Власта, според Лок, има должност да го спроведе овој општествен договор и да ги заштити слободата, животот и имотот на секој поединец. Ако тоа не успева да го стори, тогаш граѓаните имаат право да ја соборат таа преку револуција. Во овој случај, општеството се враќа во состојба на природата и од почеток гради нова власт, способна да ги заштити основните права.
Пишува: Џелал Незири
Северна Македонија е еден месец скоро без влада. Постои техничка влада во која сите се наоѓаат внатре, но никој не сноси одговорност. Оваа техничка влада, формирана во јануари за одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април, актерите ја користат само за да промовираат фигури кои ќе бидат столбови на предизборната кампања. Изборите беа одложени поради пандемијата, додека битките во рамките на оваа влада започнаа да стануваат бескомпромисни и без граници. Овој вид на влада ги вклучи во себе сите парламентарни партии, со исклучок на АА, но ги исклучи конкретните одговорности на секоја од нив одделно. Кога станува збор за каков било успех во управувањето со ситуацијата, провладините медиуми на едната или другата страна ги презентираат помпезно. А за неуспесите, виновник е другиот, или никој. Во случај на враќање на коронавирусот – виновник е неодговорното и несовесното општество кое не носи маски, не ги почитува мерките и пред сè не верува дека овој вирус постои.
До почетокот на мај, оваа техничка влада се покажа на ниво на задачата, сè додека не беа споменати изборите што би се одржеле на почетокот на јуни. Од овој момент започна ширењето на вирусот. Во Струга нелегално се одржа ритуал на Македонската православна црква (МПЦ) за Свети Ѓорѓи, на кој присуствуваа десетици верници. Од друга страна, социјалните мрежи повикаа на отворање џамии. Паралелно, беа спроведени кампањи за дезинформација во избрани области, каде што успеаја да изградат нарацијата дека „вирусот не постои“, „ако одите во болница ќе ве убијат“ или „не треба да ги покажеш контактите доколку се утврди дека го имате вирусот СОВИД-19“ и така натаму.
Денес имаме застрашувачки број на нови случаи како резултат на целата оваа анархија. Само во Тетово, во текот на минатата недела имаме четири жртви на возраст од 40-49 години. За една недела, наместо да се намали, бројот на активни случаи се зголеми за скоро 100 заразени. Комисијата за инфективни болести издаде емотивна препорака кога советуваше олеснување на мерките, што може да се преведе и како „секој нека се соочи со својата судбина“.
Значи, имаме влада во која за пофалби сите се внатре, но за одговорност сите се во опозиција. Она што може да се утврди во моментот е дека земјата е со влада, но без владеење. Филозофот Томас Хобс вели дека општеството без влада е во сосотојба на природата. Во таа состојба сите се против секого, каде поединците се осамени, сиромашни, лоши, груби и мали. Хобс, како поборник за апсолутизам, вели дека без моќен владетел сите би се убиле меѓусебно. Неговата идеја е дека на секое општество му треба апсолутен владетел, кого секој ќе го почитува бидејќи ќе биде непобедлив и никој нема да се осмели да не ги почитува правилата што би ги поставил. Целта на овој голем владетел, според Хобс, би била да ги спречи луѓето да се уништат едни со други. Тој нема оптимистички пристап кон човекот во состојба на природата. Хобс ги напиша овие погледи во делото на Левијатан, непосредно по Англиската граѓанска војна во седумнаесеттиот век, конфликт што ги обликуваше неговите идеи за моќен владетел што ќе спречи самоуништување на општеството.
Од друга страна, го имаме филозофот Џон Лок, конституционалист кој се спротивставува на апсолутизмот на Хобс и се обидува да ја ограничи моќта на владата со закони и устав. Тој вели дека човекот има права што ги дава природата, односно Бога, и дека тие се неприкосновени, како што се: слободата, животот и имотот. Онаму каде Лок се согласува со Хобс е дека овие три природни човекови права се многу тешко да се одбранат во состојба на природа, односно без влада. Значи, во таква состојба некој што е посилен може да ви ја ограничи слободата, да ви го одземе имотот, па дури и вашиот живот. За да се гарантираат овие природни права, Лок вели дека мора да се постигне социјален договор што ќе биде одобрен и почитуван од сите, кој сега го знаеме како Устав.
Власта, според Лок, има должност да го спроведе овој општествен договор и да ги заштити слободата, животот и имотот на секој поединец. Ако тоа не успева да го стори, тогаш граѓаните имаат право да ја соборат таа преку револуција. Во овој случај, општеството се враќа во состојба на природата и од почеток гради нова власт, способна да ги заштити основните права.
Секако, потребна ни е влада според визијата на Лок, чија задача и моќ ќе бидат дефинирани и ограничени со уставот и законите, како социјален договор, влада која ќе биде во функција сè додека ги гарантира основните човекови права. Владата во Северна Македонија долго време не успеа да ги заштити двете од трите природни права на својот народ: слобода и живот. Со своите постапки придонело вирусот да заземе повеќе животи отколку во која било друга земја во регионот, додека со проширените карантински мерки ја ограничил слободата на движење на секого. Во овој случај, според Лок, граѓаните имаат право да ја соборат преку револуција. И оваа револуција, зошто да не бидат изборите, кои по сите изгледи ќе се одржат на 5 или 12 јули.