Автор: Џелал Незири
За време на кампањата за изборите на 15 јули, Зоран Заев и Зијадин Села на АзА/ААА имаа една допирна точка: двајцата се збогуваа со Али Ахмети, најавувајќи дека конечно по изборите ќе премине во опозиција.
Првиот дури додаде дека „одењето во опозиција по 16 години владеење е политички здраво за ДУИ“, додека вториот се збогуваше преку мавање со високо крената рака, со пет отворени прсти што го симболизираа бројот пет на оваа коалиција на гласачкото ливче.
Праќањето на партијата на Ахмети во опозицијата се чинеше дека стана моќен наратив на Заев и Села, кои проценија дека со овој антагонизам ќе мобилизираат повеќе гласачи во нивните кампови. СДСМ формираше коалиција со ДУИ и АзА во 2016 година, две партии што тогаш и овозможија да формира парламентарно мнозинство и влада. Една година подоцна, по првата реконструкција на владата, СДСМ го презеде Министерството за здравство од АзА, што предизвика незадоволство кај Села. Влошените односи Заев-Села кулминираа во октомври 2017 година, кога СДСМ постигна договор со ДУИ за взаемна поддршка на нивните кандидати на локалните избори. Како резултат на ова соработка, гласовите на ДУИ беа клучни за изборот на градоначалникот на Скопје, Куманово, Охрид, Битола и неколку други мешани етнички рурални општини, додека со гласовите на СДСМ ја утврдуваа победата на кандидатите на ДУИ во Тетово, Кичево и Струга. Неуспехот на Села во Струга, како и на двете кандидати а БЕСА – Билал Касами во Тетово и Зекирија Ибрахими во Чаир (тогаш Алтернатива не беше формирана), го продлабочи непријателството на овие партии со СДСМ. Како резултат на ова, АзА премина во опозицијата, а новата партија што излезе од БЕСА – Алтернатива на Африм Гаши – го зазеде нејзиното место во владата. Во периодот што следуваше, Заев ги продолжи разговорите и со БЕСА на Касами за да ја вклучи во владата, но такво нешто не се случи.
Сега, три години по разделбата, СДСМ – кој има и БЕСА во коалицијата – се чини дека повеќе сака владина коалиција со АзА и ААА, отколку со ДУИ. Сите три политички субјекти, кои толку малку веруваат едни на други, се чини дека имаат заедничка цел – да го испратат Ахмети во опозиција.
Дали е можна влада без ДУИ? Се разбира, да, ако СДСМ ќе најде алтернативи за создавање парламентарно мнозинство. Но, има најмалку четири слабости во една влада што не би го имала Ахмети внатре:
Прво, ДУИ освои повеќе гласови и пратеници во споредба со другите партии на етничките Албанци во Северна Македонија, факт кој повторно му дава легитимност да ги претставува во владата. Со 15 пратеници и околу 105 илјади гласови, Ахмети добил мандат на изборите да биде прв, пред коалицијата меѓу Села и Гаши со околу 81 илјади гласови или Касами, кој во рамките на коалицијата „Можеме“, се проценува дека донел 10-15 илјада гласови. Значи, партијата на Ахмети има повеќе гласови кај Албанците од сите други субјекти заедно.
Второ, оставањето надвор од извршната власт на најголемата партија на етничките Албанци се покажа како политички не толку мудар чекор за партиите кои сакаат да ја водат државата, но и за оние кои влегуваат во владата со недостаток на легитимност. Влегувањето на АзА/ААА во владата како субјект што резултираше на второто место кај Албанците на изборите на 15 јули, би претставувало повторување на сценариото од 2006 година, кога ДПА на Мендух Тачи постигна договор за формирање влада со Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Трето, во време кога Бугарија се повеќе го оспорува етничкиот идентитет на Македонците со тоа што ги оспорува нивниот јазик и историја, како и во време кога дијалогот Приштина-Белград се очекува да даде конкретни резултати, владата на Заев веќе не може да се надева на поддршка и конструктивна улога на Ахмети.
Четврто, со формирање влада на СДСМ/БЕСА, АзА/АА и други пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се шпекулира дека „ќе преминат“ кај ова парламентарно мнозинство, конечно ќе се удри печат на констатацијата дека демократијата во Северна Македонија е слично на пазарот на зеленчук, каде што гласовите и мандатите се продаваат и купуваат како на тезга. Дури и ако и се отцепат пратеници, опозицијата што би се состоела од две победнички партии во двете најголеми етнички групи во земјата ќе претставува голема и постојана закана за една таква влада.
ДУИ е на власт долго време – од 2002 година до сега, со исклучок на 2006-2008 година. Значи, цели 16 години, од кои 12 без прекин. Со барањето за премиер албанец, Ахмети успеа да ја врати поранешната аура и да ги мобилизира албанските гласачи. Ако тој се откаже од оваа идеја сега и без разумен компромис, тој би ја избрал власта наспроти поддржувачите, моќта пред идејата и стагнација пред порастот на популарноста. Ахмети во 2016 година доби 86 илјади гласови, на локалните избори близу 90 илјади, а сега 105 илјади, што укажува на постепено зголемување на поддршката. Останувањето во опозицијата како победник на изборите, без оглед колку разочарувачки може да изгледа за одредени кругови во оваа партија, уште повеќе ќе ја зајакне позицијата на Ахмети на политичката сцена. Ова се чини дека е неговата стратегија.