четврток, септември 12, 2024

Марш за пребројување

Автор: Катерина Топалова 

Изгледа навистина останавме многу малку луѓе во земјава. Се чувствува и во иновативните идеи на партиите. Не дека некогаш изненадиле со кој знае што, ама сега веќе очајно се гледа дека сме „празни“. Дека имаме недостаток од кадар покажува фактот дека исти човек ги советува политичарите и им ги крои активностите.

Кога минатата недела Заев најави марш за правда по три години власт, мислев дека нешто не сум разбрала добро. Кога видов всушност дека немало што подобро да се разбере, си реков-до мене е!

ВМРО-ДПМНЕ првично ја исмејаа идејата. Реков, ете една разумна реакција. Кога всушност они да ти биле љубоморни. Не помина ни една недела, опозицијата со исто сценарио излезе на улица. По 11 години власт-бараат правда.

Се обидов да ја замислам сликата. Недостасуваат идеи, па се нашол еден најпаметен, ги викнал главните на партиите во Маврово, им направил викенд семинар и им кажал како е најдобро да дејствуваат за да ги убедат гласачите. Не знам дали и ДУИ успеале да стигнат на време за семинарот, ама неделава ќе се знае точно.

Очајно е да маршираш за правда кога народот ти дал можност да и овозможиш таа да завладее. Ниту во претходните 11 ниту во последните три не ги исполнивте вашите ветувања. Затоа сега марширањето изгледа како очајнички потег. Немоќ да се справите со предизвикот. А која е логиката да му се дава повторна шанса и моќ на немоќниот?

Лоши ви се идеите. Празни. 

Во сите овие години не дозволивте да се направи ниту попис, од страв. Ама ете, ако маршот ви служи за пребројување, тогаш сигурно ви е јасно дека работата не е добра. 

До душа ве разбирам и вас. Владеењето на правдата значи ваше паѓање. Природно е борбата да оди до крај. 

Марширајте додека има со кого. Малку-малку. Сега веќе ги цените сите чевли кои ќе одлучат да ви се придружат. Не се многу! Повеќе се оние кои секојдневно оставаат траг на аеродромите. Обично се само во еден правец. Тој марш е тивкиот отпор кој не сакате да го слушнете. 

Старите велат-не се расправај со луд човек! Младите тоа и го прават! Не се расправаат! Едноставно си заминуваат!

Затоа предлагам следниот марш да ви биде од првата патарина до аеродром! Најбројна ќе биде а и ќе не испратите како што е ред!

 

Të fundit