“Оваа пандемија покажа колку е важно новинарите да се придржуваат кон професионалните и етичките стандарди, колку е важно да се следат правилата за известување во состојба на криза и да се заштити личното здравје при известување за опасни настани.”
Ова е оценката што ја искажа директорката на Македонскиот институт за медиуми – МИМ, Билјана Петковска, на во видео интервју за платформата Антиковид на КДП.
Таа вели дека може да се заклучи дека традиционалните медиуми, но и дел од дигиталните редакции и порталите, играле и сè уште играат извонредна улога во информирање на граѓаните за пандемијата.
Петковска потсетува дека не помалку важен во информативниот систем на граѓаните, се државни институции, секој во свој обем.
Според директорката на МИМ, воопшто, може да се каже дека Министерството за здравство делувало доста добро во начинот на кој ја организирал Службата за односи со јавност и заложбата што ја имал самиот министер.