сабота, април 20, 2024

НА БАЛКАНОТ, ЗАГАДУВАЊЕТО ГИ ЗАТНУВА РЕКИТЕ КОИ НЕКОГАШ БИЛЕ НЕДОПРЕНИ

Канализацијата, комуналниот и индустрискиот отпад ги трансформираа водните патишта во регионот во отровни. Тоа е закана да се контаминира синџирот на исхрана, а заедно со климатските промени се ризик од големи поплави.

Пишуваат: Мајлинда Брахими, Ана Марковиќ и Катерина Топалова

Фазли Аземи, албански пензионер кој цел живот го поминал ловејќи риба на реката Ибар, која го дели градот Митровица во северно Косово, се сеќава дека некогаш овие води биле полни со риби.

„Ибар беше извонредна река. Тоа беше чиста река. Од овде пиевме вода“, вели тој, покажвајќи кон брегот на реката.

Од детството на Аземи, многу работи се променија во Косово, а риболовот во Ибар не е повеќе атрактивен спорт, особено за млади.

„Луѓето навистина не се ни свесни колку е загадено и каков проблем носи ова загадување“, вели Миливоје Рајчевиќ, млад Србин од северниот дел на Митровица, кој жали поради недостатокот на граѓанска свест и институционалната негрижа.

Индустрискиот отпад, ѓубрето и канализацијата ги трансформираа некогаш недопрените реки на Балканот во загадени потоци. Како што се зголемува ризикот од поплави поради климатските промени, исто толку е голем и ризикот да се уништи обработливото земјиште. И покрај заканата што ја претставува загадувањето за снабдувањето со храна во регионот, локалните власти прават малку за да ги ублажат неговите негативни ефекти.

„Мора да се преземат итни чекори“, вели хидрогеологот Есат Пеци, изразувајќи ја својата загриженост за високото ниво на индустриско загадување кое доаѓа од рудникот Трепча на местото каде што Ибар се приклучува на Ситница.

„Во тој дел речиси и да нема риба ниту пак фауна поради хемикалиите од индустрискиот отпад на Трепча“, додава Пеци.

Сличен проблем има и во општина Грачаница, населена со српска заедница во Косово. Испуштањето на водите од рудникот Кишница во реката Грачанка, дел од индустрискиот комплекс Трепча, кој се наоѓа кај Грачаница, но и неконтролираното фрлање отпад во реката, ја загрозуваат реката Ситница во која се влева Грачанка.

Според жител од општина Грачаница, бојата на реката Грачанка често се менува врз основа на хемикалиите што луѓето ги фрлаат во неа.

„Со години живееме со вакво загадување“, вели Милена Зравковиќ од Косово, потсетувајќи дека во минатото водата била кристално чиста.

Александар Ќорац, професор по екологија на Универзитетот во Северна Митровица, нагласува дека во Грачанка се влеваат и индустриските депонии од рударскиот комплекс Трепча, присутни низ сливот на Ибар.

Човечка мрзеливост, незнаење, неодговорност, сиромаштија на повеќе нивоа, квазиелитни интереси, со децении се главните причинители за загадувањето на Ситница и Ибар, но и на многу други реки и општо на животната средина.

Ирма Дервишевиќ, професорка по инженерство за животна средина на Техничкиот факултет во Северна Митровица, предупредува дека со загадувањето на реките ја загадуваме храната што ја јадеме.

„Дури и ако посевите не се наводнуваат со загадена вода, а земјоделското земјиште не е во нивна близина, поради можното излевање на реката, загадената вода ќе стигне до земјоделските култури и така ќе ги загади. Така влегува во синџирот на исхрана“, тврди таа.

Локалните рибари се жалат дека високото ниво на загаденост во реката Ибар ја направило нејзината риба неупотреблива како храна за луѓето.

„Рибите не се јадат бидејќи водата е премногу загадена“, вели Ариф Кадриу од Здружението на рибари во Митровица.

„Вознемирувачки е тоа што централните и локалните власти воопшто не обрнуваат внимание на овие појави“, додава тој.

