четврток, ноември 30, 2023

Нова Влада – стари очекувања

Деновиве е актуелна една шега: Има две вести – добра и лоша. Добрата е што ВМРО – ДПМНЕ е во опозиција, лошата е што СДСМ и ДУИ се на власт.

Пишува: Катерина Топалова

Заврши пазарот. Падна договор! СДСМ и ДУИ ќе нарават владин кабинет. Изјавите од пред месец дена – не важат. Ниту Заев го испрати Ахмети во опозиција, ниту Ахмети му обезбеди четири годишен мандат на Албанец – премиер. Ама сите ја знаеме поговорката „Ако не можеш да го победиш – придружи му се“! И бидна! 

Мицкоски остана под ладна сенка! Изјавите дека убедливо ќе победи и ќе состави Влада сега се празна реторика! Ќе успее ли да биде јака опозиција?

Кои се најголемите предизвици на новата Влада?

Коронавирусот е реалност! Секојдневно стотина наши сограѓани се впишуваат како нови болни од подмолната зараза. Се прават монтажни болници, се најавува есенски опасен бран. Оваа Влада ќе биде соочена со сериозен здравствен предизвик, да обезбеди медицински персонал, да го заштити, да го мотивира и да му помогне за да ни помогне! Да го намалиме бројот на болни, да не избрише светот од листата на опасни земји, да се отворат границите и да живнеме.

Есента носи и економски маки. Многу луѓе останаа без работа, исто толку се плашат дека набрзо ќе останат невработени. Пропаѓаат фирми, растат долгови. Овој кабинет ќе мора да мисли како да му помогне на народот да излезе на крај. Месечните давачки се се` поголеми, храната е се` поскапа. На народот му треба помош за да преживее. Во следните четири години ќе биде вистинска борба за пари!

Септември носи неизвесност во образованието. Полу – јасниот план на владата за почетокот на учебната година е меч со две острици. Не е лесно да се донесе одлука со која ќе се внимава и на здравјето и на едукацијата и социјализацијата на децата, но затоа се платени тие министри и челници! И одењето и не одењето во училиште има свои последици. Можеме само да се молиме да не снајде помалото зло! Од оваа Влада се очекува да обезбеди ефикасен план за учење на далечина, безбедност во училниците, средства за хигиена и безбедност на децата и кадарот!

Добро би било, иако реално мислам дека никој повеќе не очекува од оваа и од која било друга Влада да има ефикасна борба за правда и против корупција. Исто толку илузорно, ама уште надежно, дека оваа Влада ќе треба да се бори за почист воздух! Оваа Влада ќе треба да се бори да го задржи Охрид на листата на УНЕСКО и да се спротивстави на „локланите шерифи“. Оваа Влада ќе треба да им помогне на земјоделците да ги продадат производите. Оваа Влада треба да заборави на непотизмот и да спроведе реформи. Оваа Влада не смее да заборави на луѓето со ретки болести и на децата без родители. 

Од оваа Влада се очекува да ги почне преговорите со ЕУ и да работи на затворање на поглавјата. 

Од оваа Влада се очекува да ги почитува законите, својата земја и својот народ!

 

Të fundit