Џорџ Орвел рекол – за да го видиш она што ти е пред носот треба постојан напор.
Имав можност да посетам неколку конфекции на истокот од земјава. Да ги видам жените „што го шират вирусот“. Такви се гласините за конфекционерките, дека се неупатени, не образовани, дека не почитуваат мерки и затоа вирусот се шири меѓу нив најмногу.
Пишува: Катерина Топалова
Текстилните фабрики станаа мета на коронавирусот, но мета се и сите останати поголеми институции. Ако еден се заболи меѓу 250 луѓе, речиси е невозможно само тој да остане позитивен. Така работничките кои најголемиот дел од работното време го минуваат над машина и со маска, остануваат на столбот на срамот. Никој не отишол да ги види условите, никој не проверил дали е тоа вистина, ама сите знаат.
Станавме општество полно предрасуди. Прстот кон конфекционерките го вперуваат најчесто оние кои без маски седат на кафе муабет со група пријатели и анализираат кој е виновен за ширењето на чумата. Небаре тие се недостапни за опасноста која демне.
Лајкувајќи ги фотографиите од полни плажи, повторувајќи го емитувањето на видеата каде што стотици млади се забавуваат во ноќни клубови без никаква дистанца, честитајќи на младите за стапување во брак каде што група роднини слават, седиме и зборуваме колку е опасно да се работи во конфекција.
Опасно е да се биде дел од секој поголем собир, од секоја просторија која функционира во „океан-систем“. Опасно е да се биде без маска и во близина макар и на членовите од поширокото семејство.
Доста удирате по работничките кои со години молчат на сите навреди. Доста го дотолчувате и тоа малку достоинство на жените кои мачно и во секакви услови работат за да однесат дома леб.
Трчајќи по забави и плажи, фотографирајќи се за да му покажеме на светот колку сме кул и успешни, забораваме дека станавме жртви на сопствениот успех. Нашата криза веќе не е материјална, таа е егзистенцијална, криза на духот. Криза на изместени вредности и вакум простор исполнет со предрасуди. Криза која ги величи не чесните а ги омаловажува работливите. Криза која не ни дозволува да видиме подалеку од рамката која вештачки ја создадовме. Криза која обвинува без факти, на база на измислици!
На тие жени не им треба осуда и стигматизирање, уште помалку им треба вашето сожалување. Тоа се жени кои чесно заработуваат, кои хранат семејство и растат деца. Тоа се жени кои внимаваат на сопственото, на здравјето на најблиските и на вашето здравје. Тоа се жени кои шијат повеќе слојни маски за вас и за Европа. Жени кои секој здив го земаат преку филтер за да бидат побезбедни.
Жени од кои најголем дел земаа минимална плата заради коронакризата. Жени кои од септември не знаат дали ќе добијат отказ, зашто странските партнери откажуваат нарачки.
На овие жени им треба почитување. Најмалку е потребно стигматизирање!