Социјал демократскиот сојуз на Македонија ги бара гласовите на граѓаните на предвремените парламентарни избори 2020 година убедувајќи дека имаат јасен план за следните четири години. Со коалицијата настапуваат под слоганот „Можеме“. Велат дека можат подобро и повеќе. Економијата е во фокусот на нивната програма. Но партијата нуди план за подобрување и во здравството, правосудниот систем, дигитализацијата и европеизацијата на државата. Кои се нивните главни адути?
Пишува: Катерина Топалова
СДСМ сметаат дека нудат нов развој на македонската економија, заснована на нови технологии, одржливост и човечки капитал. Модел што ќе ги штити работните места на граѓаните, ќе генерира повисоки плати и подобри работни места. Модел што дава нови и подобри шанси за сите. Модел што нуди стабилност за нашите деца и идните поколенија.
Оваа партија упатува на тоа дека држќавата може да биде стабилна, само ако има развојна и конкурентна економија.
Изборите се одвиваат во вонредни услови, имајќи ја в предвид коронакризата, затоа СДСМ вели дека овој момент го виделе како можност за брза трансформација на нашата економија. За граѓаните и за компаниите создале навремени мерки за справување со економските ефекти од кризата. Се гордеат со тоа што, како што велат, имаме држава што ги штити работните места. Со програмата велат дека новата македонска економија креира нови работи места за сите граѓани. Тврдат дека сме држава со пристојна живеачка, која се грижи за сите и во којашто сите заработуваме. СДСМ како партија која е последните три години на власт вели дека градат систем што ги штити работниците и во кој трудот на работниците се вреднува и се плаќа. Градат држава во која младите остануваат, придонесуваат и напредуваат. Држава во која младите ја гледаат својата иднина. Држава што инвестира во младите и ги развива рамо до рамо со нивните врсници од Европа.
Друг адут кој стои во програмата на СДСМ е членството на државата во НАТО, кое го добивме за време на нивниот мандат. Партијата во програмата потсетува дека ја обезбедиле иднината на нашата татковина. „Не сме повеќе сами, дел сме од голем сојуз кој нѐ штити и во кој ни се слуша гласот. Европеизирањето ни носи ред, дисциплина, промена и иднина. Ја носиме Европа дома“, велат од СДСМ.
Програмата „Можеме“ потсетува и на потребата од целосна дигитализација. Сметаат дека само со добра дигитална инфраструктура, државата ќе биде меѓу конкурентните и модерните. Најавуваат дигитална револуција која ќе го штеди времето и парите на граѓаните со тоа што шалтерите ќе ги испратат во историјата.
Инвестиции во здравствениот систем се потенцираат во програмата. Потсетуваат за покачените плати на лекарите, а во програмата стои и дека тие ќе продолжат да растат за сите медицински лица. Со тоа лекарите ќе бидат мотивирани да се грижат за здравјето на граѓаните а услугите ќе бидат брзи и квалитетни. Ветуваат дека ќе ги развиваат клиничките центри, болниците и амбулантите.
Во предизборната кампања на СДСМ, исто како и кај нивните противници ВМРО-ДПМНЕ, место заземаат и многубројни аудио разговори. СДСМ во програмата велат дека ветуваат правна и праведна држава во која ќе расчистат целосно со груевизмот и неговите остатоци од судството. „Правиме држава во која виновниците се казнуваат, а праведните напредуваат.“
Заштитата на природата е дел од ветувањата во програмата „Можеме.“ Од коалицијата велат дека ќе превземат храбри чекори за да ја исчистат земјата, воздухот и водата. „Го менуваме загадувањето со сончева енергија и гас“ е едно од ветувањата.
Од СДСМ и коалицијата сметаат дека само преку иновации и можност за младите, ќе ги убедат да останат во земјава, овде да се градат и да создаваат.
СДСМ бараат нов мандат од граѓаните сметајќи дека после резултатите кои ги покажале, дека сега е време за нови иницијативи на кои се обврзуваат, пред граѓаните и пред себеси.
Во програмата на коалицијата, претседателот Заев гледа заложби и вредности за кои за прв пат се обединиле сите етнички заедници. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други кои застанале ЗАЕДНО зад Програмата која носи уште повеќе и уште подобро за сите граѓани.
За понудата сметаат дека е чесен, домаќински и одговорен пристап, препознаен, автентичен, македонски модел за напредок.