Ако за време на предизборната кампања акцентот беше ставен на принципите и вредностите, сега тој се префрла на интересите. Во оваа голема трка не се исклучуваат ненадејни приближувања или одалечувања на политичките субјекти кои биле партнери или противници за време на кампањата, бидејќи примарна цел сега е кој ќе достигне број на 61 пратеник.
Автор: Џелал Незири
Сега веќе три дена по ред, по конституирањето на Собранието, лидерите на политичките партии ја водат жестоката трка за мандатот, што ќе даде можност на една од партиите да ја формира новата извршна власт. Се среќаваат секој со секого, без никаков специфичен редослед и без поконкретни информации за јавното мислење. Ова е време кога партиите тактизираат, преговарачите блефираат, а раководствата на партиите подготвуваат стратегии и платформи за преговарачите.
Но, тука има една неизвесност што може да доведе до уставна криза што може да го одложи формирањето на новата влада. Во членот 90 од Уставот на Северна Македонија не е наведено многу јасно на кој политичар, политичка партија или коалиција претседателот на државата треба да го даде мандатот за формирање на новата влада. „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.
Во овој поток на разговори и состаноци, овој уставен напис отвора неколку дилеми:
Прво, што ќе се случи ако 10 дена по конституирањето на парламентот ниту еден од лидерите или политичките партии не успее да формира парламентарно мнозинство. Може ли претседателот да му предаде мандат на претставник од парламентарните партии ако нема мнозинство? Секако во случајов Пендаровски ќе треба да се сретне со сите лидери на парламентарните партии и потоа да одлучи како да се продолжи.
Второ, што треба да стори претседателот на државата, ако наместо првата партија, парламентарното мнозинство во овој десетдневен период го обезбеди втората или третата партија? Ако го земеме предвид преседанот од 2016 година, тогаш Пендаровски треба да му го предаде мандатот на лидерот на победничката коалиција СДСМ / БЕСА, Зоран Заев, кој има 46 пратеници. Пред четири години, поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов одби да му го предаде мандатот на Заев, и покрај тоа што ги обезбеди потписите на повеќе од 61 пратеник. Причината беше тоа што партијата ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводена од Никола Груевски, имаше освоено 51 пратеник, двајца повеќе од СДСМ на Заев. Оттука, толкувањето на Иванов беше дека мандатот прво му се дава на победничката партија или коалицијата, а потоа преминува на втората партија. На оваа одлука остро се спротивстави СДСМ и правните експерти, обвинувајќи го Иванов за кршење на Уставот на земјата само за да му се овозможи на Груевски да формира влада. Како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Иванов беше избран за претседател на два последователни мандати од 2009 до 2019 година. Минатата година Пендаровски дојде на власт како кандидат на СДСМ и поддржан од ДУИ. Во овој временски контекст, се очекува Пендаровски да постапи исто како Иванов во 2016 година, доколку ВМРО-ДПМНЕ како втора партија со 44 пратеници би успеала да обезбеди 61 потписи на пратениците за да го преземе мандатот.
Трето, преземањето на мандатот од страна на лидерот на СДСМ, или можеби ВМРО-ДПМНЕ, откако ќе ибезбедат 61 потпис, не значи дека во уставниот рок од 20 дена тој ќе може да ја формираат владата. Тоа е затоа што во тој период по прифаќањето на мандатот, програмата и составот на владата мора да бидат усогласени, два документа што мора да бидат одобрени од парламентарното мнозинство за да може новата извршна власт да биде ефективна. Со оглед на амбициите на ДУИ за премиерската функција, или ставовите на АзА/ААА во врска со владината програма, може да се случи првиот мандатар да не успее да состави влада, иако ги имал претходно потребните потписи. Една слична ситуација имаше во почетокот на 2017 година, кога Груевски до последен момент чекаше позитивен одговор од Ахмети да продолжи да ја води земјата, но такво нешто не се случи.
Во секој случај, во овие драматични моменти се изразени политичките вештини на лидерите и клучните фигури во партијата, нивните тактики и стратегии за време на процесот и постигнување на поставените цели. Стратегиите се планови за постигнување на долгорочни цели, додека тактиките се чекори, потези и активности што се користат во даден момент за да се спроведат стратегиите. Ако за време на предизборната кампања акцентот беше ставен на принципите и вредностите, сега тој се префрла на интересите. Во оваа голема трка не се исклучуваат ненадејни приближувања или одалечувања на политичките субјекти кои биле партнери или противници за време на кампањата, бидејќи примарна цел сега е кој ќе достигне број на 61 пратеник.