петок, декември 13, 2024

ПОЛИТИЗАЦИЈА НА БОЛЕСТА

Итно треба да се откажат изборите кои би требало да се оджат во рок од неколку недели. Зашто, политичкиот инстикт е секогаш спремен невољата на другиот да ја стави во служба на партискиот и личниот интерес да се дојде или да се остане на власт.

Пишува: Денко Малески

Кога, среде епидемија, претставник на партија ќе ви каже дека имаат подготвено два тима стручњаци, а друга партија дека подготвува илјадници доброволци кои би им помагале на заболените, разбирате дека нешти не е во ред. Би било навистина смешно, но и застрашувачко за нивните граѓани,  кога претставник на демократската партија на Америка или на лабуристите на Британија би рекле дека имаат подготвено свои тимови стручњаци за борба против корона вирусот или доброволци за првите борбени линии. Јавното здравје, имено, е грижа на државата. Партиите учествуваат во креирањето на здравствената политика преку парламентот и владата, но не и преку директна акција која би можела да предизвика разногласие кога единството е најпотребно. Всушност, во време на епидемија какво што е ова, ќе видиме колку сериозно работеле партиите на полето на подобрување на состојбите во здравството. Сега кога епидемијата е тука, на тест е нешто друго: способноста на партиите да се обединат во борбата за здравјето на граѓаните. Да, потребно е да се знае вистината за капацитетите на здравствениот систем кој, низ години, го градат токму партиите, но од дебатата треба да се елиминира најнепосредниот извор на политизација на темата здравство. Итно треба да се откажат изборите кои би требало да се оджат во рок од неколку недели. Зашто, политичкиот инстикт е секогаш спремен невољата на другиот да ја стави во служба на партискиот и личниот интерес да се дојде или да се остане на власт. Ако продолжи политизацијата, корона вирусот би можел да добие и партиско обележје. Затоа, да повторам, изборите треба веднаш да се одложат до целосно оздравување на општеството, а силите на сите партии да се впрегнат во заедничкиот напор да се спасиме од чумата. Не помагаат моралните лекции од водствата на партиите дека во време на епидемија не треба политички да се злоупотребува ситуацијата. Така е само во идеалниот свет, додека во реалниот свет на политиката таа се злоупотребува.

Сега не е време за анализи на политичкиот систем на државата. Дека подобро ќе беше ако лидерската средба се одржеше кај претседателот на републиката, институција која треба да прерасне во симбол на единство на државата. Дека уште подобро ќе беше ако  најистакнатите претставници на лекарската професија беа поредени зад претседателот со што ќе се намалеше политизацијата на борбата со опасниот вирус. Оти, како што веќе забележуваме, пред избори, целата дебата лесно преминува во партиско наддавање дека „се е сторено“ или дека „ништо не е сторено“. Кога така се води дискусија, нема една објективна процена на ситуацијата, за она што не интересира како граѓани. Зашто, познат е фактот дека, како и другите балкански земји, имаме здравствен систем кој тешко може да се справи со епидемија од големи пропорции па затоа е опасно, среде епидемија, прашањето да се политизира.

Треба сите, партии, здруженија, поединци, да застанат зад владата со цел побезболно да ја прегрмиме невољата во која се наоѓаме заедно со целиот свет, а потоа да видиме кои се лекциите кои сме ги научиле за подобро да ги пречекаме идните кризи./Inbox7.mk

Të fundit