„Културата не е само она што го читаме, што го пишуваме, што го сликаме, културата е поглед, насмевка, однесување, гестикулација и говор. Таа е во нас, се забележува со првото `здраво`, па се` до песната, фотографијата…“
Пишува: Катерина Топалова
Во оваа мисла од Иво Андриќ е напишана целата наша тага. Целиот наш однос кон човекот до нас, кон партнерот, кон редицата пред банка, на каса во супермаркет, целото нетрпение во сообраќајот, начинот на кој наоѓаме паркинг, (не)почитувањето на институциите, на правото, на природата, на земјата во која живееме.
Скапите одела, миризливите пури и лакованите потпетици, кожните чанти и брзите автомобили, сета богата мизерија во која ги заробивме нашите души.
Среќните семејни фотографии на инстаграм и ладната хармонија дома, потребата да му се допаднеме на друг пред сами да се сакаме.
Се` почесто имам чувство дека секојдневно правиме лоши работи и круцијални грешки зашто за брзо ова ќе заврши, зашто ќе се стави ред и таа „слобода“ ќе ни биде одземена.
Руинирањето на основните столбови на еден систем, со години ја руинираа и иднината на нашите животи и животите на нашите деца. Кога и како згрешивме? Има ли враќање од оваа недојдија? Каде води овој ќорсокак?
Сите натпревари во општеството ни се за поголема моќ над работите кои секојдневно пропаѓаат. Поважно ни е што ќе речат другите отколку што си велиме самите на себе. Станавме робови на сопствената лага, се лажеме дека уживаме, дека живееме додека душата ни умира.
Очајно ни е потребно внимание и го бараме по секоја цена од секого. Се разголуваме каде што не треба, не се соблекуваме пред себе. Огледалата ги одминуваме зашто повеќе не го познаваме човекот што го гледаме таму. Кога и каде згрешивме?
Како дозволивме да се смееме со солзи и да плачеме со насмевка?
За какви господа се сметаме кога ѓубрето од дома го фрламе во парк до корпата за отпадоци, кога немаме гестикулација додека изразуваме љубов, кога лажеме дека ни е убаво и не знаеме да се радуваме на туѓата среќа?
Кога и каде згрешивме? Во што се претворивме?