петок, март 29, 2024

ИНТЕРВЈУ, ХРИСТИЈАН МИЦКОВСКИ: АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ ЗГРЕШИ ШТО ГИ ЗАМРЗНА ОДНОСИТЕ СО НАЈГОЛЕМАТА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ВО ДРЖАВАТА

Првиот човек на македонската опозиција, Христијан Мицковски, вели дека власта го нема легитимитетот да владее со државата па затоа, според него, се неопходни предвремени парламентарни избори. Внатрешните превирање во партијата, особено во односите со градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска, Мицковски ги смета за фолклор, додека најавува поддршка за проектот на модерно Скопје. Односите со албанските партии ги смета коректни, а вели дека одлуката на АзА за замрзнување на односите со ВМРО-ДПМНЕ не е баш мудра одлука.

 

Интервјуираше: Сељадин Џезаири

КДПОЛИТИК: Господие Мицковски, што се случува помеѓу Вас и Вашата партија и Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска? Таа не беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ но ја имаше вашата поддршка на последните избори. 

Мицковски: Јас сум го коментирал овој случај, но еве ќе додадам една реченица: и тогаш, и сега и во иднина ако видам концепт за модерно Скопје, јас ќе го поддржам. И посакувам на Данела Арсовска да биде добар градоначалник, како што ние бевме добри да таа стане градоначалник. Ние ќе продолжиме да бидеме добри за скопјани, се додека концептите за модерно скопје се реализираат, и во овој правец ќе ја има нашата поддршка. Затоа што тој е навистина добар концепт во кој и ние имаме свој потпис. Така што, и посакувам само успех во работата и да се држи до рамката за модерно Скопје. Сето останато е фолклор.

 

КДПОЛИТИК: Има мислења дека овие случувања во ВМРО-ДПМНЕ се резултат на настојувањето на владините партии да дојдат до потребното мнозинство за уставни промени со цел да се имплементира Францускиот предлог.

Мицковски: Секои четири години некој мене ме менува, а јас и ВМРО-ДПМНЕ сме се посилни и посилни. И побројни, и поекипирани и поединети. Јас им посакувам се најдобро на тие луѓе бидејќи христијански е човек да има добра мисла, пред се. Јас мојот пат како човек и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ го имам трасирано и конечно го гледам крајот, јасно го гледам крајот кога ќе ја отвориме втората страница од моето политичко делување. А тоа е кога ќе ја водиме државата и ќе ја поведеме кон реформи и ќе ја вратиме надежта. Секој кој што цени дека има поинакво мислење е негов став, и тоа е што е. Но јас се навикнав во овие четири години да ме омаловажуваат, да ме клеветат, да ми се закануваат мене и на моето семејство, на не навредуваат. И тоа не е добро. Не е добро затоа што тоа е отров кој го чувате во себе и не дозволувам тоа да влијае врз моите чекори. Не делувам емотивно, делувам многу рционално, стратешки и коректно, и така ќе продолжам да делувам и во иднина. А на сите останати им посакувам пред се многу здравје.

КДПОЛИТИК: Која е вашата партиска тактика за изнудување на предвремени избори? Најавите дека ќе излезете на улица, а власта вели дека ќе оди до крај на мандатот.

Мицковски: Власта вели дека ќе си тера до крај на мандатот, ние цениме дека добро е да има предвремени избори, здраво е. Истото го цени и мнозинството на граѓани, од кои ние го црпиме нашиот легитимитет. Ние сме народна партија, и ако народот вели дека оваа влада не чини, а тоа го велат и голем број на поддржувачи на СДСМ и ДУИ, а и перформансите на владата се катастрофални, тогаш логично е ние да ги искористиме сите демократски средства за да дојдеме до тие избори. Нормално, за да покажеме од каков материјал сме направени, дека ова сега што го зборуваме ќе го реализираме потоа. Затоа мислам дека нема простор за дополнителни разочарувања во Македонија.

 

КДПОЛИТИК: Ќе истраете во барањето за референдум за Договорот со Бугарија сега кога и Левица покрена слична иницијатива?

Мицковски: Од тоа што го слушнав како шпекулација во јавноста, не се однесува прашањето на Левица за Договорот со Бугарија. Но да почекаме иницијативата на Левица да стигне во Собранието па ќе го кажеме нашиот став.

 

КДПОЛИТИК: Сте изјавиле дека ако се усвојат уставните измени согласно Францускиот предлог Вие ќе се повлечете од политиката.

Мицсковски: Да, точно е. Дадов и објаснување. Уште ценам дека сега во овој момент не е добро. Објаснувањата на власта и на Стево Пендаровски дека „првин да го отвориме Уставот, па ако дојде до тенденциозни барања од страна на бугарските историчари во Комисијата ќе се повлечеме од преговорите“. Тоа така не оди. Тоа се будалаштини и детски работи. Сериозни луѓе прават сериозна стратегија и таа стратегија ја спроведуваат. Затоа јас велам дека сега не е добро да ја подотвориме таа врата затоа што така ја подотвараме врата за многу проблеми, кои што во историска гледна точка би значеле ретуширање на историската вистина од страна на Софија. Ние не смееме да дозволиме нашите деца да учат лажна историја, да им се одземе правото на самоопределување, на свој идентитет изграден со векови. Знаете, едно е нација а друго е народ. Не можеме на македонскиот народ да му го одземеме правото затоа што имаме корумпирани политичари, кои за да го скријат нивниот криминал и корупција потпишуваат секакви договори. Тоа не е решение, тоа не е европско.

