недела, декември 10, 2023

За кого работи техничката влада?

Автор: Катерина Топалова

 

„За да не може некој да има алиби и изговори за резултатите од изборите се согласивме почнувајќи од 20-ти октомври, па до изборите, СДСМ по претходна консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да даде предлог за технички министер за внатрешни работи, што значи личност која на ниту еден начин не се поврзува со ниту една политичка партија.

Воедно,отворивме можност СДСМ да предложи министер за труд и социјална политика од истито датум. Истовремено, во овие две министерства, ВМРО-ДПМНЕ ќе именува свои заменици министри со право на увид и вето за сите прашања поврзани со изборите“. Ваква изјава даде тогашниот премиер Никола Груевски, во јули 2015 година кога партиите го потпишаа договорот во Пржино. 

Водејќи се според истиот, пред овие избори, повторно се почитува славниот договор. Формирајќи преодна или техничка влада, се ставија нов премиер, нови министри и нивни заменици. На партиите им е важно никој да не може да влијае на изборниот процес а со тоа и да ја наруши демократијата. Би требало тоа да им е важно и на граѓаните.

Но што заборави техничката влада?

Формирајќи го старо-новиот состав, владиниот кабинет заборави дека и на 100 дена пред избори треба да работи за граѓаните и да им го олесни секојдневното функционирање.

Апсурдна е ситуацијата уште на самиот почеток. Во секое министерство партиите си имаат свои членови. Некои на челно, некои на заменичко место. Овие луѓе кои треба да работат за граѓаните, не седат во иста кнацеларија. Работните соби им се на различни катови, а за некои од нив нема ниту работно биро. 

Секојдневно се натпреваруваат кој ќе пушти повеќе соопштенија во кои ќе ја критикува другата страна. Напорно е да се следи од почеток до крај за што се се обвинуваат. Речиси ниту еден од нив не нуди решение додека критикува нечија мерка.

Пред и по стапувањето на сила на техничката влада, членовите се потрудиле да наместат соодветни сопки. Едни на други си прават замки и работат се клеветат преку медиумите исклучиво со популистичка реторика.

Кризата со пасошите е најголемото огледало за функционалноста на техничката влада. Рушењето на уставно загарантираното право на секој граѓанин е прекршено. Кој ќе одговара? Нормално, никој! Кој ја плаќа цената? Нормално, граѓаните! За кого работи техничката влада? Нормално, исклучиво за партиски интереси! Таа е последниот удар за нок даун на држава која преживува!

Не знам како ја замислувале техничката влада во не толку далечната 2015 година, но очигледно дека добро размислувале како да ја зафркнат идејата! Да не се лажеме, на 100 дена пред избори има хаос кој некој одлучил да го вика техничка влада. И таа не работи за граѓаните, зашто нејзината работа е надмудрување на политичкиот опонент.

На првиот час на студиите по новинарство нашиот професор ни кажа мудра мисла:

„ Можеш да лажеш некои луѓе цело време,

Можеш да ги лажеш сите луѓе некое време,

Но не можеш да ги лажеш сите луѓе цело време!“

Техничката влада ја губи смислата. Се плашам дека и изборите ќе можат да ја изгубат смислата ако ги изгубат своите гласачи!

Të fundit