НЕзависна Македонија успеа да создаде граѓани кои Македонец пишуваат со мало М. Едните не знаат дека е погрешно, другите не се сигурни!
Пишува: Катерина Топалова
Имам 33 години. Нешто повеќе од независна Македонија. Јас нејзе како постара сестра, таа мене како единствена мајка. Прв пат во мојот живот пишувам за нејзиниот роденден, прв пат некое посебно писание со чувства. Зрелост ли е? Потреба ли е? Несигурност ли е?
Родена во некоја друга земја. Премногу мала за да се сеќавам на каков било период од тогаш. Цел живот растена во Македонија. Од мала учена дека сум од мала земја, која со големи маки исцртала граници. Како да требало да сфатам дека е тоа длабок минус, дека треба многу повеќе да се потрудам од кој било друг ако сакам да ме забележат.
И растевме…и јас и таа! Скромно, ама и двете упорни. Јас на почетокот збунета, дали сакам да бидам оперска пејачка или новинарка. Таа…не сум сигурна дека и денес знае што сака да биде. Јас знаев дека еднаш го правам изборот по кој морам да чекорам. Таа се уште мисли дека има многу време. И лута! Наместо да биде мајка-заштитничка, понекогаш имам чувство дека јас се заштитувам од нејзе.
Во нејзините 29 години успеа да создаде сиромашни граѓани, задолжени материјално, исцрпени духовно! Успеа да направи големи поделби.
НЕзависна Македонија направи зависни граѓани, од банки и кредити, од партии и политичари, од политика и политиканство, од покорување и лекови за смирување.
НЕзависна Македонија создаде вредносен систем како светска превртена пирамида. Граѓани полни со омраза и љубомора, заробени во сопствените себични рамки и исфрустрирани што ги гази времето.
НЕзависна Македонија создаде збунети луѓе кои мислат дека знаат се! Направи бариери на најрамното.
НЕзависна Македонија успеа да стане земја на релативизатори, на можност да се одбрани погрешното, земја која не казнува криминал, земја во која секој сам се снаоѓа, земја која секој ја сака откако ќе замине од неа!
НЕзависна Македонија создаде празни села, држава која гради згради исто колку што дневно полни авиони кон Европските земји.
НЕзависна Македонија успеа да создаде граѓани кои Македонец пишуваат со мало М. Едните не знаат дека е погрешно, другите не се сигурни!
Среќен роденден татковино!