 

КДПОЛИТИК: А што ако владиното мнозинство се засилува и со пратеници од вашата партија?

Мицсковски: јас реков – ако тоа се случи во овој мандат од Парламентот јас ќе заминам од политиката. Тоа би значело дека сум направил лош скаутинг, не сум ги проценил луѓето. Кога водите политичка партија е логички да бидете опкружени со луѓе кои споделуваат идентична политичка матрица и идеа. Вие можете да имате внатре различни ставови, различни мислења за некое прашање. Но тоа не е прашање за кои можете да имате различни мислења, а сте дела на една иста политичка структура. Ние може да дебатираме дали сме за рамен данок, за 8 проценти, 10 проценти, дали сме за пензиски приватен или не сме за пензиски приватен фонд, дали треба автопатот Прилеп-Битола или автопатот Гостивар-Кичево, тоа е друго прашање. Но за вака суштинско прашање, во структурата каде јас сум претседател и тие луѓе кои се веднаш до мене, а се пратеници, не можеме да имаме различно мислење. Тоа би значело дека јас не сум бил успешен, и како таков не би можел од другите да побарам одговорност и да бидат успешни. Тоа би било лицемерно.

 

КДПОЛИТИК: Какви се односите со политичките партии на етничките Албанци? Еднаш успеавте да ги соберете Алијанса за Албанците, БЕСА и Алтернатива за да дојдете до потребното мнозинство во Собранието, но присуството на левица во тој состав покрена многу контроверзии.     

Мицковски: Не успеавме ние, туку друг беше иницијаторот на таа средба. Меѓутоа, суштината беше да падне владата и ние како ВМРО-ДПМНЕ тоа го поддржавме. Тоа што потоа еден пратеник беше киднапиран, е нешто друго. Имаме коректен однос со сите (партии на Албанците) во тој домен каде што соработуваме.

КДПОЛИТИК: Но вршителот на должноста лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, деновиве изјави дека односите со ВМРО-ДПМНЕ се замрзнати поради настаните што се случија во и околу Град Скопје.  

Мицковски: Ви реков, имаме коректни меѓупартиски односи во рамките на нормално функционирање. Ако тие мислат дека се замрзнати тогаш во ред, тоа е нивен став. Јас мислам дека не е добро да бидат замрзнати односите помеѓу ниту една политичка партија, без разлика дали се тие власт или опозиција. Ние сме фактори на политичкиот живот и не е добро да имате замрзнати односи со ниту една политичка партија. Ако навистина донеле таква одлука ги охрабрувам да ги одмрзнат тие односи зошто ВМРО-ДПМНЕ, сепак, е најголема политичка партија во Град Скопје но и во парламентот, со најголема пратеничка група. Не е политички опортуно една помала политичка партија да ги замрзне односите со најголемата политичка партија. Тоа е нивна автономна одлука и политика, така што јас немам што да додавам.

 

КДПОЛИТИК: Дали се очекува со некоја од политичките партии на етничките Албанци да одите и со предизборна коалиција? Имаше таква коалиција во 2020 меѓу СДСМ и БЕСА, а во Тетово во неодамнешните избори за општинскиот совет вие бевте во коалиција со БЕСА.

Мицковски: Се е можно. Во политиката никогаш ништо не исклучувам. Можно е и тоа. Нормално, ако се обединиме околу една платформа. Ние мора да имаме граѓански пристап околу проблемите дома. Ние за проблемите дома мора да имаме општествен консензус. Ако тие проблеми ние не ги решиме, нема кој друг да ни ги реши. Така што, било која политичка партија, – било да е таа албанска, македонска, турска…- ако се обединиме околу еден проект, еден општествен за реформи кои ќе донесат надеж, подготвени сме да разговараме и – зошто да не.

 

КДПОЛИТИК: Се оценува дека со вашето доаѓање на чело на ВМРО-ДПМНЕ некако исчезна таа анти-албанска реторика, но сепак од време на време се слушаат рефрени кои потсетуваат на старото ВМРО во однос на етничките Албанци?

Мицковски: Не би рекол. Мислам дека не е така. Реториката треба да биде со фокус на решавање на проблемите со општествен консензус. Ниту јас ниту некој од раководството дозволил да се етнизира Македонија. За жал има политички партии кои тоа го прават, и тоа не е добро зошто не носи прогрес, не носи иднина. Не можам да се сетам на ова што вие го зборувате, дека провејуваат вакви звуци, барем јас немам такво нешто слушнато. Да, од една владејачка партија на Албанците имам слушнато негативни зборови за македонците, за каурите, за ВМРО-ДПМНЕ…што не е добро. И за жал тие луѓе остануваат неказнети.

 

 

 

 

Të fundit