понеделник, декември 11, 2023

Ваучери за домашна култура

Деновиве гледаме фотографии од Охрид на кои куп отпадоци завршиле во езерото и низ улиците. И сите некако изненадени, огорчени, разочарани…Не се почитувале мерките, имало многу луѓе и било валкано. Ваучерите што беа поделени завршија голема работа, не потсетија каков е всушност домашниот туризам и не потсетија дека имаме погрешно мислење за себе.

Катерина Топалова

Патиме од синдром на постојана виктимизација. Жртви сме на соседите, на семејството, на помоќните, на поголемите, на посилните…жртви сме на светот.

Единствената вистина е дека сме жртви само на сопствениот разум.

Децениското уништување на образовниот систем почнува да покажува сериозни недостатоци и уште повеќе, почнува да прави огромни штети.

Секој проблем заслужува сериозен пристап, сериозните проблеми особено. Но ние сме вечни импровизатори, а тоа се плаќа.

Чувството дека се е наше, дека се можеме да поседуваме, изместените вредности и уништениот систем на награда и казна најголемиот дел од нас ќе го платат со живот.

Мирот, етиката, локалната и глобалната одговорност, руралниот и урбаниот развој, здравјето, економијата, заедничката одговорност и заштитата на животната средина се столбови за опстанокот на човекот. Тоа мора да влезе во образованието и да се повторува во различни форми.

Потребна ни е стратегија за образование. Треба добро да се следат пораките кои доаѓаат од Организацијата на Обединетите Нации.

Ние немаме изградено свест за вредноста на природата, за услугите кои ги добиваме од неа и се уште ги злоупотребуваме како непресушни.

Ние сме народ кој не може да научи лекција од пандемијата, уште помалку таа да биде долгорочна.

Краткорочните економски интереси и во иднина ќе ни бидат приоритети.  Сликите од метежот на плажи и езерото кое се дави во ѓубре ќе бидат се почести, а природните катастрофи ќе станат дел од нашите животи.

Оние кои ќе спасат жива глава од Ковид-19, ќе имаат сериозен предизвик да преживеат во средина со руинирано школство кое допрва ќе отвара нови проблеми.

Ваучерите за домашен туризам завршија работа, дајте сега по еден за култура и домашно воспитување!

Të fundit