среда, ноември 29, 2023

Моќта на стравот

Автор: Катерина Топалова 

„Стравот станува моќен, само кога ти ќе му дадеш моќ“, вели Робин Шарма. 

Во моменти кога цел свет живее во грч и не знае кога следно ќе ги опушти мускулите на душата, важно е да се игра гимнастика со умот. Се што не оди во прилог на оваа закана е да му се даде сила на уште еден уништувач на нашето здравје-стравот.

Човек се плаши од непознато, а оваа ситуација е пример како според учебник. Не знаеме се за вирусот, се плашиме за нашиот живот, за здравјето на нашите најблиски, за животот по болеста. Ќе го задржиме ли работното место? Ќе го преживееме ли периодот за време на и после заразата? Овој страв не прави робови. Се врзуваме на ланец на сопственото ропство, сметајќи го за животна предодреденост, судбина, природен ред на нештата. Следната фаза е претварање на стравот во доблест. Ропството станува обврзувачко и пожелно. 

Стануваме најдобри чувари на она што не уништува, што го негира нашето право на живот. Притоа, сета одговорност е само на нас, на секој поединец.

Она што е важно е да имаме контрола над себеси. Стравот е парализа за умот, за нашите мисли и чувства. Стравот е чувство на немоќ и покорност. Станува индивидуална и колективна параноја кога ќе се изгуби довербата во институциите, а кај нас со години еродираше оваа врска. 

Стравот е силна, моќна емоција, реакција, кога се соочуваме со закана, без разлика дали е реална или антиципирана. Реакциите на стравот можат да бидат различни. 

Оваа ситуација не е моментална закана, туку еден предизвик, кој ние треба да почнеме да го прифаќаме и да се адаптираме. 

Како да се ослободиме од стравот

Во овој момент, наместо да го храниме, потребно е да сфатиме дека од стравот ќе се ослободиме единствено со големи промени на секојдневното функционирање. 

Голема заблуда е дека храбрите луѓе не се плашат. Ако разговарате со некој кого го сметате за храбар човек, тој сигурно ќе ви каже дека можеби „умира од страв“, но делува и презема некакви чекори наспроти стравот кој го чувствува.

Стравот и храброста се директно поврзани. Храброста бара страв за да може да се покаже како личен квалитет и вредност. Нема потреба за храброст ако не се плашиме од нешто. 

„Храброста не е недостиг од страв, туку свесност дека нешто друго е поважно од стравот.“ 

Стравот го затвора вашиот ум. Знаете како се создава мувла? Таа живее во затворена, топла, темна средина, каде нема многу кислород.

Научниците работат на наоѓање лек за коронавирусот, но секој од нас мора да најде лек за сопствениот страв. Да работи на него и да се ослободи од неговите стеги. Во спротивно, уплашената индивидуа е мета на се` дури и ако тоа не носи име Корона. Многу исплашени индивидуи се општество кое живее во страв и со кое подоцна многу лесно се манипулира.

 

Të fundit