Подеднакво вознемирен е и Есат Пеци. Косовскиот хидрогеолог предупреди дека високото ниво на загаденост негативно ќе влијае на здравјето на луѓето.

„Загадувањето на реките може да предизвика и болести, особено автоимуни болести кои се многу опасни и речиси неизлечиви“, посочува тој.

Иако експертите и активистите велат дека има високо ниво на загаденост во реката Ибар, Регионалната управа за речни сливови, дел од Министерството за животна средина, во писмен одговор за ТВ Митровица велат дека врз основа на мониторингот на Хидрометеоролошкиот завод на Косово, квалитетот на водата е во границите.

Важните вредности на квалитетот на водата произлегуваат во границите дозволени според стандардите за површински води“, пишуваат од Управата.

„Присуството на кислород во водата е на вистинско ниво за развој на фауната, погодно за екосистемот во реката“, се вели во одговорот.

Порано пливавме во реката

Во поделениот град Митровица се спојуваат потоци од четири реки. Реките Лушта и Трепча се влеваат во реката Ситница, а таа потоа во Ибар. За разлика од луѓето и територијата, реките на Балканот не се делат со политички граници. Реката Ибар извира од планината Мокна Гора, ја преминува Црна Гора на исток, северно Косово и централна Србија со вкупна должина од 272 километри. Ибар го минува северот на Косово 85 километри и 15 километри низ градот Митровица.

Џевдет Ќубрели, страствен рибар од Митровица се сеќава дека Ибар порано била недопрена река.

„Во минатото јас и другите бевме постојано на Ибар во текот на летото“, вели тој.

Стојан Живиќ, 67 годишен жител на Косово, цел живот живее во близина на брегот на реката Грачанка, која тече низ неговото село и е еден од најзагадените водотеци во Косово.

Но, Стојан се сеќава дека не било секогаш вака. „Таму имаше риби, беше убава планинска река каде што пливавме, мајка ми переше алишта во таа река.

Шемси Хоти, друг граѓанин од Митровица, со задоволство се сеќава на ерата кога реката Ибар не била загадена.

„Во тоа време имаше помало загадување бидејќи имаше помалку компании, помалку фабрики, градот имаше помалку население, а водата беше почиста“, се сеќава тој. „Немаше ѓубре како што гледаме денес“, додава Хоти.

Ариф Кадриу се сеќава кога заедно со семејството отишле на пикник на брегот на реката во Митровица.

„Кога бев дете, нашите реки беа полни со живот и зелени површини, имаше многу места за пливање и риболов“, вели тој. „Сега нема доволно место за пикник, нашите брегови се полни со ѓубре и што ли уште не.

Есат Пеци рече дека еколошките проблеми во реката Ибар се интензивирале по војната во Косово, од 1999 година, кога луѓето од околните села – од Сухадоли до Чабер – почнале да фрлаат градежни материјали од куќите изгорени во војната во реката Ибер.

Ѓубрето го фрлија на брегот на реката, но поголем дел и во вода“, вели Пеци. Тој смета дека дополнителен фактор што придонесува за лошата состојба се ископите на песок на бреговите на реката за градежен материјал.

„Од сегашниот мост Сухадоли до Горно Винарц (село) како градежен материјал е користен песок и тој дел е целосно уништен и деградиран“, вели Пеци.

Студијата спроведена од организацијата „Комуникација за развој на општеството“ покажа дека општините во Косово немаат капацитет да го запрат протокот на загадување во реката Грачанка.

„Истражувањето покажа дека локалните самоуправи немаат доволен капацитет да се справат со проблемот на загрозување на животната средина“, се вели во студијата.

„Недоволните буџетски средства за заштита на животната средина, лошата комуникација и координација со централните институции, непостоењето и недостигот на стручни студии и истражувања кои би помогнале во методичното решавање на проблемите“.

За да ја подигне свеста за загадувањето на реката, активист од локалната организација „Млади активни-Грачанка“ организираше меѓународен камп со цел да ги исчисти нејзините брегови од ѓубре.

