четврток, април 25, 2024

Јавниот превоз во Скопје во колапс

„Гладни сме, не можеме да работиме“ порачаа возачите на ЈСП кои ја бараат септемвриската плата. Место да најдат решение, советниците во Град Скопје попладнево се заплеткаа во партиски расправии и обвинувања.

Тензиите околу проблемот со јавниот превоз во Скопје не само што не се смируваат, туку на повидок е ескалација доколку не се најде решение за подмирување на неисплатените плати на вработените во ЈСП. Синдикалните претставници денеска порачаа дека „не можат да ги исполнуваат работните обврски бидејќи се гладни“ и најавија дека утре со семејствата ќе се појават на протест за да го изразат своето незадоволство ако не им легне на сметките платата за септември.

„Доколку на нашите сметки не легне платата за септември, утре наутро во 4.30 часот со своите семејства ќе дојдеме на протест пред ЈСП и автобусите нема да сообраќаат. Сите сме гладни и не можеме да ги извршуваме своите обврски. Нашиот револт е кон политичките партии и нивните препукувања, но се надеваме дека ќе седнат и ќе решат“, порача претходно  Миќо Стојановски, претседателот на Синдикатот на работниците на сообраќајот и врските.

Тие се незадоволни и од исходот на вонредната седница на Советот на Град Скопје, која се одржа на барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која предложи да се пренаменат средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“. Место решение за проблемот, седницата се претвори во мегдан за партиски обвинувања и пресметки.

„Може политика да терате до сабајле, но сабајле автобуси нема да има. Овие луѓе имаат деца, гладни се, немаат пари да им дадат за ужинка на училиште. Овде не видовме никој да каже како ќе се реши проблемот и да добиеме плата, туку само партиски и политички препукувања“, порачаа од синдикатите.

Данела Арсовска
Данела Арсовска од говорницата повторно го нарече Христијан Мицкоски „шпицен градоначалник“. посочувајќи дека  „само се шетал и отворал чешми и тротоари со вмровските градоначалници“.Фотографија: Petr Stojanovski

Наталожени долгови 

Во средата дел од вработените го изразија незадоволството во кругот на претпријатието, каде што се вршеше проверка на автобусите по анонимна пријава за поставена бомба. На пладне, пак, директорот на ЈСП и дел од возачите протестираа пред Владата. Тие паркираа неколку двокатни автобуси на булеварот и го блокираа сообраќајот, затоа што тврдат дека Владата не им исплатила пари за бесплатен превоз за ученици и студенти во висина од 2 милиони евра.

Секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, вели дека скопјани заслужуваат јавен превоз и ќе го добијат, без разлика на проблемите со кои што се соочуваат и без разлика на притисокот што се прави, како од МОН кој не ги исплаќа своите обврски од 120 милиони денари, така и од општините кои имаат долг од околу 40 милиони денари кон ЈСП. Тврди дека долгот од МОН е за субвенции за вршење линиски превоз за студенти и ученици во средно.

„Вработените во ЈСП заслужуваат плати и истите ќе ги добијат. Градот Скопје стои во целост зад нив. Овој притисок што се врши со неплаќање го доведува ЈСП во последните два месеци од функционирање во тековната година да има потешкотии, кои ќе се надминат“, изјави Глигоров  Тој уверува дека скопјани нема да останат без јавен превоз. Директорот на ЈСП, пак, Александар Стојковски, е убеден дека ќе се најде решение и за проблемот со платите.

ЈСП протест
Автобусите на ЈСП се паркираа пред Владата во знак на протест поради долговите во кои тоне претпријатиетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Расправии 

Вработените во ЈСП уште пред неколку дена го изразија своето незадоволство бидејќи немаат земено плата за септември. Скопската градоначалничка Данела Арсовска смета дека не е одговорна за настанатиот проблем и прстот го впери кон Владата. Оттаму, пак вчера беа децидни дека не му должат ништо на ЈСП, а студентски билети не биле предвидени пари бидејќи студентите учеа онлајн.

Проблемот со јавниот превоз во главниот град се најде на дневен ред на Советот на Град Скопје, каде на вонредна седница партиите меѓусебно се обвинуваа за колапсот на ЈСП. Стефан Андоновски, советник од ВМРО-ДПМНЕ смета дека виновни за проблемот се коалицијата ДУИ-СДСМ-Данела Арсовска.

„Велат дека ВМРО-ДПМНЕ било виновно. Не. ВМРО-ДПМНЕ го пресекува овој Гордиев јазол и повикуваме градот Скопје да ги обезбеди финансиите за ЈСП во најбрз можен рок, да ја искористи можноста со ребалансот. Градоначалничката рече дека повеќе години се натрупувале долгови во ЈСП. Точно е – над 5 години СДСМ го владее ова претпријатие. Имате раководство сега на СДСМ, претходно време на Шилегов и ДУИ кое е во коалиција, ама не сака да исплати пари од МОН и тука ја имате Данела Арсовска која не знае со кого си фатила работа“, нагласи Андоновски.

Од СДСМ, пак велат дека ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се криви за катаклизмата која му се случува на Скопје кое за првпат во историјата нема јавен превоз. Арсовска од говорницата повторно го нарече Христијан Мицкоски „шпицен градоначалник“. посочувајќи дека  „само се шетал и отворал чешми и тротоари со вмровските градоначалници“. Таа обвини за склучување на штетни договори од страна на кадри на ВМРО-ДПМНЕ, со што тие се директно одговорни за загубите на ЈСП./DW

Të fundit