сабота, октомври 5, 2024

Окупацијата на Старата скопска чаршија се мери во хектари

Доаѓаат времиња кога освен на странските туристи, и на граѓаните на Скопје ќе им треба мапа за да ја најдат Старата скопска чаршија. Главна причина за тоа е што постојано се менува ликот на некогашното јадро на Скопје, се нагризуваат границите и се напаѓа околината со висококатни објекти, како некој буквално да сака да ја скрие убавината на Чаршијата. На хартија, законот предвидува дека не смее да се смени ниту ќерамида од покривите, ниту, пак, во непосредна близина на Чаршијата да се градат објекти чијшто габарит ќе ја нагрдува нејзината автентичност. На терен, има случаи каде што со институционално аминување се реализираат гломазни проекти кај што не им е местото, како и поединечни случаи каде што прво се гради, а потоа се бара дозвола. Најсвеж пример за тоа и последен трн во окото на граѓаните е несоодветната надградба на објектот „Менада“. Ако такво нешто може да се случи на самиот влез на Чаршијата, тогаш кој знае што може да има во внатрешноста и нејзината околина. Затоа, истражувавме каква е состојбата, а наодите се алармантни.

Контактните зони како пластелин

Во Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, донесен од Собранието во октомври 2008 година се определени границите на споменичката целина и таканаречените контактни зони на Чаршијата.

Според законот, споменичката целина се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар и има вкупна површина од 11 хектари 58 ари и 14,71 квадратни метри. Старата скопска чаршија има три контактни зони, и тоа: контактна зона „Мавровка“, контактна зона „Мост“ и контактна зона „Дуќанџик“, со вкупна површина на тие зони од 23 хектари 46 ари и 47,11 квадратни метри.

Споредбата на податоците од старите топографски карти, од сателитски снимки и други алатки  покажа дека вкупните површини под објекти во Чаршијата и контактните зони пораснале од 11,77 хектари во 70-тите години на 14,81 хектари во 2002 година, односно има пораст од 25,81 отсто на површината под објекти.

Анализата покажа дека во овој тридецениски период, во Старата скопска чаршија и во секоја од контактните зони има тренд на уривање на дел од помалите стари градби за сметка на поголеми градби. Севкупниот број на градби не е значително променет, но средната површина на градбите е драстично зголемена, а со тоа и севкупната површина под објекти во целото подрачје е поголема.

Табела 1: Површина на објекти во 1970 и 2002 во Старата скопска чаршија и трите контактни зони
Okupacijata na Starata skopska carsija se meri vo hektari 2
При анализата се користени податоци од топографски карти во размер 1:25000 од 1970-тите и од 2002 година

Токму за да се спречи ваквата „градежна инвазија“, пред 12 години беше донесен законот со којшто Старата скопска чаршија е прогласена за културно наследство и со којшто на сила стапуваат строги правила за заштита на споменичката целина и на контактните зони на Чаршијата.

Сепак, нашето истражување покажа дека и по донесувањето на оваа регулатива односно во периодот 2007 – 2020 година има забележителни и несоодветни промени на терен.

На мапата се прикажани објекти кои се во можна колизија со член 7 од Законот, во кој меѓудругото се предвидува задржување на постојната висина на објектите, формата на покривите и оригиналните покривни материјали, со задолжителна употреба на ќерамиди како покривен материјал кај новоградбите, и се забранува менување на парцелите и урбаната структура, како и да се подигаат меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со настанувањето и развојот на Старата скопска чаршија

Во Старата скопска чаршија од 2007 година наваму е изграден плоштадот „Скендербег“, којшто опфаќа голем дел над објектите кај реонот на „Менада“. Дел од споменикот на културата „Ан Хотел Шар“ има изгубено во површина. Изградена е „Пивница“ со проширување на плоштадот „Св. Спас“. Кај хотел „Буши“ еден објект е претворен во паркинг, а два се урнати. Изграден е нов објект кај Капан ан.

/samoprasaj.mk

Të fundit