„Го исчистивме просторот околу реката и укажавме на проблемот со загадувањето на реките, поради што повеќето луѓе ги вртат главите или дури и престануваат да дишат додека минуваат“, изјави Петар Ѓорѓевиќ, претставник на организацијата.

Една од активностите за време на тој камп беше сценско шоу каде што активистите организираа натпревар во риболов во реката со локални и меѓународни волонтери.

„Веруваме дека оваа акција натера многу луѓе да се запрашаат како дојдовме до точка каде што реката што минува низ центарот на некои села е за потсмев од кој ја вртиме главата и погледот“, рече Ѓорѓевиќ.

„Многу луѓе потсетија на старите времиња кога се капеа во таа река, се капеа и успеваа да ловат риба, а не само ѓубре“, додаде тој.

Реки како канализација

Рударството и тешката индустрија во етнички поделениот град оставија наследство на деградација и загадување на животната средина. Сепак, индустрискиот отпад не е единствениот извор на загадување на реките и водотеците на Косово.

„Всушност, имаме работа со ниво на загаденост, особено со биолошки загадувачи кои доаѓаат од испуштањето на отпадните води директно во реката“, вели Михоне Кероли, професор по еколошки науки на Меѓународниот бизнис колеџ во Митровица.

Според Регулаторното тело за води во Косово, трите пречистителни станици за отпадни води кои моментално работат низ целата земја ги третираат отпадните води испуштени од само 3,5% од населението кое има пристап до јавна канализација.

Остатокот од отпадните води се испуштаат непречистени во реката. Иако косовската влада го ратификуваше меѓународниот договор за изградба на пречистителна станица во Митровица, нејзината изградба се уште не е започната.

Хидрогеологот Есат Пеци вели дека хемикалиите што се користат во домаќинствата се влеваат во реката преку отпадните води, а депонијата за отпад што се наоѓа во близина (во Коштова), подеднакво го загадува сливот на реката Ибар.

„Органскиот отпад (во депонијата Коштова) навлезе во подземните води кои се поврзани со површинските води “, вели тој.

„Секако, овие подземни води се влеваат во реката Ибар и нанесуваат големи штети на реката“, додаде Пеци.

Општина Грачаница, заедно со Регионалниот водовод на Косово, најавија планови за подобрување на канализационата мрежа и системот за регулирање на сите отпадни води во општините Грачаница, Приштина, Косово Поле и Обилиќ.

Проектот, кој ќе го финансира Германската агенција за развој, Гиз, е со вредност од 82 милиони евра.

„На вливот на Грачанка во Ситница ќе се изгради голема станица за прочистување на водата, а претходно ќе се отстранат сите нечисти води и канализација од нашата Грачанка, со колектор, со што ќе го решиме овој голем проблем. “, велат од општина Грачаница.

Политика за загадување

На секои 15 минути може да се видат вреќи полни со ѓубре како пливаат во реката“, вели Величе Наумоски, рибар од Струга, каде од Охридското Езеро тече реката Црн Дрим. „Наместо да ги ставаат во контејнери, луѓето го фрлаат своето ѓубре во реката“, вели тој.

 

Дури и неговиот колега рибар Милчо Стојаноски е загрижен за состојбата.

„Луѓето фрлаат ѓубре во реката од секаде“, забележува тој со загриженост.

Уште посериозна е состојбата во главниот град Скопје, кој нема постројка за пречистување на отпадните води кои се собираат во реката Вардар.

На крајот на 2019 година државата склучи договор за заем со европските банки во износ од 136 милиони евра, но поради политички спор меѓу во општината, проектот се уште чека да почне да се гради.

„Власта и опозицијата во општина Скопје имаа сериозен конфликт и обвинувања за трошење пари на канализациска станица“, објасни министерот за животна средина во Македонија, Насер Нуредини.

