Заострување, олабавување, нови мерки…никој не спомнува крај, но нам очајно ни е потребен. Притисокот што го прави самата ситуација ги заразува нашиот ум и нашето секојдневие. На што ќе личи светот по Ковид-19? Како ќе изгледаат нашите заразени животи по завршувањето на пандемијата?
Автор: Катерина Топалова
Овој вирус ќе запише долг период во историјата, а сите ние ќе бидеме сведоци на една тажна и тешка година за човештвото. Никој нема да го глуми полковникот Буенадија од книгата „Сто години самотија“ на извонредниот Маркез. Во ова неповторливо дело тој зборува за голем масакр на војската која без милост ги убива работниците од плантажите за банани што излегле на штрајк. Буендија, искусен полковник со свои очи гледа како возови носат мртви тела. Сведокот на овој ужасен настан се враќа во градот, а таму никој не се сеќава наништо! Сите го убедуваат дека такво нешто не се случило, ниту протест, ниту убиства, па при здрава свест принуден е да се преиспитува дали сонувал, дали сам си измислувал или нешто му се случува?
Најавите за олабавување на мерките и отварање на границите нема сами по себе да ја избришат ситуацијата. Денот кога светот го изгаси светлото за да се спаси од биолошкото чудовиште кое нема милост ќе се памети, за него ќе учат генерации, а ние ќе бидеме сведоци на тоа време.
Нашиот живот кој го ставивме во рамка ќе треба да почека некој период за да може да се ослободи. Стравот од болест, постојаниот стрес дека нам или нашите најмили ќе бидат мета на некоја слична болест ќе остане можеби до крајот на животот. Психолозите и психијатрите ќе имаат полни раце работа да им помогнат на луѓето да си ја вратат нормалноста.
Сообраќајот на социјалните мрежи ќе остане да сведочи за и така големата зависност на зет-генерацијата која расте пред екранот. Животот на дистанца ќе добие нова динамика, контактите кои немаат физички допир ќе останат. Е-купувањето и онлајн нарачките за храна ќе се развиваат.
Онлајн платформите за работа и комуникација ќе станат се попопуларни. Фирмите ќе размислуваат за намалување на физичките работни места.
Начинот на работа од дома исто така би можел да доведе до егзодус на работниците од големите градови и до нивно преселување во помалку населени подрачја со пониски трошоци за живот. Бројни компании, за да ја преживеат економската и финансиска криза, ќе мора да отпуштат одреден број на работници и да го автоматизираат тоа што може да се автоматизира – но таков облик на работа претпоставува и бројни знаења со кои работодавците и работниците ќе мора да располагаат во новата економија по кризата.
Заразата ќе остави печат и во медицината. Значително ќе се смени начинот на функционирање а телемедицината или лечење од далечина ќе остане како нов правец кој се покажал како ефикасен.
Онлајн образованието нема да згасне. Многу универзитети и училишта ќе го задржат овој метод со кој ќе се совладува и ќе се одвива наставата.
Заразениот свет ќе живее по нови правила по завршувањето на пандемијата! Никој нема да заборави! Никој нема да престане да се сеќава!