сабота, јули 20, 2024

Немоќни да ја препознаеме моќта

“Во свет преплавен со нерелевантни информации, јасноста е моќ”. Израелскиот историчар, Јувал Ноа Харари, кој се наметнува како мислител на современото време, во неговата книга „21 лекција за 21 век“, поставува една теза која за нас може да биде многу опасна. Јавноста е моќ, но што кога истата е немоќна да го препознае тоа?

Пишува: Катерина Топалова

Стотици телевизии на (официјално) два милиона народ. На нив илјадници дебатни емисии на кои наводно одбрани, а всушност дел од групата „секој“ си дозволува да дебатира. Фејсбук отвори нова можност за секој да може да се вклучи или да започне дебата за се што ќе му текне. Добра е оваа можност која ја пружа демократијата, се` до моментот кога доаѓа прашањето – Која е визијата?

Одговорот е кус – ВИЗИЈА НЕМАМЕ! Работите ги правиме зашто треба да бидеме дел од некакви правила, некаква рамка, да се случуваат, да се движат, но немаме визија. Кои сме, каде сме, зошто сме, зошто го правиме сето ова… И Харари вели дека теоретски секој може да се приклучи кон дебатата за иднината на човештвото, но многу е тешко да се има јасна визија.

Велиме дека нашата визија е влез во ЕУ. Со години се обидуваме да ги исполниме нивните правила, но немајќи визија, сето тоа го оставаме само на хартија. Немањето визија не ни дозволува да погледнеме подалеку од лошите навики, од потребата да се менуваме, од напуштањето на компфорната зона која не зароби во едно мрачно општество.

Немањето визија не остави со системски срушено образование низ чиј тунел поминуваат десетици генерации кои создаваат модерно неписмено општество.

Немањето визија не донесе до скршен здравствен систем кој не може да одговори на пандемија која не прашува кога и каде да се случи. Немањето визија не донесе да молчиме кога медицински кадар заминува поради нашето викање.

Немањето визија не натера да се обидуваме да ги сфаќаме луѓето кои не веруваат во коронавирусот и кога ќе им соопштат дека нивниот близок член на семејството починал од Ковид-19.

Немањето визија не натера историјата да ни биде иднина.

Немањето визија не натера да се изгубиме, да не знаеме кои сме, кои сакаме да бидеме и кои се замислуваме дека сме.

Не ни фалат ниту пари, ниту кадар, ниту народ, ниту политики, ниту политичари колку што ни фали визија во сите овие години!

Поради тоа, немоќни сме пред сопствената моќ, зашто не можеме да ја распознаеме. Затоа ќе веруваме на дезинформации, ќе живееме со полувистини и ќе создаваме свет на лаги!

Të fundit