четврток, март 28, 2024

ПОРАКА ОД ЛЕКАРИТЕ: ПОСТ-КОВИД ПОСЛЕДИЦИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ТРЕТИРААТ

Пишува: Арта Сефадини

 

Срцеви проблеми, дијабетес, ментално здравје и потребата од физикален третман и третман за рехабилитација, како долгорочни пост-Ковид последици, се доказ дека се работи за една сериозна болест која влијае врз квалитетот на животот и дека излекувањето на болеста не значи и целосно закрепнување. Лекарите со кои контактиравме признаа дека не сите пациенти се свесни за последиците и не се обраќаат повторно до болницата за помош откако ќе ја прележат инфекцијата. Сепак, според лекарите, јавните здравствени установи поседуваат капацитети и протоколи за третирање на пост-Ковид симптоми.

Од почетокот на пандемијата имаше неколку кампањи за сензибилизација за ризикот од можна инфекција или за сериозноста на болеста, но има малку или воопшто нема кампања или информации за важноста на справување со последиците пост- Ковид.

 

КОВИД-19 И ПОТРЕБАТА ЗА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

 

Долгото лежење во болниците, неактивноста и нападот врз многу системи во телото, во многу случаи го спречуваат враќањето на овие лица на секојдневните активности и професионалните ангажмани, како пред заразувањето. Клиниките каде што се примаат заразени пациенти може да се празнат по секој бран на вирусот, но приливот на пациенти се зголемува во клиниките за рехабилитација.

Хоспитализираните пациенти со средна или тешка клиничка слика, често се случува да се вратат на медицински третман за рехабилитација и после оздравувањето од болеста. Директорката на Одделението за физикална медицина и рехабилитација, Маја Манолева, нагласува дека потребата од рехабилитационо лекување уште еднаш ја докажува штетата по здравјето што Ковид ја предизвикува, особено во белите дробови.

„Целите на рехабилитација за овие пациенти се мобилизирање и повторно движење, подобрување и нормализација на функцијата на дишење, подобрувајќи го ритамот на дишење и подобрување на дишните патишта, повторно враќање на секојдневните активности, справување со губењето здив и справување со заморот, пронаоѓање на рамнотежа меѓу активноста и потребата за одмор“ – вели лекарката Маја Манолева.

За оваа цел, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, со поддршка на Министерството за здравство, пред една година подготви оддел посветен на пациентите кои имаат потреба за рехабилитација по оздравување од Ковид-19.

„Рехабилитацијата на пациентите ја врши екипа составена од специјалист физијатар, специјалист интернист и физиотерапевт со долгогодишно искуство, медицински сестри и лекари помошници, кои пристапуваат кон секој пациент поединечно, според здравствените потреби на пациентите. – објаснува др. Манолева.

Лицата на кои им е потребна рехабилитација следат посебни програми кои можат да траат од 2 до 4 недели, во зависност од последиците што болеста ги оставила кај овие пациенти.

 

КОВИД 19 И КАРДИОВАСКУЛАРНИТЕ БОЛЕСТИ

 

Иако некои луѓе лесно може да го поминат Ковид-19 како сезонска настинка, многу други пациенти се соочуваат со долготрајни последици што овој вирус ги остава во организмот. Таканаречениот „долг Ковид“ претставува дополнителни здравствени потреби за пациентите кои се излечиле.

„После оздравувањето од Ковид-19, многу пациенти се прегледуваат за здравствени проблеми поради симптомите што ги чувствуваат, но има и пациенти кои подлежат на превентивни кардиолошки прегледи за да се уверат дека заразата со Ковид не оставила последици по нивното здравје, во случај кога немале никакви проблеми или симптоми“, вели д-р Владимир Ристоски, кардиолог.

Ковид 19 предизвикува срцеви компликации кои кардиолозите ги делат на полесни и посериозни манифестации.

„Компликациите по КОВИД може да се поделат на лесни; со благи клинички манифестации како палпитации, повремено задишување, замор, варијации на крвниот притисок, малаксаност, и тешки или со потешки клинички манифестации како што се миокарден инфаркт, миокардитис, пулмонална тромбоза, акутна тромбоза на екстремитетите, мозочен удар и слично“, нагласува д-р Ристовски.

 

КОВИД 19 И ДИЈАБЕТЕС ТИП-2

 

Сè повеќе луѓе откриваат нови симптоми кај себеси дури и неколку недели или месеци откако се излечиле од Ковид-19. Истражувачите и лекарите сè уште немаат точни податоци за влијанието на Ковид врз различни системи на организмот. Но, според досегашните докази, го откриваат влијанието на Ковид и при појавата на дијабетес тип-2.

„Иако немаме податоци, постојат докази дека вирусот SARS-CoV-2, преку АКЕ рецептори, ги оштетува и БЕТА клетките и го зголемува ризикот од дијабетес. Од друга страна, во случаи на тешка инфекција, употребата на терапија со гликокортикоиди се зголемува ризикот од дијабетес“, нагласува д-р Ирфан Ахмети, ендокринолог.

Вируси SARS-CоV-2, освен белите дробови и дишните патишта, тешко ги погодува и другите органи, посебно кај лицата кои биле хоспитализирани или со тешка клиничка слика. Третманот на лицата кои боледуваат од дијабетес после заразување со Ковид вклучува редовни прегледи за регулирање на нивото на шеќерот во крвта, кои трпат примени поради терапијата за Ковид.

„Според моето искуство, некои лица кои примале инсулин кога биле хоспитализирани, доколку им биде дијагностициран како резултат на Ковид, честопати се префрлаат на терапија со таблети“, додава д-р. Ирфан Ахмети.

 

КОВИД-19 И МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ

 

Пандемијата ја нагласи и важноста на менталното здравје. После Ковид-19, на повидок е нов вирус кој лекарите го дефинираат како „Вирусот на менталните пореметувања“.

„Се почестите мутации на вирусот го одржуваат стресот на високи нивоа, ја зголемуваат несигурноста за околностите врз кои ние како луѓе имаме мала или никаква контрола. Сето ова допринесува на продолжението на оваа секундарна пандемија на глобални промени на менталното здравје, кое најверојатно ќе трае долго по вирусот“ – вели др. Васка Дамјановска Митева, психијатар.

 „Луѓето кои се веќе предиспонирани или се изложени на ризик да бидат погодени од некоја ментална болест, кои можеби претходно се бореле со некаков вид ментална болест, се соочуваат со дополнителни предизвици“, додава таа.

Едно опсежно истражување објавено пред неколку месеци во „The Lancet Psychiatry“ покажува дека шест месеци по болеста, на речиси 34% од пациентите им биле дијагностицирани одредени невропсихијатриски абнормалности, од кои околу 13% биле дијагностицирани за прв пат. Меѓутоа, кај оние пациенти кои биле на интензивна терапија поради потешка клиничка слика, инциденцата на невропсихијатриски компликации достигнала и до 46%.

Во овие две години на справување со Ковид, кај лицата кои биле заразени со вирусот, кои се најчестите ментални проблеми што може да ги предизвика еден вирус како Ковид?

„Некои од најчестите психијатриски нарушувања кои ги доживуваат пациентите се анксиозност, депресивни симптоми, несоница, посттрауматско стресно растројство, когнитивно оштетување и чувство на „магла во главата“, како и поретки симптоми како што се: опсесивно компулсивно нарушување, како и психотични декомпензации“, вели д-р Митова.

Овој вирус и болеста што ја предизвикува, сè уште се сметаат за нови појави, а последиците се уште се проучуваат секојдневно од научниците.

 

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Të fundit