четврток, ноември 30, 2023

Држава со две вистини

Живееме во држава во која за се има две вистини- едната која ја знаат сите и другата за која зборуваат сите. Во земја со два милиони народ, долга и широка да може да се прошета во еден ден, упорно се прават напори да се изгради паралелен свет. Има ли некоја трета „вистина“ што е различна од претходните две?

Автор: Катерина Топалова

Во последно време читам толкување дека коронавирусот е потсетување од природата да се свртиме кон себеси, кон семејството, кон вистината. Да се обединиме и да се промениме. Ако е ова пораката, се плашам дека кај нас вирусот ќе треба да потрае. 

Во време кога целиот свет се обидува да се обедини против невидливиот непријател кој коси пред себе, нашите политичари успеваат да најдат време и да направат политиканство од сопственото, здравјето на своите деца, своите семејства и своите граѓани. Едноставно е, природата не може да ни даде толку обединувачки предизвици колку што ние можеме да се поделиме. За се во Македонија има две вистини. И двете се објективни. Никој не ја почитува другата вистина оти длабоко е уверен дека неговата е вистинската. А една е, ја знаеме сите, ама упорно сакаме да веруваме во друга вистина. Ние сме едно општество кое има моќ да создава паралелна вистина. 

Има тестови за коронавирус или нема? Има донации од странски држави или нема? Има повеќе болни од официјалните прикажани или нема?

Од избори се откажаа, од кампања-не!

Политичари кои велат дека мислат на својот народ, не може во време на пандемија да не соработуваат заедно и да се препукуваат на прес конференции прикажувајќи паралелни вистини. Не може да глумат херои и губитници во време кога на секој смртта му дише во врат. 

Во светото писмо е запишано – вистината ќе ве ослободи. Нашите две во кои се вртиме во магичен круг постојано ни ставаат нови пранги.

Тажно е дека не постои ситуација која може да се препознае како приоритетна. Денес кога нема можност за поделба на богати и сиромашни, кога нема можност за поделба на етничка и верска определба, кога не е важно да ли сте млад или стар, болен или здрав, тажно е да создаваш две вистини.

Ситуацијата е доволно тешка за дополнително да ни ја отежнувате! Вие сте дел од нас, не над нас. Не создавајте паралелни светови кај здрави луѓе, кои можат и сакаат да сакаат, кои можат и сакаат да бидат единствени и заедно да победат во оваа борба. Не ја претварајте лагата во вистина, оти народот ќе најде начин да излезе и од двете!

 

Të fundit