Градот Скопје не одговори на барањето за коментар за изградбата на пречистителната станица, но бактериолошките испитувања го оценуваат Вардар како високо загаден и затоа е забрането користење на вода за миење и наводнување.

Сепак, ова не беше така пред педесетина години. 70-годишниот скопјанец Ристо Атанасовски се сеќава дека во детството водата во реката била безбедна.

„Од мај до септември се капевме во Вардар“, се присетува Атанасовски. „Скопското лето беше најубавиот период од мојата младост“, додава тој.

Атанасовски со гнев гледа на загадувањето на реката Вардар.

„Срце ме боли кога гледам што остана од Вардар“, вели тој. „И од оваа вода ги наводнуваме нивите за храната што ја ставаме на трпезата“, додава Атанасовски.

Слично на реката Вардар, во Северна Македонија, речиси сите водотеци се под постојан притисок од комунални и индустриски отпадни води и други хемиски супстанци, на кои им требаат децении да се разградат и да се населат во водниот свет.

Инспекторатот за животна средина врши контрола на загадувањето само со еден инспектор, а некои од неговите хидролошки станици за контрола на нивото на водата и квалитетот на реките воопшто не функционираат.

И покрај недостигот на хидролошки станици за следење на квалитетот на водата, Министерството за животна средина гарантира дека концентрацијата на опасните и штетни материи во реките е во дефинираните граници.

За загадените реки Грачанка и Ибар го прашавме Министерството за животна средина во Владата на Косово, но одговор не добивме до објавувањето на овој напис.

Ризикот од климатски промени

Сценаријата за климатски промени за регионот предвидуваат дека со зголемувањето на температурата на планетата, топлотните бранови, струите и недостигот на вода ќе станат акутни предизвици.

„Климатските промени ќе влијаат на достапноста, квалитетот и квантитетот на вода за основните потреби на човекот“, предупредува УНЕСКО во извештајот за 2020 година насловен: Климатските промени и водата.

И покрај ваквите предупредувања, се чини дека еколошките прашања не се на приоритетната агенда на властите во регионот. Во Косово, освен иницијативите на активистите на граѓанското општество, институционалната соработка меѓу општините со различен етнички состав е особено слаба.

„Немаме соработка со другите општини во регионот во оваа област“, ​​вели Егзон Садику од јужната општина Митровица, кој се надева дека со изградбата на пречистителната станица за отпадни води ќе се намали загадувањето во реката Ибар.

„Климатските промени може да имаат влијание врз загадувањето во смисла на поинтензивни и почести врнежи од дожд кои можат да доведат до поплавување на песочните области на реките во Косово, а преку дистрибуција на загадувачите кои се присутни во овие водни системи, се придонесува до загадување на поширок простор и затоа постои можност овие загадувачи да влезат во поголем синџир на исхрана“, смета професорката Ирма Дервишевиќ.

Хидрогеологот Есат Пеци тврди дека има потреба од итни мерки за решавање на загадувањето на реката Ибар.

„Речиси половина од Косово пие вода од реката Ибар и мора итно да се реши заштитата и обезбедувањето чиста вода“, нагласува тој.

За разлика од Балканот, развиените земји сериозно работат на прилагодување на климатските промени поради глобалното затоплување.

„Многу земји, региони и градови во светот веќе започнаа со таканаречената стратегија за адаптација на климатските промени“, изјави новинарката за заштита на животната средина Ангелина Давидова.

Иако регионот има многу работа за да се справи со еколошките проблеми и подготвеноста за климата, професорот Александар Ќорац останува оптимист и јасен за тоа што треба да се направи.

„Верувам и се надевам, заради иднината на нашите деца, дека имаме сила да ги обединиме нашите капацитети за прво да ја подигнеме свеста на граѓаните, а потоа да извршиме притисок врз оние што носат одлуки“, заклучува тој.

“Овој материјал е објавен во рамките на проектот „Going Environmental“ управуван од n-ost и БИРН и финансиран од германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ). BMZ во никој случај не е одговорен за информациите или гледиштата изразени во рамките на проектот“.

Të fundit