понеделник, декември 11, 2023

Стара финта, нови будали

Нема избори кои поминале без превезот на меѓуетничкото наелектризирање. Во држава како нашата, во која живее полуобразован и сиромашен народ, старите финти лесно палат. Лесно им е на политичарите кои знаат дека не мораат да смислуваат нови фори – пред избори Стојан и Рамиз ќе ги скараме, по избори ќе трошиме народни пари за да ги едуцираме како да живеат заедно. 

Катерина Топалова

Во март беше здравствена криза, потоа стана социјална па политичка, а за брзо се очекува да се претвори во економска. Ковид-19 е новата база врз која се кршат старите копја. Додека лекарите беа лекари се беше добро, кога влегоа во политичкиот барабан се се смени. 

Сега прстот се вперува кон верниците, кон оние што не веруваат во вирусот и оние кои бараат повеќе слобода. Коронавирусот го ширеле Албанците оти славеле Бајрам. За нашите не пуштиле мерки за Велигден, за нивниот празник за да им се додворат не ставиле полициски час. Па се расправаат луѓе кој бил лош кој добар, кој бил диво племе, кој смотан народ. Стара финта-нови будали.

А тие сложни како никогаш до сега. Ниту едните ниту другите не се криви, или пак подеднакво се криви. Никој не сака да казнува, секој знае како не треба. Со помош на коронавирусот собираат бедни политички поени. 

Не може ниту еден верник, ниту еден граѓанин од која било вера и националност да биде виновен ако нема правила, ако нема институции. Системот го урнисавте, градите кула од карти почнувајќи од кровот!

Меѓуетничките тензии се буре барут, опасна зона од која секогаш има повредени на сите страни. И победниците во војна бројат жртви. Не дозволувајте да бидете изманипулирани со финтите кои 29 години го крват овој народ.

Јас ќе им кажам благодарам на моите соработници Бардул, Џелал и Лорик, што ме почитуваат како професионалка и колешка. Со нив никогаш разговорите не застраниле, зашто сме свесни колку си требаме! И Бајрам и Велигден се честитаат редовно!

Болниците се полнат. Коронавирусот не бира по лична карта. Кавгите, колку и да се големи и колку и да ги има на број секогаш остануваат пред портите на клиниката. На инфективно одделение не е важно дали Македонец или Албанец ќе ти го намести цревото за аспиратор, важно е да земеш уште еден здив!

Të fundit