

 

#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas 

Të fundit