Автор: Риљинд Даути
Британската пејачка со албанско потекло Дуа Липа на своите профили на социјалните мрежи сподели фотографија со фамозниот постер кој леташе врз стадионот во Белград каде се играше фудбалскиот натпревар Србија-Албанија. На постерот има фотографии од првиот премиер на Албанија, Исмаил Ќемал беј Влора, и албанскиот борец за слобода Иса Болетини, но контроверзниот дел од постерот е што на средина е една карта на зголемена Албанија каде се вклучени многу територии на околните држави на Република Албанија.
Што ја натерала Дуа Липа на таков гест најдобро си знае она сама. Од познаничка која од поодамна ја следи неа на Твитер и Инстаграм дознав дека Дуа Липа редовно добива погрдни коментари од Срби, кои очигледно и завидуваат на успехот на една Шиптарка од Косово која својата светска слава ја користи за промоција на Албанците, и посебно на Република Косово, со чија територија Србите се уште мислат дека треба да владеат и покрај сите ѕверства што српските власти од 1912 до 1999 ги имаат направено врз мнозинското албанско население. Постирањето на таа фотографија од Дуа Липа би било на некој начин среден прст против таквите тролови.
И секако, најчестите коментари против тој пост на Дуа Липа со зголемена Албанија дојдоа токму од Срби, иако токму тие најмалку од сите се во позиција да се жалат на картата на Етничка Албанија, кога се знае дека нивната Велика Србија е многу поголема од територијалните претензии на Албанците!
И ова не носи до општиот проблем со големите карти на Балканот: Етничка Албанија, Велика Србија, Обединета Македонија, Санстефанска Бугарија, и грчката Мегали Идеја.
Сите овие карти патат од слични мани.
Да почнеме од картата на Етничка Албанија. Во оваа карта во најголем дел се територии кои стварно биле и се упте се населени од Албанци, но и покрај придавката „етничка“, во ваква „верзија“ на Албанија се вклучени и територии кои никогаш не биле населени со етнички Албанци, како што е грчкиот остров карши албанскиот брег, Крф; а вклучени се територии и каде стварно имало Албанци, но каде одамна тие ги нема, како што е случајот со селата на некогашпниот Санџак Ниш од каде Албанците се протерани од Србија уште од 1877 година! Друга нелогичност на картата на Етничка Албанија е што со цел да се постигне компактна територија наместо со енклави и територијални продолжетоци, во неа се вклучени и населени места каде никогаш или од памтивек нема Албанци, а ова најмногу се однесува на некои населени места во Северна Македонија.
Но „Етничка Албанија“ е доста скромна во споредба со Велика Србија. Таа ја вклучува Црна Гора, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, и околу половина Хрватска. Со цел на остварување на оваа идеја само во периодот 1991-1995 се убиени и етничко чистени стотици ипјади луѓе во Хрватска и БиХ, а за да се држи под контрола мнозинско-албанското Косово, официјален Белград вршеше државен терор врз косовските Албанци во целите 1990 години, што кулминираше со злосторствата во војната од 1998-1999. А во однос на Северна Македонија, додека Етничка Албанија вклучува „само“ половина од неа, Велика Србија ја има лапнато С. Македонија цела! Но и покрај ова, на обичниот Македонец сепак повеќе му боди очи картата на Етничка Албанија отколку картата на Велика Србија!
А и Македонците сонуваат за една поголема држава. Кај нив е всаден митот дека тие се обесправени со поделбата на Македонија со Букурешкиот договор од 1913. Но ај да ја видиме демографската слика на „географскиот регион“ Македонија кој тогаш бил под Османлиско царство. Оваа држава пописите не ги вршела врз база на етничка припадност но сите домашни и странски набљудувачи биле свесни дека Македонија е екстремно етнички измешана територија. Затоа, наводно, француската салата „Македонија“ го добила ова име бидејќи во неа се измешани разноразни овошја, исто како што во Македонија се измешани многу етнички групи. Па така, според една проценка од 1911 година од Британската Енциклопедија, во Македонија живеат 1.15 милион Словени, 500 илјади Турци, 250 илјади Грци, 120 илјади Албанци, 93 илјади Власи, 75 илјади Евреи, и 50 илјади Роми. Во ваква околност кога македонските словени се едвај 51% од целокупното население, што им дава право на македонските словени да владеат со другата половина од населението?! Но она што го прави упте побесмислен сонот за Обединета Македонија од страна на одредени македоски сонувачи, е што денешната демографска слика е тотално променета од гореспоменатата статистика од 1911. Имено, со размената на население меѓу Грција и Турција, и во помала мера меѓу Грција и Бугарија, во „географскиот регион“ Македонија како целина најголема заедница веќе не се Словените туку Грците. Што значи дека ако би се остварел сонот на етничките Македонци за Обединета Македонија, во таква држава етничките Македонци би биле малцинствио од 27% во споредба со 51% на Грците!
Но многу повеќе од гореспоменатите три примери, како моќно влијателни големи карти на Балканот (а кои беа најблиску до остварување) се Санстефанска Бугарија која вклучува територии кои денес се под суверенитетот на републиките: Грција, Србија, Северна Македонија, Албанија, па дури и Косово; и грчката Мегали Идеја која посегнала по албански, бугарски, и турски територии, и која во најголем процент од сите се има остварено.
Се на се, сите големи карти имаат некои заеднички карактеристики. Сите се исцртени под принципот „тоа што е мое е мое, тоа што е твое е дискутабилно“. Сите карти се себични: „јас ќе владеам со другите а во мојата држава тие ќе бидат малцинство“. Сите карти своите претензии ги поставуваат под наводни историски неправди и сите тие вклучуваат територии каде веќе одамна не живеат луѓе од етничката група која тие територии ги претендира за свои!
Авторот е дипломиран политиколог и магистрант по дипломатија